Kiril Vasilev
ПРЕЛИМИНАРНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 2021
Почитувани ученици и ментори,
Регионалниот натпревар годинава, според усогласениот календар со другите научни здруженија, ќе се одржи на 06.03. со почеток во 12:00 часот. Истиот ќе се одржи на повеќе локации, заради запазување на мерките наметнати од пандемијата.
Распоредот кој ученик на која локација се натпреварува ќе биде даден во објавена листа на учесници. Сите информации околу учеството ќе бидат доставени и до менторите, на нивните е-адреси, преку кои го имаат извршено пријавувањето на учениците.
ВАЖНИ информации
- Натпреварите во рамките на овогодишниот циклус натпревари по информатика (регионален, државен) се спроведуваат преку системот МЕНДО, кој може да се пристапи на mendo.mk. За да може да учествувате, неопходно е да си креирате кориснички пристап на МЕНДО.
- Според правилникот за натпревари: „Учеството на регионалниот натпревар го пријавува училиштето за секој ученик. Секое училиште има утврдена квота за учество – број на учесници n (= a + b). Бројот a се утврдува од комисијата за натпревари во зависност од техничките можности за актуелната година и може да изнесува помеѓу 1 и 5. Бројот b се утврдува индивидуално за секое училиште – тоа е бројот на освоени места на државниот натпревар во претходниот циклус на натпревари. Секое училиште е должно да спроведе транспарентна процедура за избор на соодветниот број натпреварувачи.“
- Годинава, секое средно училиште може да учествува со 3 натпреварувачи (а=3), а секое основно училиште со 2 (а=2). Бројот b за училиштата, пресметан според минатогодишните резултати, е даден во листата подолу.
- Училиштата-домаќини имаат право на најмногу еден дополнителен натпреварувач. Заради вонредните пандемиски услови, секое училиште кое има пријавено повеќе од еден натпреварувач треба да е подготвено да биде домаќин на одреден број учесници (барем 10). За нив ќе треба да обезбеди просторија (простории) со компјутер со интернет пристап само до mendo.mk и видео надзор (може и од камера од лаптоп) за време на траење на натпреварот.
- Пријавувањето на учесници годинава се врши со пополнување на следната форма за секој учесник од училиштето (се пополнуваат: име, презиме, одделение/клас, корисничко име кое го користи на МЕНДО) и име, е-адреса и контакт телефон до одговорниот професор. Тоа мора да е направено најдоцна до четврток (25.02.2021) до 18:00.
- Програмски јазик кој може да го користат учесниците е С++.
- Во среда (24.02.2021) со почеток од 17:00 часот ќе биде одржан т.н. училишен натпревар. Тој има цел да им овозможи на натпреварувачите да вежбаат и за разлика од претходните години годинава е задолжителен, за него нема да се објави ранг листа со резултати, но ученик кој не бил на училишниот натпревар нема да може да учествува на регионалниот натпревар. Резултатите ќе бидат видливи само за учесниците, и за менторите (по училиште) на нивно барање. Ги советуваме менторите во чии училишта има повеќе заинтересирани ученици за учество на регионалниот натпревар од доделената квота, да го искористат овој натпревар за да изберат кои точно ученици ќе ги пријават на регионалниот натпревар. Напоменуваме дека тоа не е обврска, резултатите од натпреварот не се обврзувачки, и одговорноста за пријавување е оставена на менторот/менторите од секое училиште. Тие, при својот избор треба да внимаваат и да им дадат шанса на ученици од различни одделенија/години. Менторите преземаат обврска да гарантираат дека нивните ученици учествувале на натпреварот чесно, така што натпреварот ќе го организираат во училиштето или ќе ја надгледуваат активноста на учениците електронски.
- Доколку некој ученик не влезе во листата на ученици-претставници од дадено училиште, а смета дека тоа е неоправдано, може да се пријави преку училиштето/менторот за учество на натпреварот со покривање на трошоците (1500 денари) или тоа може да го направи лично на natprevarATcs.org.mk. Овие ученици ќе ги имаат истите права при натамошната квалификација за државен натпревар. Учесниците кои се пријавени (или ќе се пријават на natprevarATcs.org.mk) за приватно учество најдоцна до 27.02. треба да извршат уплата преку пополнета уплатница со податоци како стандардната уплатница за членство во ЗИМ со следните измени: – цел на дознака: Учество на регионален натпревар 2021; – износ: 1500 денари.
