Бронзениот медал го освои Марко Чаласан.
Македонија, како земја членка на Балканската иницијатива за информатика, оваа година беше домаќин на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика (ЈБОИ). Олимпијадата, која беше организирана од Здружението на информатичарите на Македонија, се одржа во Охрид во периодот 14-19 септември.
Јуниорската балканска олимпијада по информатика претставува настан кој ги обединува членките на Балканската иницијатива во која членуваат 11 земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Турција, Србија и Црна Гора. Истиот дава можност на помладите натпреварувачи до 15,5 години да ги покажат своите знаења кои ги стекнале во информатиката, конкретно во програмирањето. Секоја земја учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот.
Годинава на олимпијадата силите ги одмерија учесниците од Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Кипар, Македонија, Романија, Србија, како и Полска и Словенија како поканети земји.
Учениците се натпреваруваа во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена. Покрај натпреварувањето, за учесниците беше организирана богата програма во останатото време, бидејќи настанот, покрај натпреварување, претставува можност да се презентира земјата домаќин како туристичка дестинација, со целото нејзино национално наследство, природни убавини, архитектура и слично.
На церемонијата на свечено затворање и доделување на медали, која се одржа во Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид, беа доделени наградите на освојувачите на медали. Најдобар учесник на настанот беше ученикот од Полска Јулиус Фам, а најдобар официјален учесник беше Романецот Овидиу Разван Харшан. Освојувач на бронзен медал и најдобар учесник од Македонија беше Марко Чаласан.
Веб страна за настанот: jboi2015.cs.org.mk