Конечни резултати од регионалниот натпревар 2026
Конечни резултати од регионалниот натпревар 2026 Read More »
Во периодот од 23-ти до 27-ми февруари, во Љубљана, Словенија, успешно се одржа втората по ред Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2026) – меѓународен натпревар посветен на напредни теми од информатиката, алгоритмите и вештачката интелигенција, наменет за талентирани средношколци од целиот свет. ИОВИ претставува нова и брзорастечка олимпијада чија цел е да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и вештини во областа на современата информатика, со посебен акцент на вештачката интелигенција, машинското учење, анализа на податоци и алгоритамско размислување.
На ова издание на олимпијадата учествуваа вкупно 95 внимателно селектирани ученици од 24 држави од целиот свет како САД, Кина, Русија, Турција, Велика Британија, Нов Зеланд, кои низ повеќедневни натпреварувачки активности се соочија со серија високо предизвикувачки и иновативни задачи. Задачите беа осмислени така што од натпреварувачите се бараше длабинско разбирање на проблемите, способност за моделирање, развој на ефикасни алгоритамски решенија, како и примена на концепти од современата вештачка интелигенција.
Покрај натпреварувачкиот дел, ИОВИ 2026 понуди и богата едукативна и социјална програма, која овозможи размена на идеи, искуства и воспоставување на нови пријателства и идни соработки помеѓу младите информатичари – идни лидери во технолошкиот развој на своите земји.
Здружението на информатичарите на Македонија за учество на олимпијадата избра четиричлен ученички тим, составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов, Филип Калкашлиев и Тодор Пљаков, предводени од тим лидерите Емил Станков и Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Македонските ученици остварија одличен резултат, при што беа освоени две бронзени медали, и тоа од Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ и Андреј Ангелов од Македонска Каменица, ученик во Математичко информатичката гимназија во Скопје.
Според претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, кој е член на Интернационалниот комитет на олимпјадата: „Овој успех претставува значајно меѓународно признание за квалитетот на македонските млади информатичари и за континуираната работа и посветеност во развојот на таленти во областа на информатиката. Во Македонија вештачката интелигенција како научна дисциплина се негува на ФИНКИ, а веќе четврта генерација средношколци во специјализираната државна Математичко-информатичка гимназија следи предмет Интелигентни системи. Тоа покажува дека визијата што ја имавме уште од 2012. за специјализирана гимназија за таленти и плановите и програмите кои ги изработивме во 2018. година се навремени чекори, кои сега ни овозможуваат да сме конкурентни на интернационално ниво. Во период кога се изработува новата концепција за гимназиско образование во Македонија апелирам наместо кон намалување да се оди кон зголемување на информатиката и информатичките теми во наставата. Би сакал да искажам благодарност до Министерот за дигитална трансформација и компанијата Некстсенс за поддршката која ни ја пружија за учество на оваа олимпијада, неопходна да може да учествуваме и да го покажеме македонското знаење пред светот.“
Следната, трета по ред, Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2027), ќе се одржи идната година во Виетнам.
Веб страна за настанот: https://iaio-official.org/ .




Ги известуваме сите заинтересирани ученици од средните училишта во Република Македонија дека во организација на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), за прв пат ќе се одржи изборен натпревар за формирање тим што ќе ја претставува Македонија на Интернационалната олимпијада по вештачка интелигенција (International Artificial Intelligence Olympiad – IAIO 2026)
во Љубљана, Словенија (повеќе информации: https://www.iaio-official.org/).
Изборниот натпревар ќе се одржи:
Право на учество има секој ученик од средните училишта во Македонија, без разлика на училиштето или градот од кој доаѓа.
📌 Рок за пријавување:
среда, 28 јануари 2026 година, до 20:00 часот
Натпреварот има за цел да ги избере најдобрите четири ученици кои ќе ја претставуваат државата на Интернационалната олимпијада по вештачка интелигенција – IAIO 2026.
Повеќе информации за форматот на натпреварот и потребната подготовка може да најдете овде: Macedonian Competition for IAIO
За да се пријавите за учество на изборниот натпревар, потребно е да ја пополните анкетата на следниот линк: https://forms.gle/2Lr5YSbuvkwKa6b97
Ги охрабруваме сите заинтересирани и мотивирани ученици да се пријават и да ја искористат оваа можност за учество на овој престижен меѓународен натпревар.
СООПШТЕНИЕ – Изборен натпревар за тим што ќе ја претставува Македонија на IAIO 2026 Read More »
Ново одлично претставување на младите македонски ученици – информатичари, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика. На 18-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24-ти до 30-ти октомври се одржува во Ларнака, Кипар, нашите ученици остварија значаен резултат. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години, составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и еден бронзен медал. Со овие два медали, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година изнесува два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници – остварување што е достојно за почит, дури и за многу поголеми држави.
Членовите на македонскиот тим за ЈБОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари кој континуирано го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава по 36-ти пат. Натпреварите се одвиваат преку системот mendo.mk, достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И оваа година циклусот натпревари беше реализиран со поддршка на ФИНКИ, „Бистри умови“, како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Семос Едукација и Винчини.
Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години од земјите на Балканскиот регион. Секоја земја учествува со тим од најмногу четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер, а натпреварувачите решаваат алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.
Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 е Република Кипар, а главен организатор е Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар. На олимпијадата учествуваат вкупно 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Марко Кренков, а бронзениот – Владимир Грчев, додека Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се враќаат со олимписка пофалба.
Во својата изјава, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов истакна дека нашите млади информатичари покажуваат континуитет на врвни достигнувања и силен потенцијал за идни меѓународни успеси. „Горди сме на секој од нашите натпреварувачи – не само поради освоените медали, туку и поради сериозноста, посветеноста и професионалниот настап што го покажаа во текот на целата година и на самото натпреварување. Нивниот резултат не се само моментален успех туку е знак дека во следните години ќе имаме силни тимови и на сениорските натпревари како Интернационалната и Балканската олимпијада“. Тој додаде дека подготовките за следниот циклус натпревари започнуваат веднаш по завршувањето на оваа олимпијада, со цел да се задржи и унапреди високото ниво на резултати кое Македонија го постигнува во последните години, и ги повика сите заинтересирано ученици да се вклучат во натпреварите. „Ние неуморно продолжуваме да работиме со младите таленти. Нашата цел не е само освојување на медали, туку создавање генерации кои ќе продолжат да го развиваат дигиталниот и технолошкиот екосистем на земјата“, нагласи тој.
Следната, 19-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026) ќе се одржи идната година во Сараево, Босна и Херцеговина.
Веб страна за настанот: https://jboi2025.schools.ac.cy/en/.