Листа на училишта со дополнителни места според минатогодишните резултати
Училиште | Град | Дополнителни места (b=) |
ОСУ „Ацо Русковски“ | Берово | 2 |
СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ | Битола | 2 |
СОУ „Ванчо Прке“ | Виница | 1 |
СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ | Кавадарци | 2 |
ОУ „Малина Попиванова“ | Кочани | 1 |
ООУ „Јоаким Крчовски“ | Крива Паланка | 1 |
ООУ „Браќа Миладиновци“ | Куманово | 1 |
ООУ „Кочо Рацин“ | Куманово | 1 |
ООУ „Крсте Мисирков“ | Куманово | 3 |
ООУ „Христијан Карпош“ | Куманово | 1 |
ОСТУ „Наце Буѓони“ | Куманово | 1 |
СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ | Куманово | 1 |
СОУ „Св. Кирил и Методиј“ | Неготино | 1 |
ООУ „Гоце Делчев“ | Прилеп | 1 |
ООУ „Климент Охридски“ | Прилеп | 2 |
ООУ „Кочо Рацин“ | Прилеп | 1 |
ООУ „Рампо Левката“ | Прилеп | 1 |
СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ | Прилеп | 1 |
Центар за едукација „Круг“ | Прилеп | 1 |
ООУ „Браќа Миладиновци“ | Пробиштип | 1 |
СОУ „Наум Наумовски-Борче“ | Пробиштип | 1 |
PSU Yahya Kemal College | Скопје | 10 |
Yahya Kemal College Karposh – Elementary | Скопје | 1 |
Меѓународни Училишта НОВА | Скопје | 1 |
ООУ „Александар Македонски“ | Скопје | 1 |
ООУ „Браќа Миладиновци“ | Скопје | 1 |
ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ | Скопје | 1 |
ООУ „Наум Наумовски Борче“ | Скопје | 1 |
ОУ „Лазо Трповски“ | Скопје | 1 |
ООУ „Његош“ | Скопје | 1 |
ОУ „Мирче Ацев“ | Скопје | 1 |
СЕМОС Едукација | Скопје | 3 |
СУГС Гимназија „Орце Николов“ | Скопје | 4 |
СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ | Скопје | 3 |
СУГС Гимназија „Никола Карев“ | Скопје | 2 |
ДСУ Математичко-информатичка гимназија | Скопје | 9 |
ПСУ „Јахја Кемал“ | Струга | 2 |
СОУ „Ибрахим Темо“ | Струга | 2 |
ООУ „Никола Вапцаров“ | Струмица | 1 |
СОУ „Jане Сандански“ | Струмица | 5 |
СОУ „Никола Карев“ | Струмица | 1 |
СОУ „Славчо Стојменски“ | Штип | 1 |
Прв златен медал за Македонија на БОИ 2021
Прв златен медал во историјата за македонски учесник на Балканската олимпијада по информатика
На 28-мата Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2021), која од 24-ти до 29-ти ноември се одржува во Шумен, Бугарија, македонските средношколци го постигнаа највисокиот резултат во скоро 30 годишната традиција на ова натпреварување. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Андреј Шекеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден златен и еден сребрен медал, како и една олимписка пофалба.
БОИ 2021 се одржува онлајн, согласно со условите кои ги диктира ковид пандемијата, а на настанот учествуваат вкупно 37 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија. Во ваква силна конкуренција, историскиот златен медал за Македонија го освои Благојче Павлески, ученик од Прилеп, во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал” во Скопје. Ученикот Марко Таневски, исто така од Прилеп, освои сребрен медал, што го става во неколкутемина на комплетната листа на освојувачи на сребрени медали за нашата земја. Овој огромен успех беше надополнет и со резултатот на Андреј Шекеров од Скопје, кој освои олимписка пофалба.
Дополнително, на Шуменскиот турнир, интернационален натпревар кој се одржува онлајн во паралела со балканската олимпијада, Сара Стефановска од македонскиот јуниорски тим освои бронзен медал. Сара е ученичка од Крива Паланка запишана во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Таа за ова одличје се избори во конкуренција на 168 натпреварувачи од петнаесетина земји.
Нашиот тим традиционално се избира преку целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Нетцетера и Семос Едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.
Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен претседател на Балканската олимпијада, за овој голем успех изјави: „Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици. Според мене, успехот се должи на напорите на Здружението редовно да работи со талентираните ученици, како и воведувањето на информатиката и темите од програмирање во основното и средното образование во првата половина на претходната деценија. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се игнорира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја.”.
Следната, 29-та по ред, Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2022), треба да се одржи идната година во Љубљана, Словенија.
Натпревари по информатика 2021
Здружението на информатичарите на Македонија, и оваа година организира циклус на натпревари по информатика. Сите информации поврзани со натпреварите, правилата, датумите и слично, можат да се најдат на веб-сајтот на ЗИМ. Во однос на програмирањето, повеќето натпревари во оваа година (училишен, регионален и државен) ќе се спроведуваат преку системот МЕНДО.
Повеќе информации, како и календарот за натпревари и специфичните правила за бодување се објавени на веб–сајтот на ЗИМ, во делот за натпревари.