Последни настани

ИОИ 2019 во Баку, Азербејџан

Од 04.08.2019 до 11.08.2019 во Баку, Азербејџан, се одржа 31-вата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2019).

 

Македонија на ИОИ 2019 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Мартин Динев, Андреј Величковски, Благојче Павлески и Андреј Шеќеров, како и лидерите м-р Бојан Костадинов и м-р Емил Станков.

Веб страна за ИОИ 2019: https://ioi2019.az/

ИОИ 2019 во Баку, Азербејџан Read More »

Нов голем успех на ИОИ 2019

Две бронзи за македонскиот тим на ИОИ 2019!

 

Во земјата на огновите – Азербејџан, во главниот град Баку, од 4-ти до 11-ти август се одржува 31-вата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2019). И на оваа олимпијада, македонските ученици ја продолжуваат традицијата на одлично претставување од последниве десетина години, постигнувајќи нов голем успех. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Мартин Динев, Андреј Величковски, Благојче Павлески и Андреј Шеќеров, предводени од лидерите, м-р Бојан Костадинов од Клауд Солушнс, и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои два бронзени медали. Со резултатот што го постигнаа младите наши ученици, уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив. Нашите претставници на ИОИ освојуваат медали во речиси секоја од изминативе десетина години – нешто што потврдува дека со знаењето од областа на компјутерските науки кое го поседуваат нашите ученици, а кое редовно го покажуваат и докажуваат на интернационалните информатички олимпијади, несомнено припаѓаат меѓу најдобрите во светот.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 250 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ. Според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика, е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија).

Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 327 ученици од 88 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, двата бронзени медали за Македонија ги освоија Андреј Величковски и Андреј Шеќеров. Треба да се напомене дека и останатите двајца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Мартин Динев беше многу блиску до освојување на бронзен медал – од ова извонредно достигнување го делеа само два поени (од можните 600 поени на натпреварот). Според вкупно освоените поени од нашите натпреварувачи, нашата земја е позиционирана пред повеќе од 50 од останатите 88 учеснички.

Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите – учеснички на ИОИ: освоени 2 сребрени и 18 бронзени медали.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов, по трети пат по ред беше избран да биде еден од петте членови на Интернационалниот комитет, кое е врвно управувачко тело на олимпијадата, во следните три години. Тој изјави: „Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех се должи на интензивна работа на повеќе волонтери вклучени во работата на Здружението, а можноста за учество на натпреварите ни ја дава поддршката од нашите поддржувачи, Агенцијата за млади и спорт, како и општествено одговорните компании Нетцетера, Грабит, Докстим, Сорсикс и Семос едукација. Се надевам дека во иднина свесноста за значењето на овие резултати ќе продолжи да се зголемува и во државните институции, приватните компании како и медиумите, со што би се зголемила поддршката за задржување и подобрување на нашите успеси, а преку нивна промоција ќе се поттикнат што поголем број на ученици да се заинтересираат за информатиката како идна професија.”.

Следната, 32-ра по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2020), ќе се одржи идната година во Сингапур.

Веб страна за настанот: http://ioi2019.az

Нов голем успех на ИОИ 2019 Read More »

МГ Куп 2019

Учество на МГ купот 2019 во Белград, Србија

 

Годинава, по седми пат, Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) со свој тим учествуваше на МГ Купот, кој се одржа во периодот 24.06.2019 – 29.06.2019 во Белград, Србија. Тимот кој учествуваше на овој меѓународен натпревар во конкуренција до 16 години го сочинуваа натпреварувачите Тео Китановски, Иван Занов, Стефан Милков, Иван Јованоски, Сара Стефановска и Атина Рувинова, предводени од лидерот, Владислав Бидиков.


Учествувајќи на овој натпревар, ЗИМ продолжува со подготвувањето на нашите најдобри ученици во областа на програмирањето, за што подобар успех на претстојните интернационални олимпијади: Интернационалната олимпијада по информатика во Баку, Азербејџан, на почетокот на август, Европската јуниорска олимпијада по информатика во Марибор, Словенија, кон крајот на август, како и Балканската олимпијада по информатика во Атина, Грција, во првата половина на септември.

 

Повеќе информации за МГ Купот 2019: http://www.cup.mg.edu.rs

МГ Куп 2019 Read More »

МОИ 2019

XXIII Македонска Олимпијада по Информатика се одржа на 12.04.2019 (петок) и 13.04.2019 (сабота), во просториите на кампусот на International Balkan University (IBU).

