Три медали за Македонија на ЈБОИ 2017 и еден медал на ЕЈОИ 2017

И јуниорите-информатичари успешни годинава: Три медали на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, и еден медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика

 
На 11-тата по ред Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2017), која од 7-ми до 13-ти септември се одржа во Софија, Бугарија, младите македонски ученици – информатичари постигнаа нов одличен успех, освојувајќи три бронзени медали. Медалите за Македонија на ова натпреварување ги освоија Даријан Шеќеров од Скопје, Благоја Овезоски од Прилеп и Кристина Тасева од Скопје, а четврти член на македонскиот тим беше Благојче Павлески од Прилеп. Тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 28-ми пат.
 
На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваа тимови составени од најмногу четири натпреварувачи – ученици до 15,5 години, од следните девет балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија и Словенија.
 
По урнекот на досегашните јуниорски балкански олимпијади, оваа година за прв пат се организираше и Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), која се одржа заедно со ЈБОИ 2017 во Софија, Бугарија. Примарна цел на овој значаен и елитен едукативен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на возраст до 15,5 години да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на олимпијадата учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
 
На оваа европска олимпијада учествуваа вкупно 85 ученици од 22 европски земји. Балканските земји, кои истовремено учествуваа и на двата паралелни настани, беа претставени со истиот тим и на едниот и на другиот настан. Во исклучително силната конкуренција, покрај трите освоени медали на јуниорската балканска олимпијада, македонскиот тим освои и еден бронзен медал на ЕЈОИ 2017. Освојувач на медалот е ученикот Даријан Шеќеров. Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека Македонија има подмладок кој поседува знаење со кое што може да се носи рамо до рамо со врсниците од цела Европа, и дека професорите од Здружението на информатичарите на Македонија кои волонтерски се вклучени во организирањето на македонските натпревари и подготовката на учениците успешно ги подготвуваат за интернационалните натпревари. Овогодинешното учество на овие натпревари е помогнато од Фондацијата Телеком за Македонија, која ги покри патните трошоци на македонските натпреварувачи.
 
Следната, втора по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2018) ќе се одржи во Русија, додека пак следната, 12-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2018) ќе се одржи во Романија.
 
Веб страна за ЕЈОИ 2017: http://ejoi.org