Последни настани

Македонските млади информатичари ја заокружија успешната година за Македонија со бронзен медал и олимписка пофалба на олимпијадата во Сараево

Ново одлично претставување на Здружението на информатичарите на Македонија, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика, преку резултатот на 19-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика, која од 22-ри до 28-ми септември се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.

Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години, беше составен од натпреварувачите Зоран Илијоски од Кичево, Јаков Грујовски од Скопје, Панче Бансколиев од Струмица и Иан Стевков од Скопје. Тие беа предводени од лидерите Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Во улога на претседател на БОИ иницијативата, дел од тимот беше и проф. д-р Миле Јованов од ФИНКИ. Овој тим освои еден бронзен медал и една олимписка пофалба. Заедно со овој резултат, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните олимпијади на кои учествуваше Здружението во текот на оваа година изнесува два сребрени, десет бронзени медали и четири олимписки пофалби – остварување со кое би биле задоволни и многу поголеми држави.

Членовите на македонскиот олимписки тим беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари кој редовно го организира Здружението на информатичарите на Македонија, годинава по 37-ми пат, а со поддршка на ФИНКИ, како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос Едукација.

Официјален домаќин на олимпијадата е Босна и Херцеговина, во организација на асоцијацијата „Информатички олимпијади во Босна и Херцеговина“, а под генерално финансиско покровителство на државата. На олимпијадата учествуваат вкупно 55 натпреварувачи од следниве 10 земји членки: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција, како и од земјите гости: Саудиска Арабија, Украина и Велика Британија. Во ваква силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Зоран Илијоски, додека олимписката пофалница ја освои Панче Бансколиев.

Следната, 20-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2027) ќе се одржи идната година во Грција.

            Веб страна за настанот: https://jboi2026.bhoi.ba/.

Македонските млади информатичари ја заокружија успешната година за Македонија со бронзен медал и олимписка пофалба на олимпијадата во Сараево Read More »

Сите членови од македонскиот тим на Балканската олимпијада по информатика во Тирана, Албанија се враќаат со одличје

Од 14-ти до 20-ти септември, во Тирана, Албанија, се одржува 33-тата по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026), а домаќин на настанот е STEM Hub Center. Македонскиот тим на овој престижен регионален натпревар во програмирање го сочинуваат натпреварувачите Владимир Грчев од Кочани, Дамјан Давков од Штип, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица, предводени од тим лидерите Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Во силна регионална и меѓународна конкуренција, Владимир Грчев освои сребрен медал, а Дамјан Давков бронзен медал. Никола Стојковски и Марко Кренков, пак, освоија олимписки пофалби. На настанот проф. Миле Јованов повторно беше избран за Претседател на Балканската олимпијада во следниот тригодишен мандатен период.

Учениците кои се дел од македонскиот тим за БОИ 2026 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 37-ми пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи, а циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос едукација.

Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвен натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров, а се организира секоја година од 1993 година наваму. На овогодинешното, 33-то издание, учествуваат натпреварувачи од 13 земји-членки на БОИ заедницата (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција), а како гости настапуваат и претставници на уште пет земји (Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина). Учениците се натпреваруваат индивидуално во решавање на алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Во изјавата на Претседателот на Здружението, проф. д-р Миле Јованов се вели: „Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Ваквиот континуитет на резултати не е случаен, туку е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ.“

Следниот настан кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која ќе се одржи од 22-ри до 28-ми септември во Сараево, Босна и Херцеговина. Следната, 34-та по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2027), ќе се одржи идната година во Турција.

