Бронзените медали ги освоија Бојан Серафимов од Виница, како и Христијан Богоевски и Климент Серафимов од Скопје, ученици во Гимназијата „Јахја Кемал“ од Скопје.
На 20-тата по ред Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ), која од 15.08 до 19.08 се одржа во Белград, Србија, македонските ученици го продолжија континуитетот на успешни настапи од претходните години, освојувајќи овојпат 3 бронзени медали. Македонскиот тим на овој натпревар, предводен од лидерите м-р Миле Јованов и Емил Станков, го сочинуваа 6 натпреварувачи, од кои 4 се натпреваруваа во официјална и 2 во неофицијална конкуренција: Бојан Серафимов, Христијан Богоевски, Јован Крајевски, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Дамјан Ангеловски.
На годинешната Балканска Олимпијада по Информатика официјално учествуваа 34 од најдобрите средношколци од југоисточна Европа од областа на компјутерските науки, одбрани преку националните натпревари во програмирање во 9 земји.
Освојувачи на медали меѓу македонските ученици беа Бојан Серафимов од Виница, како и Христијан Богоевски и Климент Серафимов од Скопје, сите ученици во Гимназијата „Јахја Кемал“.
„Заедно со петте медали (еден сребрен и 4 бронзени) на Јуниорската балканска олимпијада по информатика која претходната седмица се одржа во Охрид, Македонија, овој успех го потврдува континуираниот раст на квалитетот на тимот со кој Македонија се претставува на интернационалните натпревари.
Здружението на информатичари на Македонија со организацијата на циклусите натпревари во Македонија преку кои се откриваат, едуцираат и на крај избираат најдобрите таленти за учество на интернационалните натпревари ја доведе Македонија меѓу најдобрите балкански земји. Споредено со бројот на жители и застапеноста на информатиката, односно темите за програмирање и алгоритамско размислување, во образованието, Македонија избива во врвот, меѓу земјите од регионот.
Финансирањето на натпреварите во Македонија се решава единствено преку донации и спонзорства. Годинава, како главни партнери во организацијата на натпреварите се јавија Агенцијата за електронски комуникации и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ – ФИНКИ. Поддршка имаме и од Град Скопје и Министерството за информатичко општество и администрација.
Исто така, и дел од македонските компании како Ассеко, Телесмарт, Семос едукација, ОНЕ, Македонски телеком како и повеќе други ги поддржаа натпреварите. “ вели м-р Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија.
Според Емил Станков, заменик лидер на македонската репрезентација, „Постигнатиот успех на оваа Балканска олимпијада ни дава за право да очекуваме одличен успех и на претстојната Интернационална олимпијада по информатика, која ќе се одржи на крајот на септември во Милано, Италија. Апелирам на поддршка од компаниите и институциите за да може да го спроведеме патувањето на македонскиот тим.“
Веб страна за настанот: http://www.dms.rs/boi2012/.