Kiril Vasilev

ПРЕЛИМИНАРНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 2020

Почитувани ученици и ментори,

Регионалниот натпревар годинава, според усогласениот календар со другите научни здруженија, ќе се одржи на 07.03. со почеток во 12:00 часот. Истиот ќе се одржи во неколку региони.

Распоредот кој ученик во кој регион се натпреварува ќе биде даден во објавена листа на учесници. Сите информации околу учеството ќе бидат доставени и до менторите, на нивните е-адреси, преку кои го имаат извршено пријавувањето на учениците.

 

ВАЖНИ информации

  • Натпреварите во рамките на овогодишниот циклус натпревари по информатика (регионален, државен) се спроведуваат преку системот МЕНДО, кој може да се пристапи на mendo.mkЗа да може да учествувате, неопходно е да си креирате кориснички пристап на МЕНДО.
  • Според правилникот за натпревари: „Учеството на регионалниот натпревар го пријавува училиштето за секој ученик. Секое училиште има утврдена квота за учество – број на учесници n (= a + b). Бројот a се утврдува од комисијата за натпревари во зависност од техничките можности за актуелната година и може да изнесува помеѓу 1 и 5. Бројот b се утврдува индивидуално за секое училиште – тоа е бројот на освоени места на државниот натпревар во претходниот циклус на натпревари. Секое училиште е должно да спроведе транспарентна процедура за избор на соодветниот број натпреварувачи.“
  • Годинава, секое средно училиште може да учествува со 3 натпреварувачи (а=3), а секое основно училиште со 2 (а=2). Бројот b за училиштата, пресметан според минатогодишните резултати, е даден во листата подолу.
  • Училиштата-домаќини имаат право на најмногу 3 дополнителни натпреварувачи. Изразување интерес на одредено училиште да биде домаќин се врши од страна на одговорен професор на natprevarATcs.org.mk, најдоцна до 24.02.2020.
  • Пријавувањето на учесници годинава се врши со пополнување на следната форма за секој учесник од училиштето (се пополнуваат: име, презиме, одделение/клас, корисничко име кое го користи на МЕНДО) и име, е-адреса и контакт телефон до одговорниот професор. Тоа мора да е направено најдоцна до среда (26.02.2020) до 18:00.
  • Програмски јазик кој може да го користат учесниците е С++.
  • Во понеделник (24.02.2020) со почеток од 17:30 часот ќе биде одржан т.н. училишен натпревар. Тој има цел да им овозможи на натпреварувачите да вежбаат и не е задолжителен, не е елиминационен и за него нема да се објави ранг листа со резултати. Резултатите ќе бидат видливи само за учесниците, и за менторите (по училиште) на нивно барање. Ги советуваме менторите во чии училишта има повеќе заинтересирани ученици за учество на регионалниот натпревар од доделената квота, да го искористат овој натпревар за да изберат кои точно ученици ќе ги пријават на регионалниот натпревар. Напоменуваме дека тоа не е обврска, резултатите од натпреварот не се обврзувачки, и одговорноста за пријавување е оставена на менторот/менторите од секое училиште. Тие, при својот избор треба да внимаваат и да им дадат шанса на ученици од различни одделенија/години.
  • Доколку некој ученик не влезе во листата на ученици-претставници од дадено училиште, а смета дека тоа е неоправдано, може  да се пријави преку училиштето/менторот за учество на натпреварот со покривање на трошоците (1500 денари) или тоа може да го направи лично на natprevarATcs.org.mk. Овие ученици ќе ги имаат истите права при натамошната квалификација за државен натпревар. Учесниците кои се пријавени (или ќе се пријават на natprevarATcs.org.mk) за приватно учество најдоцна до 28.02. треба да извршат уплата преку пополнета уплатница со податоци како стандардната уплатница за членство во ЗИМ со следните измени: – цел на дознака: Учество на регионален натпревар 2020; – износ: 1500 денари.

