Последни настани

Три медали за Македонија на ЈБОИ 2017 и еден медал на ЕЈОИ 2017

И јуниорите-информатичари успешни годинава: Три медали на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, и еден медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика

 
На 11-тата по ред Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2017), која од 7-ми до 13-ти септември се одржа во Софија, Бугарија, младите македонски ученици – информатичари постигнаа нов одличен успех, освојувајќи три бронзени медали. Медалите за Македонија на ова натпреварување ги освоија Даријан Шеќеров од Скопје, Благоја Овезоски од Прилеп и Кристина Тасева од Скопје, а четврти член на македонскиот тим беше Благојче Павлески од Прилеп. Тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 28-ми пат.
 
На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваа тимови составени од најмногу четири натпреварувачи – ученици до 15,5 години, од следните девет балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија и Словенија.
 
По урнекот на досегашните јуниорски балкански олимпијади, оваа година за прв пат се организираше и Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), која се одржа заедно со ЈБОИ 2017 во Софија, Бугарија. Примарна цел на овој значаен и елитен едукативен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на возраст до 15,5 години да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на олимпијадата учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
 
На оваа европска олимпијада учествуваа вкупно 85 ученици од 22 европски земји. Балканските земји, кои истовремено учествуваа и на двата паралелни настани, беа претставени со истиот тим и на едниот и на другиот настан. Во исклучително силната конкуренција, покрај трите освоени медали на јуниорската балканска олимпијада, македонскиот тим освои и еден бронзен медал на ЕЈОИ 2017. Освојувач на медалот е ученикот Даријан Шеќеров. Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека Македонија има подмладок кој поседува знаење со кое што може да се носи рамо до рамо со врсниците од цела Европа, и дека професорите од Здружението на информатичарите на Македонија кои волонтерски се вклучени во организирањето на македонските натпревари и подготовката на учениците успешно ги подготвуваат за интернационалните натпревари. Овогодинешното учество на овие натпревари е помогнато од Фондацијата Телеком за Македонија, која ги покри патните трошоци на македонските натпреварувачи.
 
Следната, втора по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2018) ќе се одржи во Русија, додека пак следната, 12-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2018) ќе се одржи во Романија.
 
Веб страна за ЕЈОИ 2017: http://ejoi.org

Три медали за Македонија на ЈБОИ 2017 и еден медал на ЕЈОИ 2017 Read More »

Бронзен медал на ИОИ 2017

Бронзениот медал го освои Филип Михов.

Македонските средношколци – информатичари постигнаа уште еден значаен успех, освојувајќи бронзен медал на 29-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ), која од 28-ми Јули до 4-ти Август се одржа во Техеран, Иран. На овој најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци ширум целиот свет, Македонија учествуваше со тим составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Филип Михов, Димитар Бајрактаров и Марко Ќаласан, предводени од лидерите, д-р Марија Михова и д-р Кире Триводалиев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани во целогодишен циклус натпревари кој е редовно организиран од Здружението на информатичарите на Македонија, а оваа година се одржуваше по 28-ми пат.

ИОИ е врвниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Во речиси 90 држави од светот секоја година се организираат национални натпревари во програмирање. На овие натпревари учествуваат огромен број ученици, сите со единствена желба – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На ИОИ 2017 учествуваа вкупно 304 ученици од 82 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои 17-годишниот Филип Михов. Треба да се напомене дека и останатите тројца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Димитар Бајрактаров беше на дофат на освојување на бронзен медал – од овој извонреден резултат го делеа само 3 поени.

Во изјавата на претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, кој е и член на Интернационалниот Комитет на олимпијадата, се вели: „Со остварениот резултат, младите наши ученици уште еднаш, по кој знае кој пат, покажаа дека Македонија треба да биде горда на нив. Почнувајќи од 2010 година, нашите претставници на ИОИ континуирано постигнуваат одлични резултати, освојувајќи медали речиси секоја година. Ова потврдува дека со знаењето од областа на компјутерските науки кое го стекнуваат нашите најдобри ученици, а кое редовно го демонстрираат на интернационалните информатички олимпијади, несомнено се на рамниште со најдобрите ученици во светот. Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија досега има освоено 1 сребрен и 15 бронзени медали – резултат кој ја става пред цела низа од земји учеснички. Со континуирано залагање, редовно учествуваме под уставното име, а годишното учество беше помогнато од неколку општествено одговорни компании и од Фондацијата Телеком за Македонија.“.