Веб страна за настанот: https://boi2026.al/

Сите членови од македонскиот тим на Балканската олимпијада по информатика во Тирана, Албанија се враќаат со одличје Read More »

Еден сребрен и две бронзени медали за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика во Ташкент, Узбекистан

Од 9-ти до 16-ти август, во Ташкент, Узбекистан, се одржува 38-мата по ред Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2026), најпрестижниот светски натпревар за средношколци во областа на алгоритамското програмирање. Овогодишното издание е прво одржување на ИОИ во Узбекистан, а Македонија повторно се претстави со извонредни резултати на највисокото светско ниво. Македонскиот тим го сочинуваат натпреварувачите Дамјан Давков од Штип, Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Виктор Максимоски од Гостивар, предводени од тим лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Во исклучително силна меѓународна конкуренција, Дамјан Давков, освои сребрен медал, додека Владимир Грчев и Никола Стојковски освоија бронзени медали. Виктор Максимоски, пак, освои олимписка пофалба.

Учениците кои се дел од македонскиот тим за ИОИ 2026 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 37-ми пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос едукација.

Посебно значење има успехот на Дамјан Давков, ученик од Математичко-информатичката гимназија, за кого ова е трет последователен сребрен медал на олимпијада, а во првото од неговите 4 учества освои бронзен медал. Со новиот успех, Давков се издвојува како најуспешниот македонски учесник во историјата на ИОИ, со вкупно четири медали од ова престижно натпреварување.

За Владимир Грчев од училиштето Јахја Кемал и Никола Стојковски од Математичко информатичката гимназија ова е прво учество на ИОИ, што нивниот успех го прави особено значаен. Уште при дебито, двајцата успеаја да освојат бронзени медали, а нивниот резултат е силна потврда дека Македонија има нова генерација талентирани млади информатичари способни за врвни меѓународни остварувања.

Според изјавата на проф. Јованов: Со овогодишните три медали, од првото учество во 1996 година до сега, Македонија има освоено вкупно 7 сребрени, 26 бронзени медали и 5 олимписки пофалници на ИОИ. Овој биланс претставува исклучително значаен резултат за земја со помалку од два милиони жители и е потврда за континуитетот, квалитетот и нашата посветеност во развојот на младите таленти во информатиката. Особено е значајно што повеќето од одличјата се освоени во последните петнаесет години, а веќе две години по ред сите четири членови од македонскиот тим се враќаат со одличје.

Интернационалната олимпијада по информатика е водечки светски натпревар во областа на алгоритамско програмирање, наменет за средношколци, кој секоја година се организира во различна земја-членка на ИОИ заедницата. Станува збор за најпрестижниот настан од ваков вид, на кој учествуваат внимателно селектирани млади таленти од целиот свет. Според официјалните правила на ИОИ, натпреварувачите настапуваат индивидуално во дводневен натпревар, при што секој натпреварувач решава по три алгоритамски задачи во времетраење од пет часа во секој од натпреварувачките денови. Натпреварот ги проверува и унапредува вештините за анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање, тестирање и оптимизација на решенијата.

Овогодинешата олимпијада е историска и по обемот на учеството од вкупно 375 натпреварувачи од 92 земји, што ја прави најмасовната ИОИ во историјата, почнувајќи од првата олимпијада одржана во Бугарија во 1989 година. Оваа бројност дополнително ја нагласува тежината на постигнатите резултати на македонскиот тим. Годинава, најуспешен натпреварувач беше претставникот на Кина, Чивун Шу.

Следната, 39-та по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2027), ќе се одржи идната година во Постдам, Германија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ), која ќе се одржи во Тирана, Албанија, во периодот од 14-ти до 20-ти септември.

Веб страна за настанот: https://ioi2026.uz/. 

Еден сребрен и две бронзени медали за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика во Ташкент, Узбекистан Read More »

Јуниорите ја продолжуваат традицијата: Бронзен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика што се одржува во Каунас, Литванија

На јубилејната 10-та по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2026), која од 24-ти до 30-ти јули се одржува во Каунас, Литванија, младите македонски информатичари повторно остварија значаен меѓународен успех. Во силна конкуренција на најталентираните ученици од Европа и пошироко, нашиот Зоран Илијоски од Кичево освои бронзен медал, а професорот Миле Јованов беше избран за претставник во управувачкиот комитет на олимпијадата.

Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување беше претставена од тим составен од четворица натпреварувачи: Зоран Илијоски, Јаков Грујовски, Иан Стевков и Панче Бансколиев. Тим-лидери на македонската делегација беа д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Учениците кои ја претставуваа Македонија на ЕЈОИ 2026 беа избрани преку целогодишниот циклус натпревари што традиционално го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а кој оваа година се одржа по 37-ми пат. Натпреварите се реализираат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани ученици. И годинава циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании кои континуирано го поддржуваат развојот на младите информатичари: Сорсикс, Нетцетера и Семос Едукација.

Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) претставува едно од најзначајните меѓународни натпреварувања во алгоритамско програмирање за ученици до 15,5 години. Секоја земја-учесник на ЕЈОИ учествува со тим составен од 4 натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер. Натпреварувачите решаваат комплексни алгоритамски задачи во текот на два натпреварувачки дена, при што се оценуваат нивните способности за анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и имплементација на ефикасни програмски решенија. На ЕЈОИ 2026 учествуваа вкупно 100 ученици од 25 европски земји. Годинешното издание на олимпијадата се одржа во Каунас, Литванија, но за прв пат во историјата како коорганизација на две земји: Литванија и Украина. Вкупен победник на натпреварот со освоен златен медал беше Андреј Немцишор од Романија.

Освоениот бронзен медал претставува продолжување на континуитетот на успешни настапи на македонските ученици на најпрестижните меѓународни олимпијади по информатика. Особено охрабрува фактот што Зоран Илијоски беше на само триесетина поени од освојување на сребрен медал, што дополнително ја потврдува конкурентноста на македонските ученици во европски рамки.

Следната, 11-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2027) ќе се одржи идната година во Казахстан. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2026), која ќе се одржи од 9-ти до 16-ти август во Ташкент, Узбекистан.

Веб страна за настанот: https://www.ejoi2026.lmio.lt/.

Јуниорите ја продолжуваат традицијата: Бронзен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика што се одржува во Каунас, Литванија Read More »

Македонските ученици освојуваат медали и во областа на вештачката интелигенција: Три бронзени медали за Македонија на Европската олимпијада

Во периодот од 14-ти до 19-ти јули, во Клуж-Напока, Романија, успешно се одржа првото издание на Европската олимпијада по вештачка интелигенција (ЕОВИ 2026) – престижен меѓународен натпревар наменет за најталентираните средношколци од областа на вештачката интелигенција. Олимпијадата има за цел да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и вештини во областите на машинското учење, анализа на податоци, оптимизацијата и алгоритамското размислување, преку решавање на комплексни практични задачи.

На првото издание на оваа олимпијада учествуваа речиси 90 внимателно избрани ученици од 23 европски држави, како и гостински тимови (во неофицијална конкуренција) од неколку држави надвор од Европа: Алжир, Иран, Казахстан, Малезија, Порторико, Руанда, Обединетите Арапски Емирати и Виетнам. Во текот на двата натпреварувачки дена, учениците решаваа задачи кои бараа длабоко разбирање на современите методи на вештачката интелигенција, развој и тренирање на модели, како и примена на напредни алгоритамски техники. Покрај натпреварувачкиот дел, олимпијадата понуди богата едукативна и социјална програма, овозможувајќи размена на знаење и искуства и воспоставување нови соработки помеѓу младите таленти од Европа.

Македонија на олимпијадата беше претставена со тим од Здружението на информатичарите на Македонија составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од прилепската гимназија, Тодор Пљаков од велешката гимназија, како и Андреј Ангелов и Анастасија Пецевска од државната математичко-информатичка гимназија, предводени од тим лидерите м-р Владислав Бидиков и м-р Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Македонскиот тим оствари извонреден успех, при што Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов и Тодор Пљаков освоија бронзени медали.

