FINKI Admin

Дамјан Давков освои историско злато на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Грузија

На 7-мата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2023), која од 8-ми до 14-ти септември се одржува во Кутаиси, Грузија, младите македонски информатичари го постигнаа досега најголемиот успех: освоен е првиот златен медал за Македонија во историјата на ова натпреварување. Златниот медал на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Дамјан Давков од Штип, ученик од Математичко-информатичката гимназија во Скопје.

Забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалба, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје, кои беа многу блиску до освојување на олимписка пофалница – од ова значајно остварување ги делеа само 5 поени (од можните 600 поени на натпреварот). Тимот беше раководен од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Годинава, официјален домаќин на ЕЈОИ е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование и наука на Грузија, во соработка со Интернационалниот универзитет во Кутаиси. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Во својата изјавата, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов вели: „На овогодинешната олимпијада учествуваат вкупно 95 ученика од 24 европски земји. Пресреќен сум што во нашата богата колекција од медали од интернационалните натпреварувања од сега ќе го имаме и златниот медал. Огромниот успех се должи на континуираната работа и поддршка на учениците од наша страна, од страна на нивните ментори, нивните родители и се разбира, на нивниот талент и посветеност преку редовна работа да дојдат до посакуваниот успех. Ова е уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат и талент и знаење со кое што може да се рамнат, а некои од нив, како Дамјан, дури и да застанат пред своите врсници од цела Европа. Благодарам на ФИНКИ, и на општествено одговорните компании како Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и останатите кои редовно ги поддржуваат нашите активности.“

Следната, 8-ма по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024) ќе се одржи идната година во Молдавија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2023), која ќе се одржи од 29-ти октомври до 4-ти ноември во Марибор, Словенија.

Дамјан Давков освои историско злато на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Грузија Read More »

Дамјан Давков освои бронзен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Унгарија

Во Унгарија, земјата на изумителот на компјутерската архитектура Џон Фон Нојман, во градот Сегедин, од 28 август до 4 септември се одржува 35. по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2023). И на оваа олимпијада македонските ученици ја продолжуваат традицијата на одлично претставување од последниве десетина години, постигнувајќи нов голем успех.

 
Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков, Иван Занов, Марко Петров и Благој Рујаноски Стојановски, предводени од лидерите – д-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден бронзен медал. Нашите млади ученици остварија резултат со кој уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив.
Нашиот тим за ИОИ беше избран преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат. Оваа година циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), општествено одговорните компании Нетцетера, Сорсикс, Семос Едукација и неколку локални поддржувачи. 
 
Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата. На овој натпревар учествуваат исклучително талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400.000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

 
Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 351 ученик од 90 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков. Останатите тројца наши натпреварувачи имаа забележителен настап, при што Марко Петров освои олимписка пофалница, а беше многу блиску и до освојување бронзен медал – од ова извонредно достигнување го делеа само 14 поени (од можните 600 поени на натпреварот).
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите – учеснички на ИОИ: освоени 3 сребрени и 24 бронзени медали. Земајќи в предвид дека според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија), остварените резултати се достојни за почит.
 

Следната, 36. по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2024), ќе се одржи идната година во Египет. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кутаиси, Грузија, која започнува на 8 септември.

Дамјан Давков освои бронзен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Унгарија Read More »

Македонски средношколки освоија два бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки

Македонските информатичарки успешно го започнаа годинешното учество на меѓународни олимпијади по информатика за Македонија. На третата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023), која од 15 до 21 јули се одржува во Лунд, Шведска, нашите ученички имаа уште едно успешно претставување освојувајќи два бронзени медали
 
Бронзените медали за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување ги освоија Софија Велковска од Скопје и Јована Трифуноска од Тетово, а солиден резултат постигнаа и другите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Атина Рувинова од Охрид. Тимот е раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Ученичките беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат. Вклучувајќи ги овие два медалa, македонските ученички на трите досегашни изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 4 бронзени медали, што претставува успех со кој можат да се пофалат релативно мал број земји учеснички на олимпијадата.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно млад натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Примарна цел на оваа олимпијада е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се забележливо помалку присутни на редовните меѓународни олимпијади по информатика. Форматот на натпреварување е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање соодветни ефикасни алгоритми.
 
Секоја земја членка на ЕОИД-заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик-лидер на тимот. На ЕОИД 2023 учествуваат вкупно 127 учеснички од 36 европски земји, а како претставници на земји гости, во неофицијална конкуренција, учествуваат и 62 ученички од 16 земји надвор од европскиот континент (како Бразил, САД, Египет, Индија, Саудиска Арабија и др.). Успехот на нашиот тим, со освоените два бронзени медалa во ваква силна конкуренција, е навистина голем и заслужува почит.

Следната, четврта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024) ќе се одржи идната година во Ајндховен, Холандија. Следен настан што им претстои на македонските ученици – информатичари е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сегедин, Унгарија, кон крајот на август.

Македонски средношколки освоија два бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки Read More »

МЕЃУНАРОДНИ НАТПРЕВАРИ ПО ИНФОРМАТИКА 2022

МЕЃУНАРОДНИ НАТПРЕВАРИ ПО ИНФОРМАТИКА 2022 Read More »

XXVI МАКЕДОНСКА (ЈУНИОРСКА) ОЛИМПИЈАДА ПО ИНФОРМАТИКА 2022, 27-30.04.2022

Oлимпијадите ќе се одржат во среда, 27.4, во периодот од 11:00 до 16:00 часот, во просториите на ФИНКИ.

Решавањето задачи за МОИ ќе трае до 240 минути, а за МЈОИ до 210 минути.

 Заради ковид протоколите, се очекува учениците да дојдат пред влезот на просториите на ФИНКИ на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во 10:45 часот. По спроведувањето за протоколите за влез, учениците треба да се упатат кон просторија 215.
За учесниците ќе биде обезбеден ручек по завршувањето на натпреварот.

По проверката на исполнетост на дополнителниот услов за учество (230 задачи на МЕНДО за МОИ и 170 за ЈМОИ), објавена е конечна листа за учество на олимпијадите. На листата е дадена и позиција за натпреварување која треба учесниците да си ја запаметат.

Сите активности треба да завршат до 16:00.

Конечна листа на поканети учесници на Македонска и Македонска јуниорска олимпијада по информатика 2022

Резултати од Македонска Олимпијада по информатика 2022

Резултати од Македонска Јуниорска Олимпијада по информатика 2022

XXVI МАКЕДОНСКА (ЈУНИОРСКА) ОЛИМПИЈАДА ПО ИНФОРМАТИКА 2022, 27-30.04.2022 Read More »