Последни настани

Историски успех за Македонија на ИОИ 2014

Еден сребрен и два бронзени медали за македонскиот тим на ИОИ 2014.

 

На 26-тата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2014), која од 13-ти до 20-ти Јули се одржува во Тајпеј, Тајван, македонските ученици постигнаа извонреден резултат. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Филип Беџовски, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои 1 сребрен и 2 бронзени медали.

Постигнатиот резултат претставува најголем успех за Македонија на сите досега одржани интернационални информатички олимпијади, но и потврда дека нашите ученици со стекнатото знаење од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со најдобрите ученици ширум целиот свет. Сребрениот медал е прво вакво одличје што го освојува еден македонски ученик и претставува успех со кој може да се пофалат помал број од земјите – учеснички на ИОИ.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, повеќе од 250 000 млади луѓе од речиси 90 држави се натпреваруваат во борба да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На ИОИ 2014 учествуваат вкупно 315 ученици, кои право на учество обезбедија преку националните натпревари во програмирање спроведени во 80 земји од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, првиот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Бојан Серафимов, а бронзените медали ги освоија Васил Кузевски и Климент Серафимов.

„За да се постигне врвен резултат на вакво силно интернационално натпреварување секако е потребно да се поседува талент, да се има силна желба и мотивација, како и упорност, за да се жртвуваат часови од, и онака краткото, слободно време на учениците за постојано да се надградува знаењето од областа на алгоритамското програмирање, но и континуирано да се утврдува веќе стекнатото знаење преку решавање на колку што е можно повеќе задачи. Нашите ученици преку постигнатите резултати повеќе пати до сега докажаа дека поседуваат голем талент, како и исклучителна мотивираност и упорност, но на ИОИ 2014 допреа речиси до самиот светски информатички врв за својата возраст!“ – изјави м-р Емил Станков, заменик лидер на македонскиот тим на ИОИ 2014 и асистент на ФИНКИ.

Во својата изјава, водичот на тимот и претседател на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, вели: „Задоволен сум од успехот, бидејќи сметам дека годинава учениците успеаа да го презентираат на вистинско ниво нивното знаење. И во нивните очи не гледам среќа туку задоволство – тоа е затоа што она медалите се постигнати со многу работа од нивна страна и од страна за Здружението на информатичарите. Благодарен сум на компанијата Нордеус која во најголем дел го понесе финансискиот товар за патувањето, преку нивната донација до ЗИМ, иако сеуште сме во ситуација кога самите натпреварувачи мора да покриваат дел од нивните патни трошоци. Се надевам дека од следната година владата ќе ја преземе финансиската обврска за спроведување на овие натпревари и ќе ја поддржи работата на ЗИМ заради која единствено на Информатичката интернационална олимпијада, споредено со олимпијадите од другите науки, имаме ваков значаен успех.“ Ваквите резултати на тројцата матуранти од тимот им го отворија патот да студираат во САД и Обединетото кралство на едни од најпрестижните светски универзитети.

Следната, 27-ма по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2015), ќе се одржи идната година во Алмати, Казахстан.

Веб страна за Интернационалната олимпијада по информатика 2014: http://www.ioi2014.org.

Историски успех за Македонија на ИОИ 2014 Read More »

Две бронзи на Јуниорска Балканска Олимпијада по информатика 2014

Нови медали за Македонија: Две бронзени медали на ЈБОИ, и 1 сребрен и 3 бронзени медали на Математичкиот гимназиски куп во Белград.

На 8-мата Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика (ЈБОИ 2014) која од 23-ти до 28-ми јуни се одржа во Белград, Србија, тројцата македонски ученици освоија 2 бронзени медали. Под раководство на лидерите, д-р Миле Јованов и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), учениците Димитар Бајрактаров од Струмица и Душан Терзиќ од Пробиштип освоија бронзени медали, додека трет македонски учесник беше Матеј Голубовиќ од Скопје.

