Соопштение до медиуми за испратено писмо-реакција до МОН за новата концепција за основно образование
Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), кое во јавноста во последните години е препознато најмногу преку освоените медали постигнати со учениците на врвните интернационални натпревари по информатика, денес испрати писмо со реакција до МОН за новопредложената концепција на основно образование.
Во писмото на почеток се нотира дека темите од информатика (информатичко размислување, програмирање, дигитална писменост) моментално се застапени уште во трето одделение во наставните програми и дека оваа застапеност е од 2015. година, што Македонија ја смести во првите земји кои го имплементираа ова во нивните наставни планови и програми. Ваквиот чекор во следните неколку години беше следен од голем број развиени земји, како САД, членките на ЕУ, Обединетото кралство, кои во истиот период пристапија кон воведување на овие содржини.
Главната критика е дека со новиот концепт кој што е изложен, наместо да се оди во насока на зајакнување на условите за реализација на воведените информатички содржини (преку обуки на наставниците, набавка на соодветен хардвер и софтвер, изнаоѓање на креативни решенија за задржување на информатичарите во образованието) се оди неколку чекори наназад и се брише и тоа што претходно е постигнато. Исто така, насловот на предметот „Техника, технологија и информатика” спојува многу различни, во делови и несродни области, и е неразбирливо вклучен во таканаречена група Б задолжителни предмети, без да се земе предвид дека информатиката е дел од STEM образованието.
Според ЗИМ, треба да се препознае потребата на учениците да им се даде добра основа уште од најмала возраст за да тие бидат способни да ја изберат информатиката како нивна идна професија. Тоа овозможува земјата да има голем и профитабилен информатички сектор, кој не само што згрижува значаен дел од работната сила, туку за нив обезбедува високи примања, за државата овозможува раст и зголемен извоз, како и висок приход во пензискиот систем.
На крај, од ЗИМ апелираат, како што усвојувањето на јазикот е задача на наставниците по јазик (мајчин или странски), како што усвојувањето на математиката е задача на наставниците по математика, така и темите од информатичката наука и информатичката писменост да бидат задача на стручни кадри, наставници по информатика. Со брзиот развој на информатиката, наставниците по информатика треба да бидат значајна поддршка и на одделенските наставници во реализација на темите од информатика во пониските одделенија. Тие се противат на укинувањето на претходно воведените теми од информатика во раната возраст, апелираат да се направат напори информатиката да се изучува во континуитет од трето до деветто одделение, со особена промоција на името на предметот, како би се дал фокус и би се заинтересирале што повеќе ученици да ја изберат информатиката како нивна идна професија.