FINKI Admin

ПРЕЛИМИНАРНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 2013

  • Право на учество на регионалниот натпревар имаат сите натпреварувачи кои имаат решено најмалку 10 (десет) задачи од тренинг делот на системот и се пријавени од нивниот ментор или друг претставник од училиштето во кое учат.
  • Пријавувањето на учесници се врши со порака на natprevarATcs.org.mk со наведување на листа на учесници од училиштето (име, презиме, одделение/клас, група во која се натпреварува, корисничко име кое го користи на МЕНДО) и контакт телефон до одговорниот професор. Истото мора да е направено најдоцна до вторник (25.02.2014).
  • Регионалниот натпревар се спроведува електронски, преку системот за натпревари – http://mendo.mk/. Училиштата од кои има пријавено повеќе од двајца ученици СЕ ДОЛЖНИ, во предвиденото време за спроведување на натпреварот да обезбедат просторија со работни компјутери (кои не споделуваат исти хард дискови), два пати повеќе од бројот на пријавени учесници. На компјутерите треба да се инсталирани предложените програмски околини за Pascal и C++ и треба да имаат достап САМО до сајтот за натпревари mendo.mk.
  • По добиените пријави ќе биде направен распоред за спроведување на натпреварот по училишта и истиот ќе биде објавен најдоцна 24 часа пред започнувањето на натпреварот.
  • Регионалниот натпревар се спроведува во три натпреварувачки групи: почетничка, основна и напредна.
  • Приговорите се поднесуваат во рок од 24 часа од објавувањето на резултатите, по електронска пошта, на адресата: natprevarATcs.org.mk, повторно од лицето кое го пријавило соодветниот учесник. Пред поднесување на приговор задолжително прочитајте го делот за Приговори во правилата на натпреварите.
  • Конечните резултати од регионалниот натпревар се објавуваат најдоцна 7 дена од завршувањето на рокот за поднесување на приговори. Притоа, комисијата наведува за секоја група кој натпреварувач каква диплома/признание има освоено. И освоените дипломи/признанија ќе бидат презентирани во електронски облик.
 
  • ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА ЗА МЕНТОРИТЕ: 
    • Можност за учество на државен натпревар ќе се стекнува на ниво на училиште. Секое училиште ќе може да испрати толку натпреварувачи колку што имааат освоено награди минатата година во соодветната натпреварувачка група (значи, ако минатата година 7 ученици од училиштето Х имале освоено диплома за прва, втора или трета награда, толку ученици според бројот на поени ќе добијат можност за учество годинава). 
    • Дополнително, секое училиште ќе може да испрати по 1 до 3 натпреварувачи, во зависност од одлуката на комисијата за натпревари за секое училиште индивидуално (во зависност од останатите расположиви места и запазување на регионалниот принцип).
    • Утврдено заедничко решавање на задачи или (скоро) идентични кодови може да влијае на дисквалификација на цело училиште или намалување на квотата.

ПРЕЛИМИНАРНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 2013 Read More »

XXI РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 02.03.2013

Прелиминарни и тековни информации за натпреварот

Конечни резултати од регионалниот натпревар

Листа на поканети учесници на државниот натпревар

 

Почитувани натпреварувачи и ментори,

секој ментор го доби следново известување на неговата е-адреса:

 