На годинешната Јуниорска Балканска Олимпијада учествуваа тимови составени од најмногу четворица натпреварувачи, ученици до 15,5 години, од следните земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, како и Таџикистан како поканет учесник. Овој успех покажува дека Македонија има квалитетен подмладок, кој ветува успеси и на идните интернационални натпревари.

Учеството на натпреварот традиционално го организира Здружението на информатичарите на Македонија, годинава со поддршка од Нордеус и Ассеко – СЕЕ, светли примери за општествена одговорност од многуте македонски ИТ компании, како и на државната Агенција за електронски комуникации (АЕК).

Паралелно со ова натпреварување, се одржа и вториот по ред Математички гимназиски куп, во организација на белградската специјална математичка гимназија. Во конкуренција на 21 тим од 13 земји, македонскиот тим составен од Денис Рајхл, Мики Митевски, Горазд Димитров и Каролина Трајковска, а под раководство на д-р Марија Михова, се враќа со освоени 1 сребрен и 3 бронзени медали во областите информатика, математика и физика.

Веб страна за Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика 2014: http://jboi2014.dms.rs

Две бронзи на Јуниорска Балканска Олимпијада по информатика 2014 Read More »

VIII Државен натпревар по информатика за основно образование – апликативни вештини

На 19.05.2014 во просториите на Семос едукација се одржа VIII Државен натпревар по информатика за основно образование – апликативни вештини. 

VIII Државен натпревар по информатика за основно образование – апликативни вештини Read More »

Јуниорска Балканска Олимпијада по информатика 2014

Од 23.06.2014 до 28.06.2014, како дел од настанот Mathematical Grammar School Cup 2014, во Белград, Србија, се одржа VIII Јуниорска Балканска Олимпијада по информатика. Повеќе за овој настан можете да прочитате овде.

Јуниорска Балканска Олимпијада по информатика 2014 Read More »

Циклус натпревари по информатика 2014

И оваа година, Здружението на информатичарите на Македонија, по дваесет и петти пат организира циклус натпревари по информатика.

Во првиот дел од циклусот, подготовките (до 28.02.2014), натпреварувачите ќе бидат рангирани според бројот на решени задачи од тренинг делот на МЕНДО. Секоја решена задача носи по 1 поен (без разлика кога таа била решена, после колку обиди, итн). Од овој дел, натпреварувачите можат да освојат најмногу 20 поени.

Право на учество на регионалниот натпревар ќе имаат сите натпреварувачи кои имаат решено најмалку 10 (десет) задачи од тренинг делот на системот и се пријавени од нивниот ментор или друг претставник од училиштето во кое учат. Пријавувањето на учесници се врши со порака на natprevar@cs.org.mk со наведување на листа на учесници од училиштето (име, презиме, одделение/клас, група во која се натпреварува, корисничко име кое го користи на МЕНДО) и контакт телефон до одговорниот професор. Истото мора да е направено најдоцна до вторник (25.02.2014).

Важно: Прочитајте ги правилата “Натпревари по информатика 2014”, како и прелиминарните информации за регионалниот натпревар. Забележете дека, од оваа година, можност за учество на државен натпревар ќе се стекнува на ниво на училиште.

Циклус натпревари по информатика 2014 Read More »

Еден сребрен и два бронзени медали на Балканската Олимпијада по Информатика 2013

Сребрениот медал го освои Климент Серафимов, а бронзените медали Бојан Серафимов и Васил Кузевски.

На 21-вата Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2013) која од 7-ми до 14-ти септември се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, македонските ученици го постигнаа најдобриот резултат за Македонија досега. Под раководство на лидерите, м-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), четиричлената македонска екипа освои еден сребрен и два бронзени медали. Ученикот Климент Серафимов, кој од годинава го продолжува своето средно образование во Италија, го освои сребрениот медал, а учениците во четврта година Бојан Серафимов и Васил Кузевски ги освоија бронзените медали. Четврт македонски учесник на натпреварувањето беше ученикот од Струмица Филип Беџовски.