Годинава Македонската Олимпијада по Информатика (МОИ) се одржа во паралела со International Balkan University Olympiad (IBUO), што им даде можност на нашите ученици да ги проверат своите знаења меѓусебно, а и во споредба со свои врсници од други земји. Натпреварувачите ги следеа агендите и на двата настана, а имаа можност да освојат медали и на двете олимпијади.

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

МОИ 2019 Read More »

Државен натпревар 2019

На 23 март 2019 година, во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје, се одржа XXX Државен натпревар по информатика за учениците од средно образование и Државниот натпревар за учениците од основно образование 2019 – Информатичко размислување.

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

Државен натпревар 2019 Read More »

Регионален натпревар 2019

XXVII Регионален натпревар по информатика за средно образование и Општинскиот/регионален натпревар по информатика за основно образование 2019 се одржаа на 10 март 2019 година, во четири региона: Скопје, Струга, Струмица и Кавадарци.

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

Регионален натпревар 2019 Read More »

Натпревари по информатика 2019

Здружението на информатичарите на Македонија, и оваа година организира циклус на натпревари по информатика. Сите информации поврзани со натпреварите, правилата, датумите и слично, можат да се најдат на веб-сајтот на ЗИМ. Во однос на програмирањето, повеќето натпревари во оваа година (училишен, регионален и државен) ќе се спроведуваат преку системот МЕНДО.

Повеќе информации, како и календарот за натпревари и специфичните правила за бодување се објавени на веб–сајтот на ЗИМ, во делот за натпревари.

Натпревари по информатика 2019 Read More »

Дабар 2018

Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) и годинава се придружува кон напорите за промовирање на информатиката и алгоритамското размислување на учениците од основното и средното образование, и по четврти пат го организираше интернационалниот натпревар ДАБАР. Истиот се одржува во преку 50 држави во светот.

По минатогодишниот успех, кога над 200 училишта и околу 25 000 ученици и наставници од нашата држава земаа учество на натпреварот, со што Македонија беше помеѓу државите со (процентуално) најголем број на учесници, Ве повикуваме и годинава да се вклучите во активноста.

Дабар е интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 3то одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот е исклучително популарен, се спроведува во многу држави и има добиено повеќе признанија и награди на разни научни конференции. Задачите кои им се даваат на учениците се создадени со цел да ги мотивираат истите да размислуваат за принципите, идеите и концептите поврзани со информатиката и технологијата. Натпреварот се спроведува на училишните компјутери, како едноставна наставна активност во рамките на еден наставен час (според можностите, секој клас може да учествува во различен термин).

Во Македонија, Дабар се одржа во периодот 12-16 ноември 2018. Регистрацијата за натпреварот е едноставна и трае само 1-3 минути, а за спроведување на натпреварот не е потребна никаква подготовка на компјутерите или инсталација на дополнителни програми и алатки. За да се учествува во натпреварот, за секое училиште доволно е ЕДНО лице да изврши регистрација за натпреварот преку пристапување на сајтот talent.mk. Регистрацијата беше отворена до 10.11.2018. По регистрацијата, лицето добива упатство за спроведување на настанот (краток документ).

Сите учесници (ментори, ученици и поддржувачи) добија сертификати, по е-маил, по завршување на натпреварот. На сајтот на Дабар 2018 е објавена и листа на училиштата кои земаа учество, како благодарност за нивната поддршка за промовирањето на натпреварот и науката.

ЗИМ и годинава овозможи учеството на натпреварувачите да е бесплатно. Со цел да ја промовираме оваа активност и во Република Македонија, се надеваме на поддршка од сите основни и средни училишта во Македонија. На тој начин, заедно можеме да ги промовираме компјутерските науки кај учениците, со што ќе придонесеме за нивниот развој, како и за развојот на нашата држава.

Сите информации кои не можат да се најдат на сајтот talent.mk може да ги побарате на dabar.makedonija@gmail.com

Дабар 2018 Read More »

COCI 2018/19

Веќе 13-та година по ред се одржуваат онлајн натпреварите COCI (Croatian Open Competition in Informatics)! Во текот на следните 6 месеци ќе се одржат вкупно 7 натпревари, како загревање за циклусот натпревари во програмирање за 2019 година! Натпреварите се отворени и достапни за секој заинтересиран!

Следниот натпревар ќе се одржи во Сабота (20.10.2018), со почеток во 16 часот.
Повеќе информации овде.

COCI 2018/19 Read More »