 

Листа на училишта со дополнителни места според минатогодишните резултати

УчилиштеГрадДополнителни места (b=)
ООУ „Јосип Броз Тито“Валандово1
СОУ Гимназија „Кочо Рацин“Велес1
СОУ „Ванчо Прке“Виница1
ООУ „Димката Ангелов Габерот“Кавадарци2
ОУ „Малина Попиванова“Кочани1
ООУ „Јоаким Крчовски“Крива Паланка1
ООУ „Кочо Рацин“Куманово2
ООУ „Христијан Карпош“Куманово1
СОУ Гимназија „Гоце Делчев“Куманово3
ООУ „Климент Охридски“Прилеп2
СОУ Гимназија „Мирче Ацев“Прилеп1
PSU Yahya Kemal CollegeСкопје8
Yahya Kemal College Karposh – ElementaryСкопје1
Меѓународни Училишта НОВАСкопје1
ООУ „11 Октомври“Скопје1
ООУ „Александар Македонски“Скопје1
ООУ „Ацо Шопов“Скопје1
ООУ „Браќа Миладиновци“Скопје1
ООУ „Лазо Трповски“Скопје1
ООУ „Његош“Скопје1
ОУ „Мирче Ацев“Скопје1
СЕМОС ЕдукацијаСкопје2
СУГС Гимназија „Орце Николов“Скопје1
СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“Скопје5
ПСУ „Јахја Кемал“Струга3
ООУ „Маршал Тито“Струмица1
ООУ „Никола Вапцаров“Струмица1
ПСУ „Јахја Кемал“Струмица2
СОУ „Jане Сандански“Струмица2
СОУ „Никола Карев“Струмица1
ЗЕМ „Мај Корнер“Тетово1
СОУ „Славчо Стојменски“Штип1

ПРЕЛИМИНАРНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 2020 Read More »

Три бронзи на ИОИ 2020

Три бронзени медали за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика одржана како онлајн натпревар во Сингапур

По јуниорите, кои на неодамна одржаната 4-та Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020) освоија бронзен медал, повеќегодишниот континуитет на успешни претставувања на македонските ученици – информатичари на интернационалните натпревари по информатика оваа година го продолжуваат и сениорите – средношколци. На 32-рата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2020), која од 13-ти до 23-ти септември се одржува во облик на онлајн натпревар, тимот на Македонија, составен од учениците Благојче Павлески, Андреј Величковски, Андреј Шеќеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, м-р Емил Станков и д-р Бојана Котеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои три бронзени медали. Со резултатот што го постигнаа младите наши ученици, уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ. Според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија).

Официјален домаќин на ИОИ 2020 е Сингапур, а главен организатор е Националниот Универзитет на Сингапур, со поддршка од Министерството за Едукација на Сингапур. Заради пандемијата со COVID-19, оваа година за прв пат Интернационалната олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Сингапур.

Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 343 ученици од 87 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, трите бронзени медали за Македонија ги освоија Благојче Павлески од Прилеп, Андреј Шеќеров од Скопје и Андреј Величковски од Куманово.

Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои предничи и во однос на земјите со слична големина како и во однос на доста поголеми земји – учеснички на ИОИ: досега се освоени 2 сребрени и 21 бронзен медал.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов, кој повеќе години по ред е еден од четирите избрани членови на врвното управувачко тело на олимпијадата, Интернационалниот комитет, изјави: „Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех покажува дека со несебичното повеќегодишно волонтерско ангажирање на неколкумина професори од Здружението, можно е да се постигнуваат врвни резултати на интернационално ниво, и наместо да сме рангирани некаде кон крајот на одредени листи, можеме да сме далеку повисоко. Добрите резултати кои што редовно ги покажува македонскиот тим ја промовираат Македонија како место од кое големите интернационални ИТ компании може да најдат квалитетни вработени.

Во услови кога работата на Здружението не е помогната од државните институции, крајно сме благодарни на поддршката од општествено одговорните компании НетцетераГрабитДокстимСорсикс и Семос едукација, кои ја помагаат организацијата на натпреварите и подготовката на учениците. Благодарен сум што во последните неколку години полека почнува да се препознаваат врвните постигнувања на нашите ученици од страна на државата со воведување на механизми за нивно наградување, преку одредени конкурси на Агенцијата за млади и спорт, МОН и ФИТР, иако е потребно значително подобрување на регулативата во МОН за ова, во соработка со Здруженијата”.