На Балканската олимпијада учествуваат тимови составени од најмногу четворица натпреварувачи-средношколци од следните земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција. Годинава, отсуството на Албанија и присуството на најсилните балкански земји во оваа област, Бугарија, Романија, Србија и Турција го направи освојувањето на медал навистина предизвик, а со бројот на освоените медали Македонија зад себе ги остави сите останати земји и се вброи меѓу традиционално најуспешните.

Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и тимови од Хрватска, Словенија и Таџикистан. Сите учесници покрај натпреварувачките активности учествуваа и во културни активности за претставување на земјата-домаќин и нивно меѓусебно запознавање.

Патувањето до Сараево го покри Министерството за информатичко општество и администрација на Македонија и со тоа ја искажа својата поддршка на активностите на Здружението на информатичарите на Македонија во организација на натпреварите по информатика. ФИНКИ редовно ја поддржува организацијата на натпреварите по информатика.

Следната, 22-ра по ред, Балканска Олимпијада по Информатика, ќе се одржи идната година во Турција.

Еден сребрен и два бронзени медали на Балканската Олимпијада по Информатика 2013 Read More »

Балканска Олимпијада по Информатика 2013

Од 07.09. до 14.09. во Сараево, Босна и Херцеговина, се одржа 21-ата по ред Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ).

 

Македонија на БОИ 2013 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Филип Беџовски, како и лидерите Миле Јованов и Емил Станков.

Веб страна за настанот: http://www.boi2013.org/.

Балканска Олимпијада по Информатика 2013 Read More »

Бронзен медал на Интернационалната Олимпијада по Информатика 2013

Бронзениот медал го освои Бојан Серафимов од Виница.

 

Најдобрите македонски информатичари, избрани од циклусот национални натпревари по информатика забележаа уште еден голем информатички успех. На 25-тата Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2013), која од 6-ти до 13-ти Јули се одржува во Бризбејн, Австралија, македонскиот тим, составен од учениците Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Росица Дејановска и Васил Кузевски, предводени од лидерите, м-р Миле Јованов и Емил Станков, освои бронзен медал. Овој резултат претставува продолжување на континуитетот на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве неколку години и нова потврда за знаењата од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.

ИОИ е најпрестижниот годишен натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. На ИОИ 2013 учествуваат вкупно 299 ученици, кои право на учество обезбедија преку националните натпревари во програмирање спроведени во 80 земји од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Бојан Серафимов, ученик од Виница, а треба да се напомене дека и останатите тројца наши натпреварувачи постигнаа одлични резултати.

Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов:

„Информатиката е олимписка дисциплина која на Македонија само во последните 4 години и има донесено 6 медали од интернационалната олимпијада и 22 медали од балканските олимпијади, што ја прави еден од најтрофејните дисциплини. За жал, Здружението на информатичарите на Македонија, како организатор на националните натпревари и организатор на учеството на интернационалните олимпијади редовно се соочува со проблеми во обезбедување на финансирање за спроведување на натпреварите и покривање на трошоците за патување. Бидејќи нема организирана поддршка, оваа година само дел од трошоците ги покрија Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и компаниите Нетцетера и Ассеко-СЕЕ, додека останатите трошоци се на директен товар на учесниците.

Освоен медал на интернационална олимпијада значи полна стипендија за студирање директно од некој од најпрестижните светски универзитети по информатика која може да достигне и до 250.000 долари, што значи дека државата може да заштеди сума во таа висина, од програмата за стипендирање студирање на странски универзитети, со пренасочување на само мал дел од тие средства кон организација на натпреварите.“

Натпревар кој претстои на најдобрите македонски ученици по информатика е Балканската олимпијада по информатика, која ќе се одржи во септември, во Сараево, Босна и херцеговина.

Следната, 26-та по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2014), ќе се одржи од 13-ти до 20-ти Јули во градот Тајпеј, Тајван.

Веб страна за Интернационалната Олимпијада по Информатика 2013: http://www.ioi2013.org.

Бронзен медал на Интернационалната Олимпијада по Информатика 2013 Read More »