Историски успех за Македонија на ИОИ 2014

Еден сребрен и два бронзени медали за македонскиот тим на ИОИ 2014.

 

На 26-тата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2014), која од 13-ти до 20-ти Јули се одржува во Тајпеј, Тајван, македонските ученици постигнаа извонреден резултат. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Филип Беџовски, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои 1 сребрен и 2 бронзени медали.

Постигнатиот резултат претставува најголем успех за Македонија на сите досега одржани интернационални информатички олимпијади, но и потврда дека нашите ученици со стекнатото знаење од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со најдобрите ученици ширум целиот свет. Сребрениот медал е прво вакво одличје што го освојува еден македонски ученик и претставува успех со кој може да се пофалат помал број од земјите – учеснички на ИОИ.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, повеќе од 250 000 млади луѓе од речиси 90 држави се натпреваруваат во борба да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На ИОИ 2014 учествуваат вкупно 315 ученици, кои право на учество обезбедија преку националните натпревари во програмирање спроведени во 80 земји од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, првиот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Бојан Серафимов, а бронзените медали ги освоија Васил Кузевски и Климент Серафимов.

„За да се постигне врвен резултат на вакво силно интернационално натпреварување секако е потребно да се поседува талент, да се има силна желба и мотивација, како и упорност, за да се жртвуваат часови од, и онака краткото, слободно време на учениците за постојано да се надградува знаењето од областа на алгоритамското програмирање, но и континуирано да се утврдува веќе стекнатото знаење преку решавање на колку што е можно повеќе задачи. Нашите ученици преку постигнатите резултати повеќе пати до сега докажаа дека поседуваат голем талент, како и исклучителна мотивираност и упорност, но на ИОИ 2014 допреа речиси до самиот светски информатички врв за својата возраст!“ – изјави м-р Емил Станков, заменик лидер на македонскиот тим на ИОИ 2014 и асистент на ФИНКИ.

Во својата изјава, водичот на тимот и претседател на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, вели: „Задоволен сум од успехот, бидејќи сметам дека годинава учениците успеаа да го презентираат на вистинско ниво нивното знаење. И во нивните очи не гледам среќа туку задоволство – тоа е затоа што она медалите се постигнати со многу работа од нивна страна и од страна за Здружението на информатичарите. Благодарен сум на компанијата Нордеус која во најголем дел го понесе финансискиот товар за патувањето, преку нивната донација до ЗИМ, иако сеуште сме во ситуација кога самите натпреварувачи мора да покриваат дел од нивните патни трошоци. Се надевам дека од следната година владата ќе ја преземе финансиската обврска за спроведување на овие натпревари и ќе ја поддржи работата на ЗИМ заради која единствено на Информатичката интернационална олимпијада, споредено со олимпијадите од другите науки, имаме ваков значаен успех.“ Ваквите резултати на тројцата матуранти од тимот им го отворија патот да студираат во САД и Обединетото кралство на едни од најпрестижните светски универзитети.

Следната, 27-ма по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2015), ќе се одржи идната година во Алмати, Казахстан.

Веб страна за Интернационалната олимпијада по информатика 2014: http://www.ioi2014.org.