Во изјавата на претседателот на Здружението на информатичарите, проф. д-р Миле Јованов се вели:

„Освојувањето на три бронзени медали претставува значајно меѓународно признание за квалитетот, знаењето и посветеноста на македонските млади информатичари, како и потврда за нивната конкурентност на европската сцена. За постигнување на овој успех тимот дојде подготвен, благодарение на соработката на здружението со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во рамките на новиот проект „Везилка“ кој меѓу другото работи и на зголемување на базата со таленти во областа на вештачката интелигенција. Подготовките опфатија интензивна работа на задачи од областа на вештачката интелигенција, алгоритмите и машинското учење, овозможувајќи им на учениците да стекнат знаења и искуство неопходни за успешно претставување на Македонија на ова престижно европско натпреварување.“

Европската олимпијада по вештачка интелигенција (ЕОВИ) претставува исклучително значајна иницијатива која има за цел да го поттикне интересот на младите за најсовремените технологии и да придонесе кон создавање нова генерација истражувачи, инженери и иноватори во областа на вештачката интелигенција. Преку вакви натпревари се промовираат знаењето, креативноста и меѓународната соработка, а младите добиваат можност да се натпреваруваат и да учат во исклучително мотивирачка средина.

Веб страна за настанот: https://euroai-official.org

Македонските ученици освојуваат медали и во областа на вештачката интелигенција: Три бронзени медали за Македонија на Европската олимпијада Read More »

Два бронзени медали за Македонија на втората Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција во Љубљана

Во периодот од 23-ти до 27-ми февруари, во Љубљана, Словенија, успешно се одржа втората по ред Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2026) – меѓународен натпревар посветен на напредни теми од информатиката, алгоритмите и вештачката интелигенција, наменет за талентирани средношколци од целиот свет. ИОВИ претставува нова и брзорастечка олимпијада чија цел е да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и вештини во областа на современата информатика, со посебен акцент на вештачката интелигенција, машинското учење, анализа на податоци и алгоритамско размислување.

На ова издание на олимпијадата учествуваа вкупно 95 внимателно селектирани ученици од 24 држави од целиот свет како САД, Кина, Русија, Турција, Велика Британија, Нов Зеланд, кои низ повеќедневни натпреварувачки активности се соочија со серија високо предизвикувачки и иновативни задачи. Задачите беа осмислени така што од натпреварувачите се бараше длабинско разбирање на проблемите, способност за моделирање, развој на ефикасни алгоритамски решенија, како и примена на концепти од современата вештачка интелигенција.

Покрај натпреварувачкиот дел, ИОВИ 2026 понуди и богата едукативна и социјална програма, која овозможи размена на идеи, искуства и воспоставување на нови пријателства и идни соработки помеѓу младите информатичари – идни лидери во технолошкиот развој на своите земји.

Здружението на информатичарите на Македонија за учество на олимпијадата избра четиричлен ученички тим, составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов, Филип Калкашлиев и Тодор Пљаков, предводени од тим лидерите Емил Станков и Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Македонските ученици остварија одличен резултат, при што беа освоени две бронзени медали, и тоа од Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ и Андреј Ангелов од Македонска Каменица, ученик во Математичко информатичката гимназија во Скопје.

Според претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, кој е член на Интернационалниот комитет на олимпјадата: „Овој успех претставува значајно меѓународно признание за квалитетот на македонските млади информатичари и за континуираната работа и посветеност во развојот на таленти во областа на информатиката. Во Македонија вештачката интелигенција како научна дисциплина се негува на ФИНКИ, а веќе четврта генерација средношколци во специјализираната државна Математичко-информатичка гимназија следи предмет Интелигентни системи. Тоа покажува дека визијата што ја имавме уште од 2012. за специјализирана гимназија за таленти и плановите и  програмите кои ги изработивме во 2018. година се навремени чекори, кои сега ни овозможуваат да сме конкурентни на интернационално ниво. Во период кога се изработува новата концепција за гимназиско образование во Македонија апелирам наместо кон намалување да се оди кон зголемување на информатиката и информатичките теми во наставата. Би сакал да искажам благодарност до Министерот за дигитална трансформација и компанијата Некстсенс за поддршката која ни ја пружија за учество на оваа олимпијада, неопходна да може да учествуваме и да го покажеме македонското знаење пред светот.“

Следната, трета по ред, Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2027), ќе се одржи идната година во Виетнам.