Следната, 30-та по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2018), ќе се одржи идната година во Токио, Јапонија.

Веб страна за Интернационалната Олимпијада по Информатика 2017: http://ioi2017.org

Бронзен медал на ИОИ 2017 Read More »

ИОИ 2017 во Техеран, Иран

Од 28.07.2017 до 04.08.2017 во Техеран, Иран, се одржа 29-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2017).

 

Македонија на ИОИ 2017 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Филип Михов, Марко Ќаласан и Димитар Бајрактаров, како и лидерите д-р Марија Михова и д-р Кире Триводалиев.

Веб страна за ИОИ 2017: http://ioi2017.org/

ИОИ 2017 во Техеран, Иран Read More »

Три медали за Македонија на БОИ 2017

Еден сребрен и две бронзени медали за Македонија на 25-тата Балканска Олимпијада по Информатика во Молдавија

 
Македонските средношколци повторно докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив. На 25-тата по ред Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2017), која од 2-ри до 8-ми јули се одржа во Кишињев, Молдавија, нашите ученици постигнаа нов голем успех остварувајќи одличен резултат. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Владимир Максимовски, Мартин Динев, Филип Михов и Марко Ќаласан, предводени од лидерите, д-р Марија Михова и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се закити со еден сребрен и две бронзени медали. Овој резултат претставува повторување на најголемиот успех за Македонија на сите досега одржани Балкански олимпијади, но и потврда дека нашите ученици со стекнатото знаење од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со своите врсници од регионот, па и пошироко. Балканските ученици редовно се високо пласирани и освојуваат медали на сите интернационални натпревари во програмирање ширум светот.
 
Главен организатор на БОИ 2017 е Министерството за образование на Република Молдавија, а учествуваа вкупно 41 од најдобрите средношколци во областа на информатиката, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земја-гостин на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваше и тим од Италија. Во оваа силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Владимир Максимовски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ – Бутел, Скопје, додека бронзените медали ги освоија Мартин Динев, ученик во СОУ „Никола Карев“ – Струмица, како и Филип Михов, ученик во СУГС „Орце Николов “ – Скопје.
 
Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов изјави: “Среќен сум што со повеќегодишна упорна работа успеавме да го издигнеме квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво да се рамо до рамо со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја предвид големината на нашата земја. Македонија, од земја која пред десетина години беше аутсајдер на ваквите натпреварувања, сега е почитуван член на заедницата со завидни резултати. Почитта кон постигнатото најмногу влијаеше и јас повторно да бидам избран за Претседател на Балканската олимпијада по информатика за нов тригодишен мандат. Благодарен сум за поддршката од Агенцијата за млади и спорт на Македонија, Фондацијата Телеком за Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кои помогнаа да се оствари ова учество, како и на неколкуте општествено одговорни компании кои редовно не поддржуваат: Семос Едукација, Сорсикс и Докстеам.“
 
Следната, 26-та по ред, Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2018), ќе се одржи идната година во Романија, а најголемиот предизвик за нашите натпреварувачи е претстојната Интернационална олимпијада по информатика, која започнува на 28. Јули во Техеран, Иран.

Веб страна за БОИ 2017: http://www.boi2017.md

Три медали за Македонија на БОИ 2017 Read More »

XXV Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2017)

Од 02.07.2017 до 08.07.2017, во Кишињев, Молдавија, се одржа XXV Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2017).

Македонија на БОИ 2017 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Филип Михов, Мартин Динев и Марко Ќаласан, како и лидерите Емил Станков и Марија Михова.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

XXV Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2017) Read More »

ЈСК Интернационална Олимпијада по Информатика 2017

Владимир Максимовски – апсолутен победник на ЈСК Интернационалната олимпијада по информатика 2017 во Измир

Своето прво учество на регионалниот натпревар по информатика, ЈСК Интернационалната олимпијада по информатика, македонскиот тим го искористи за да ги покаже своите високи квалитети, преку постигнување на извонреден резултат. Имено, во организација на Здружението на информатичарите на Македонија, дел од најдобрите македонски средношколци земаа учество на натпреварот, кој е првиот нивни интернационален настап за оваа година. Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој редовно ги поддржува активностите на најдобрите информатичари.