Почитуван ментор,

Одговорноста за натпреварувањето на овие ученици е лично Ваша (и на останатите ментори од Вашето училиште).
Ве молиме, со одговор на оваа порака да потврдите дека сте ја примиле пораката и дека ги прифаќате правилата и одговорностите околу спроведувањето на натпреварот, односно следното:
1. Изборот на група за натпреварување мора да е направена на системот за натпреварување. При изборот на група МОРА да се внимава околу ограничувањата дадени во описот на групите. Отстапки нема да се дозволат и ќе се смета дека учеството во несоодветна група е од ревијален карактер, а не за квалификација за следен натпревар.
2. На 02 март 2013 година, натпреварувачите треба да имаат обезбедено „работно место“ во периодот од 10:45 часот до 13:30 часот. Значи, треба да имаат компјутер на кој е инсталирана програмската алатка во која ќе работат и кој има пристап до интернет.
Доколку од едно училиште има повеќе од двајца натпреварувачи, менторот (или менторите) од училиштето треба да организираат надгледувано спроведување на натпреварот (заедно сите ученици во училиштето или на некое друго место со потребните услови и задолжително присуство на менторот/менторите).
Останатите учесници може да се натпреваруваат и од дома.
3. Натпреварот ќе се спроведе преку системот за електронски натпревари. За сите учесници натпреварот започнува во 11:00 и трае до 13:00 часот – значи вкупно 2 часа.
За време на првите 75 минути од натпреварот (до 12:15) може да се поставуваат. Прашањата ќе бидат одговорени најдоцна до 12:35. Прашањата МОРА да се однесуваат на евентуално дообјаснување на текстот на задачата, или во исклучителен случај, да се од техничка природа (но за прашања кои веќе не се одговорени во документите со правила за спроведување на натпреварите).
Прашањата за кои веќе е даден одговор (јасно е дадено во текстот на задачата или веќе е напишано во правилата за спроведување на натпреварите) најверојатно нема да бидат одговорени воопшто или ќе бидат одговорени со „Без коментар“.
4. ВАЖНО: Задачите се решаваат САМОСТОЈНО, не во група! Доколку има идентични решенија предадени од ученици за кои е организирано надгледувано натпреварување (според критериумите на комисијата), најверојатно ќе биде преземена мерка ДИСКВАЛИФИКАЦИЈА НА УЧИЛИШТЕТО (сите учесници од тоа училиште) и ќе бидат доделени 0 поени на сите ученици.
Оваа мерка ќе биде преземена, бидејќи исти кодови ќе значат дека натпреварот во соодветното училиште не е спроведен според правилата за натпреварување: самостојна работа, никакви дискусии (директни или по електронски пат) помеѓу учесниците, интернет пристап до сајтот за натпреварите.
5. При изборот на учесници на државниот натпревар ќе биде запазен и регионалниот принцип, со ограничување на бројот на учесници од дадено училиште, место и даден регион. За таа цел, можно е од менторот да биде побарано, и одговорност на менторот е да одговори на барањето, така што ќе избере само дел од учесниците за учество на Државниот натпревар.
Веруваме дека тоа нема да биде дополнителен товар за менторот, затоа што по завршувањето на натпреварот, доколку спроведувањето поминало во најдобар ред, менторот ќе има точна ранг листа за постигнувањата на своите ученици.
6. Постапка за приговори: Доколку има забелешки на резултатите, преку менторите истите се доставуваат во рок од 24 часа по објавувањето на резултатите, со ТОЧНО прецизирано образложение каде се мисли дека има проблем. Приговорите се поднесуваат на natprevarATcs.org.mk.
Сите учесници кои ќе имаат направено грешка во однос на правилата објавени на почетната страна на системот и на веб-сајтот на ЗИМ, нема да може да приговараат за реевалуација на задачите и слично.
Приговорите ќе бидат разгледани во рок од 5 ДЕНА и потоа ќе бидат објавени конечните резултати од Регионалниот натпревар и списокот на потенцијалните натпреварувачи за ДРЖАВНИОТ натпревар.

Со желби за добар успех,
Комисија за натпревари 2013

 

Сите натпреварувачи чии ментори кои ќе одговорат на поракава ќе може да учествуваат на натпреварот според информацијата која ќе им ја даде менторот.

XXI РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 02.03.2013 Read More »

Екипи за интернационалните натпревари

Објавена е конечна листа по одржувањето на сите натпревари од Циклусот натпревари по информатика 2013. Во неа се наведени избраните ученици за учество на интернационалните натпревари оваа година.

Избраните учесници мора да го потврдат своето учество најдоцна до Четврток (25.04.), според објавената информација во делот за меѓународни натпревари.

Екипи за интернационалните натпревари Read More »

XVII Македонска олимпијада по информатика и VII Државен натпревар за основно образование – апликативни вештини

XVII Македонска Олимпијада по Информатика и VII Државен натпревар по информатика – апликативни вештини (за основно образование) се одржаа од 12.04.2013 (Петок) до 14.04.2013 (Недела), во СОУ Гимназија „Митко Пенџуклиски“ – Кратово.

За повеќе информации за Македонската Олимпијада по Информатика, кликнете овде.

XVII Македонска олимпијада по информатика и VII Државен натпревар за основно образование – апликативни вештини Read More »

Регионален натпревар 2013

На 02.03.2013 се одржа Регионалниот натпревар за учесниците на циклусот натпревари 2013.

Натпреварот беше спроведен преку системот за електронски натпревари МЕНДО. Започна во 11:05 часот и траеше 2 часа.

Учествуваа вкупно 255 натпреварувачи, од кои 33 во напредна група, 154 во основна група и 68 во почетничка група.

Поканетите учесници  како и конечните резултати од Регионалниот натпревар се објавени овде.

Регионален натпревар 2013 Read More »

Две бронзени медали за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика 2012

Бронзените медали ги освоија Бојан Серафимов и Христијан Богоевски.Солиден резултат остварија и останатите двајца натпреварувачи – членови на македонскиот тим: Климент Серафимов и Јован Крајевски.