Веб страна за настанот: https://iaio-official.org/ .

Два бронзени медали за Македонија на втората Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција во Љубљана Read More »

СООПШТЕНИЕ – Изборен натпревар за тим што ќе ја претставува Македонија на IAIO 2026

Ги известуваме сите заинтересирани ученици од средните училишта во Република Македонија дека во организација на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), за прв пат ќе се одржи изборен натпревар за формирање тим што ќе ја претставува Македонија на Интернационалната олимпијада по вештачка интелигенција (International Artificial Intelligence Olympiad – IAIO 2026)
во Љубљана, Словенија (повеќе информации: https://www.iaio-official.org/).

Изборниот натпревар ќе се одржи:

  • Датум: 1 февруари 2026 година
  • Време: почеток во 11:00 часот
  • Локација: просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), на ТМФ, во Скопје

Право на учество има секој ученик од средните училишта во Македонија, без разлика на училиштето или градот од кој доаѓа.

📌 Рок за пријавување:
среда, 28 јануари 2026 година, до 20:00 часот

Натпреварот има за цел да ги избере најдобрите четири ученици кои ќе ја претставуваат државата на Интернационалната олимпијада по вештачка интелигенција – IAIO 2026.

Повеќе информации за форматот на натпреварот и потребната подготовка може да најдете овде: Macedonian Competition for IAIO

За да се пријавите за учество на изборниот натпревар, потребно е да ја пополните анкетата на следниот линк: https://forms.gle/2Lr5YSbuvkwKa6b97

Ги охрабруваме сите заинтересирани и мотивирани ученици да се пријават и да ја искористат оваа можност за учество на овој престижен меѓународен натпревар.

СООПШТЕНИЕ – Изборен натпревар за тим што ќе ја претставува Македонија на IAIO 2026 Read More »

Македонските јуниори-информатичари ја заокружија успешната година за Македонија: Еден сребрен и еден бронзен медал на Јуниорската балканска олимпијада по информатика што се одржува во Ларнака, Кипар

Ново одлично претставување на младите македонски ученици – информатичари, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика. На 18-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24-ти до 30-ти октомври се одржува во Ларнака, Кипар, нашите ученици остварија значаен резултат. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години, составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и еден бронзен медал. Со овие два медали, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година изнесува два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници – остварување што е достојно за почит, дури и за многу поголеми држави.

Членовите на македонскиот тим за ЈБОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари кој континуирано го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава по 36-ти пат. Натпреварите се одвиваат преку системот mendo.mk, достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И оваа година циклусот натпревари беше реализиран со поддршка на ФИНКИ, „Бистри умови“, како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Семос Едукација и Винчини.

            Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години од земјите на Балканскиот регион. Секоја земја учествува со тим од најмногу четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер, а натпреварувачите решаваат алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 е Република Кипар, а главен организатор е Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар. На олимпијадата учествуваат вкупно 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Марко Кренков, а бронзениот – Владимир Грчев, додека Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се враќаат со олимписка пофалба.