Доколку условите го дозволат тоа, следната, 33-та по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2021), ќе се одржи идната година, на лице место – во Сингапур.

Веб страна за Интернационалната олимпијада по информатика 2020: https://ioi2020.sg

Три бронзи на ИОИ 2020 Read More »

Бронзен медал на ЕЈОИ 2020

Македонските јуниори-информатичари и годинава успешни: Бронзен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика одржана како онлајн натпревар во Грузија

 

Македонските ученици – информатичари и годинава продолжуваат со успешните настапи на јуниорските меѓународни натпревари по информатика (за ученици на возраст до 15,5 години). На 4-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020), која од 2-ри до 6-ти септември се одржа во облик на онлајн натпревар, македонскиот тим, составен од натпреварувачите Сара Стефановска од Крива Паланка, Атина Рувинова од Охрид, Јан Стојановски од Скопје, Иван Јованоски од Прилеп и како неофицијален натпреварувач Ева Димитриевска од Куманово, раководени од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои бронзен медал.

Според изјавата на претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „Учениците од тимот беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржа по 31-ви пат во видоизменети услови заради актуелната пандемија. За среќа, натпреварите по информатика се одржуваат преку системот mendo.mk кој е онлајн достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.“

Официјален домаќин на ЕЈОИ 2020 е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование, наука, култура и спорт на Грузија. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот, а оваа година заради специфичните околности (онлајн натпреварување), беше овозможено да бидат пријавени и неофицијални натпреварувачи чии резултати не се земаат во предвид при официјалното рангирање. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Заради пандемијата, оваа година за прв пат Европската јуниорска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи). Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Грузија.

На ЕЈОИ 2020 учествуваа вкупно 92 ученици од 27 европски земји. Во исклучително силната конкуренција, освојувач на бронзениот медал за Македонија е ученичката Сара Стефановска од Крива Паланка. Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко.

Доколку условите го дозволат тоа, следната, 5-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2021) ќе се одржи идната година, на лице место – во Тбилиси, Грузија.

Веб страна за настанот: https://ejoi2020.ge

Бронзен медал на ЕЈОИ 2020 Read More »

АГЕНДА НА ДРЖАВНИОТ НАТПРЕВАР 2019

Програма на XXX Државен натпревар по информатика,

СКОПЈЕ 2019

НатпреварувачиМентори
23. март 2019 год. (сабота)
до 10:00

Пристигнување на учесниците во зградата на Технолошко металуршки факултет (ТМФ)

 до 10:15 Пријава на учесниците пред амфитеатарот на ТМФ (приземје)
10:15 – 10:45

Официјално отворање на натпреварот

Амфитеатар на ТМФ

10:45 – 11:00 Сместување на натпреварувачите во лаборатории
во лабораториите на ФИНКИ на приземје и првиот кат во зградата на ТМФ (простории 138, 200 и 215) 
11:45 – 13:30 Работилница – „Информатиката во македонското образование“
– во амфитеатар на ФИНКИ
11:00 – 14:35 Тек на натпреварот
– во лабораториите на ФИНКИ
13:30 – 14:15 Ручек
14:40 – 15:00

Ручек

– бифе ТМФ (подрум)

15:05 – 15:30 Презентација на можностите за студирање на надарените ученици на ФИНКИ
во амфитеатар на ФИНКИ
15:20 Објавување на резултати
на веб страната mendo.mk
15:20 – 15:45 Поднесување на приговори и нивно разгледување
пред и во просторија 138
15:45 – 16:45

Научно предавање

во амфитеатрот на ФИНКИ
17:10 – 18:00

Објавување резултати, доделување награди, дипломи, пофалби и признанија

 – во амфитеатарот во Технолошко-металуршкиот факултет

АГЕНДА НА ДРЖАВНИОТ НАТПРЕВАР 2019 Read More »