На 24-тата Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2012), која од 23-ти до 30-ти септември се одржа во Сирмионе, Ломбардија, Италија, Македонија забележа нов голем успех. Македонскиот тим, составен од учениците Христијан Богоевски, Бојан Серафимов, Јован Крајевски и Климент Серафимов, под раководство на лидерите, м-р Миле Јованов и Емил Станков, го повтори минатогодишниот успех од ИОИ 2011 во Тајланд, освојувајќи два бронзени медали. Ова воедно е повторување на најголемиот успех на Македонија на сите досега одржани интернационални олимпијади.

ИОИ е светски најпрестижниот годишен натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите-членки на ИОИ заедницата. Секоја година по околу 250 000 млади луѓе од околу 90 држави се натпреваруваат во борба да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На годинешната ИОИ учествуваа вкупно 310 ученици, квалификувани преку натпреварите во програмирање спроведени во 81 земја од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, двата бронзени медали за Македонија ги освоија Бојан Серафимов и Христијан Богоевски. Треба да се одбележи дека и другите двајца наши натпреварувачи постигнаа солиден резултат, пришто за само неколку поени не беше освоен уште еден бронзен медал. 

Следната, 25-та по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика, ќе се одржи од 6-ти до 13-ти јули 2013 година во Бризбејн, Австралија.

Повеќе информации на официјалниот веб сајт на ИОИ 2012: http://www.ioi2012.org.

Две бронзени медали за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика 2012 Read More »

Интернационална Олимпијада по Информатика 2012

Од 23.09. до 30.09. во Сирмионе, Ломбардија, Италија, се одржува 24-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ).

 

Македонија на ИОИ 2012 ја претставува тимот составен од натпреварувачите Христијан Богоевски, Бојан Серафимов, Јован Крајевски и Климент Серафимов, и лидерите Миле Јованов и Емил Станков.

Веб страна за настанот: http://www.ioi2012.org/.

Интернационална Олимпијада по Информатика 2012 Read More »

Македонскиот тим со три бронзи на Балканската Олимпијада по Информатика 2012

Бронзените медали ги освоија Бојан Серафимов од Виница, како и Христијан Богоевски и Климент Серафимов од Скопје, ученици во Гимназијата „Јахја Кемал“ од Скопје.

 

На 20-тата по ред Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ), која од 15.08 до 19.08 се одржа во Белград, Србија, македонските ученици го продолжија континуитетот на успешни настапи од претходните години, освојувајќи овојпат 3 бронзени медали. Македонскиот тим на овој натпревар, предводен од лидерите м-р Миле Јованов и Емил Станков, го сочинуваа 6 натпреварувачи, од кои 4 се натпреваруваа во официјална и 2 во неофицијална конкуренција: Бојан Серафимов, Христијан Богоевски, Јован Крајевски, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Дамјан Ангеловски.

 

На годинешната Балканска Олимпијада по Информатика официјално учествуваа 34 од најдобрите средношколци од југоисточна Европа од областа на компјутерските науки, одбрани преку националните натпревари во програмирање во 9 земји.

 

Освојувачи на медали меѓу македонските ученици беа Бојан Серафимов од Виница, како и Христијан Богоевски и Климент Серафимов од Скопје, сите ученици во Гимназијата „Јахја Кемал“.

 

„Заедно со петте медали (еден сребрен и 4 бронзени) на Јуниорската балканска олимпијада по информатика која претходната седмица се одржа во Охрид, Македонија, овој успех го потврдува континуираниот раст на квалитетот на тимот со кој Македонија се претставува на интернационалните натпревари.

 

Здружението на информатичари на Македонија со организацијата на циклусите натпревари во Македонија преку кои се откриваат, едуцираат и на крај избираат најдобрите таленти за учество на интернационалните натпревари ја доведе Македонија меѓу најдобрите балкански земји. Споредено со бројот на жители и застапеноста на информатиката, односно темите за програмирање и алгоритамско размислување, во образованието, Македонија избива во врвот, меѓу земјите од регионот.

 

Финансирањето на натпреварите во Македонија се решава единствено преку донации и спонзорства. Годинава, како главни партнери во организацијата на натпреварите се јавија Агенцијата за електронски комуникации и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ – ФИНКИ. Поддршка имаме и од Град Скопје и Министерството за информатичко општество и администрација.

 

Исто така, и дел од македонските компании како Ассеко, Телесмарт, Семос едукација, ОНЕ, Македонски телеком како и повеќе други ги поддржаа натпреварите. “ вели м-р Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија.

 

Според Емил Станков, заменик лидер на македонската репрезентација, „Постигнатиот успех на оваа Балканска олимпијада ни дава за право да очекуваме одличен успех и на претстојната Интернационална олимпијада по информатика, која ќе се одржи на крајот на септември во Милано, Италија. Апелирам на поддршка од компаниите и институциите за да може да го спроведеме патувањето на македонскиот тим.“

Веб страна за настанот: http://www.dms.rs/boi2012/.

Македонскиот тим со три бронзи на Балканската Олимпијада по Информатика 2012 Read More »