            Во својата изјава, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов истакна дека нашите млади информатичари покажуваат континуитет на врвни достигнувања и силен потенцијал за идни меѓународни успеси. „Горди сме на секој од нашите натпреварувачи – не само поради освоените медали, туку и поради сериозноста, посветеноста и професионалниот настап што го покажаа во текот на целата година и на самото натпреварување. Нивниот резултат не се само моментален успех туку е знак дека во следните години ќе имаме силни тимови и на сениорските натпревари како Интернационалната и Балканската олимпијада“. Тој додаде дека подготовките за следниот циклус натпревари започнуваат веднаш по завршувањето на оваа олимпијада, со цел да се задржи и унапреди високото ниво на резултати кое Македонија го постигнува во последните години, и ги повика сите заинтересирано ученици да се вклучат во натпреварите. „Ние неуморно продолжуваме да работиме со младите таленти. Нашата цел не е само освојување на медали, туку создавање генерации кои ќе продолжат да го развиваат дигиталниот и технолошкиот екосистем на земјата“, нагласи тој.

            Следната, 19-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026) ќе се одржи идната година во Сараево, Босна и Херцеговина.

Веб страна за настанот: https://jboi2025.schools.ac.cy/en/.

Македонските јуниори-информатичари ја заокружија успешната година за Македонија: Еден сребрен и еден бронзен медал на Јуниорската балканска олимпијада по информатика што се одржува во Ларнака, Кипар Read More »

Резултат за во историја: Еден златен, два бронзени медали и една олимписка пофалба за Македонија на Балканската олимпијада по информатика во Удине, Италија

Уште едно извонредно претставување на македонските средношколци – информатичари, како продолжение на уште една успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика. На 32-рата по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2025), која од 25-ти септември до 1-ви октомври се одржува во Удине, Италија, нашите ученици постигнаа нов значаен успех. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Леонид Цуклев од Гевгелија, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Благојче Павлески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден златен и два бронзени медали. Заедно со овие три, македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година досега освоија вкупно два златни, два сребрени, четири бронзени медали и четири олимписки пофалници – резултат достоен за респект, недостигнат и од многу поголеми држави од Македонија.  

            Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвниот натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров. Секоја земја – членка на БОИ заедницата учествува со тим составен од 4 натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Главен организатор на овогодинешната БОИ е Националната асоцијација за натпреварувачко програмирање на Италија, со поддршка на Италијанската асоцијација за информатика и автоматско пресметување. На годинешното издание на БОИ учествуваат вкупно 48 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од следните земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваат и 18 ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан. Во ваква силна конкуренција, златниот медал за Македонија го освои Дамјан Давков, а бронзените медали ги освоија Владимир Грчев и Леонид Цуклев. Четвртиот наш натпреварувач Виктор Максимоски исто така освои признание, олимписка пофалба.

            Нашиот тим за БОИ 2025 беше избран преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат. И оваа година, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и неколку општествено одговорни компании.

            Во изјавата на Претседателот на Здружението, проф. д-р Миле Јованов се вели: „Секогаш сум среќен кога целогодишниот труд на нашите натпреварувачи вродува со плод. Дамјан и Леонид се ученици од Математичко информатичката гимназија во Скопје, кои штотуку запишаа четврта година, а Владимир како ученик кој само што заврши основно образование успеа да се пласира во овој повисок натпреварувачки ранг. Дамјан со неговиот медал и резултат застана пред 64 други учесници од олимпијадата, а Владимир го делеа само 5 поени (од можни 600) од освојување на сребрен медал. Целогодишниот труд и на членовите од Здружението, професорите и студентите од ФИНКИ, во организацијата на натпреварите и на подготовките на најдобрите ученици е исто така валоризиран со овие резултати. Искажувам благодарност за здружението Бистри умови и општина Кочани за поддршката во организирањето на подготовките, како и на компанијата Сорсикс која и сега го поддржа нашето патување во Италија.“

            Следната, 33-та по ред, Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026), ќе се одржи идната година во Црна Гора. Последен настан пак, кој претстои до крајот на оваа година за македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која ќе се одржи од 24-ти до 30-ти октомври во Ларнака, на Кипар.

Веб страна за настанот: https://boi2025.anpc.it/

Резултат за во историја: Еден златен, два бронзени медали и една олимписка пофалба за Македонија на Балканската олимпијада по информатика во Удине, Италија Read More »