На натпреварот, ученикот Владимир Максимовски од Штип, инаку ученик во училиштето Јахја Кемал во Скопје, го освои апсолутното прво место преку решавање на сите 10 задачи во рекордно време од 4 часа, а со тоа и златен медал. Веќе следниот натпреварувач не успеа да ги совлада сите проблеми во предвиденото време од 5 часа.

Значаен успех постигнаа и останатите натпреварувачи во кои тренерите од Здружението на информатичари на Македонија го гледаат македонскиот потенцијал за идни успеси на натпреварите кои претстојат годинава: Балканската олимпијада по информатика во Кишињев, Молдавија, на почетокот на јули, како и Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран, Иран, на почетокот на август. Учениците Андреј Величковски и Јосиф Тепеѓозов се враќаат со сребрен медали, а Марко ЧаласанИлија ТавчиоскиМартин Динев и Филип Даштевски со бронзени медали.

Натпреварувањето во Измир, Турција, кое се одржува од 17.06 до 21.06, е наменето за земји од балканскиот регион и за земјите кои гравитираат околу Турција. Годинава покрај Македонија, учесници се националните тимови од Азербејџан, Туркменистан и Турција.

 

Веб страна за ЈСК Интернационалната Олимпијада по Информатика 2017: http://www.yskioi2017.org.tr.

ЈСК Интернационална Олимпијада по Информатика 2017 Read More »

МГ Куп 2017

Три сребрени и три бронзени медали за македонските јуниорски информатичари на МГ купот во Белград

 

Годинава, по петти пат, Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) со две екипи учествува на МГ Купот, кој се одржува во периодот 26.06.2017 – 01.07.2017 во Белград, Србија. Од осум македонски јуниорски натпреварувачи, на возраст до 16 години, шестмина се враќаат со освоени медали. Притоа, Андреј Величковски од Куманово, Јосиф Тепеѓозов од Скопје и Благојче Павлески од Прилеп освоија сребрени медали, а Кристина Тасева и Даријан Шекеров од Скопје, како и Благојче Овезоски од Прилеп, со бронзени медали.

 

Успехот на овој натпревар е од големо значење за Македонија и за Здружението на информатичарите, затоа што првиот македонски тим на натпреварувањето по информатика се пласираше на 3-то место во вкупен пласман, веднаш зад два тима од Романија, надминувајќи ги резултатски тимовите од Бугарија, Србија, Русија, Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора. МГ купот е престижен натпревар во информатика, математика и физика, на кој годинава учествуваат 30 тимови, односно 120 натпреварувачи од 13 земји од светот.

 

Учествувајќи на овој натпревар, ЗИМ продолжува со подготвувањето на нашите најдобри ученици во областа на програмирањето, за што подобар успех на претстојните: Балканската олимпијада по информатика во Кишињев, Молдавија, на почетокот на јули, Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран, Иран, на почетокот на август, како и Европската јуниорска олимпијада по информатика во Софија, Бугарија, во септември. Годинава подготовките ги подржуваат и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)Семос едукација и Сорсикс, а како поддржувачи за патувањата покрај Агенцијата за млади и спорт на Македонија, МИОА, се јавуваат и општествено одговорните Фондација Телеком за Македонија и Докстеам. Системот за подготовка за натпреварите mendo.mk, креиран од Здружението, е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

 

Веб страна за МГ Купот 2017: http://www.cup.mg.edu.rs

МГ Куп 2017 Read More »

XI Државен натпревар по информатика за основно образование – апликативни вештини

На 17.05.2017, во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје, се одржа XI Државeн натпревар по информатика за основно образование – апликативни вештини. 

XI Државен натпревар по информатика за основно образование – апликативни вештини Read More »

МОИ 2017

XXI Македонска Олимпијада по Информатика се одржа на 21.04.2017 (петок) и 22.04.2017 (сабота), во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и во просториите на Sorsix.

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

МОИ 2017 Read More »

Државен натпревар 2017

На 1 април 2017 година, во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје, се одржа XXVIII Државен натпревар по информатика за учениците од средно и основно образование.

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

Државен натпревар 2017 Read More »