Дамјан Давков освои бронзен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Унгарија

Во Унгарија, земјата на изумителот на компјутерската архитектура Џон Фон Нојман, во градот Сегедин, од 28 август до 4 септември се одржува 35. по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2023). И на оваа олимпијада македонските ученици ја продолжуваат традицијата на одлично претставување од последниве десетина години, постигнувајќи нов голем успех.

 
Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков, Иван Занов, Марко Петров и Благој Рујаноски Стојановски, предводени од лидерите – д-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден бронзен медал. Нашите млади ученици остварија резултат со кој уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив.
Нашиот тим за ИОИ беше избран преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат. Оваа година циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), општествено одговорните компании Нетцетера, Сорсикс, Семос Едукација и неколку локални поддржувачи. 
 
Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата. На овој натпревар учествуваат исклучително талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400.000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

 
Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 351 ученик од 90 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков. Останатите тројца наши натпреварувачи имаа забележителен настап, при што Марко Петров освои олимписка пофалница, а беше многу блиску и до освојување бронзен медал – од ова извонредно достигнување го делеа само 14 поени (од можните 600 поени на натпреварот).
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите – учеснички на ИОИ: освоени 3 сребрени и 24 бронзени медали. Земајќи в предвид дека според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија), остварените резултати се достојни за почит.
 

Следната, 36. по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2024), ќе се одржи идната година во Египет. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кутаиси, Грузија, која започнува на 8 септември.