Последни настани

Еден сребрен и еден бронзен медал за Македонија на БОИ 2022!!

Еден сребрен и еден бронзен медал за Македонија на БОИ 2022!!

Македонските средношколци – информатичари уште еднаш потврдија дека Македонија треба да се гордее со нив. На 29-тата по ред Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2022), која од 3-ти до 8-ми октомври се одржува во Букурешт, Романија, нашите ученици остварија нов голем успех. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се закити со еден сребрен и еден бронзен медал.

После една година пауза и една година во облик на онлајн натпреварување, годинава БОИ се одржува како регуларен настан. Главен организатор на БОИ 2022 е Здружението за извонредност и изведба во информатиката (Society of Excellence and Performance in Informatics), заедно со Министерството за образование на Република Романија. На натпреварот официјално учествуваа вкупно 42 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија. Во ваква силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Благојче Павлески од Прилеп, додека бронзениот медал го освои Тео Китановски од Скопје. Дополнително, на паралелно организираниот RMI интернационален турнир кој вклучи 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји, Благојче Павлески беше награден со златен медал, а Тео Китановски со бронзен.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), д-р Миле Јованов изјави: „Успесите не доаѓаат самите од себе. Ова кое што го постигнуваме е благодарение на личното залагање и труд на секој од нашите учесници, како и на неколкуте професори од ЗИМ со кои го вложуваме нашето слободно време и знаење за да може да ги насочиме нашите ученици. Среќен сум што со повеќегодишна упорна работа успеавме да го издигнеме квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво да се рамо до рамо со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја предвид големината на нашата земја. Препознавањето на успехот и на личниот ангажман изгледа е полесно во странство, па веројатно затоа, после два мандата, повторно бев избран за Претседател на Балканската олимпијада по информатика за нов тригодишен мандат. Благодарен сум за поддршката од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на неколкуте општествено одговорните компании кои редовно не поддржуваат: Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација. Оваа година за прв пат патувањето на македонските ученици до Романија беше под покровителство на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој исто така преку последните заеднички активности го поддржа и промовираше успехот на информатичарите и ЗИМ.“.

Македонските натпревари се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи кои сакаат да се испробаат во оваа област. Балканската олимпијада во следните три години е предвидено да се одржи во Словенија, Италија и Албанија, по тој редослед.

Веб страна за настанот: https://boi2022.lbi.ro.

Еден сребрен и еден бронзен медал за Македонија на БОИ 2022!! Read More »

Сребрен медал и две олимписки пофалби за македонскиот тим на Европската јуниорска олимпијада по информатика

Прв сребрен медал и две олимписки пофалби за македонскиот тим во Украина, на Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2022)!!
Јуниорскиот тим на македонски информатичари после доста успешното претставување на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Романија, својот квалитет го потврди и на Европската јуниорска олимпијада по информатика, која се одржува онлајн со Украина како домаќин.
На овој највисок настан за информатичко натпреварување за јуниори нашиот ученик Дамјан Давков од Штип освои сребрен медал, што е историски првиот медал за Македонија на оваа олимпијада која се одржува веќе 6 години по ред.
Тимот кој ја претставува нашата земја е составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Дамјан Давков од Штип и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Натпреварувачите се натпреваруваа онлајн, во просториите на ФИНКИ, под раководство на Владислав Бидиков, а дел од активностите беа спроведени во новиот ИТ хаб во Скопје – Нетавил. На олимпијадата, покрај сребрениот медал за Дамјан, одличје олимписка пофалба освоија и Никола Стојковски и Владимир Грчев.
Македонските тимови при досегашните учества на оваа олимпијада имаат освоено 3 бронзени медали, а успехот на јуниорите ветува дека во иднина ќе имаме и одлични натпреварувачи за интернационалните натпревари на средношколско ниво.
Годинава пред македонските информатичари се и Балканска олимпијада по информатика, на почеток на октомври, во Букурешт, Романија и Европската олимпијада за девојки во Анталија, Турција во втората половина на октомври. Патувањето на учениците до Романија ќе биде под покровителство на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, а циклусот натпревари и подготовки на учениците е поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација.

Сребрен медал и две олимписки пофалби за македонскиот тим на Европската јуниорска олимпијада по информатика Read More »

Македонски ученици освоија еден сребрен и два бронзени медали на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика

Јуниорскиот тим на македонски информатичари годинава доста успешно се претстави на 15-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2022), која од 28-ти август до 3-ти септември се одржува во Дорохои, Романија, оставајќи ги тимовите на повеќето балкански држави зад нив.

Тимот составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Дамјан Давков од Штип и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, Владислав Бидиков и д-р Миле Јованов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и два бронзени медала.

После една година пауза и една година како онлајн натпреварување, ЈБОИ се одржува како регуларен настан. Покрај учеството на повеќето земји од балканската иницијатива во информатика, беа присутни и Украина и Азербејџан како земји гости.

Во силна конкуренција во која скоро сите земји учеснички се поголеми од Македонија, сребрениот медал за нашиот тим го освои Благој Рујаноски Стојановски, ученик со штотуку завршено основно образование.

Учениците Никола Стојковски и Дамјан Давков од Скопје освоија бронзени медали, а најмладиот учесник од Македонија се врати со олимписка пофалба. До сега, во овие 15 изданија на олимпијадата македонските натпреварувачи имаат освоени 5 сребрени и 24 бронзени медали.

Овој резултат на нашиот јуниорски тим покажува дека континуираната работа на членовите на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) создава не само врвни резултати туку и иднина. Добро би било и фокусот на државните институции да се насочи кон поддршка и развој на талентите преку средување на законската легислатива и вистинска поддршка на организациите и поединците кои работат на тоа. Талентите, во која било област, може да бидат потребната сила за придвижување на државата во вистинска насока, а, во денешно време, особено идните информатички инженери. Благодарни сме до Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација, кои годинава го поддржаа циклусот на натпревари, вели д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ.

Во периодот кој следи ни претстои учество на Балканска олимпијада за во Букурешт, Романија, Европска олимпијада за јуниорите во Украина – онлајн, како и Европска олимпијада за девојки во Турција, а учениците од сите тимови следниот викенд ќе бидат гости во вилата Билјана во Охрид, на покана на Претседателот на државата.

 

Извор: lider.mk

 

Македонски ученици освоија еден сребрен и два бронзени медали на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика Read More »

Натпревари по информатика 2022

Како и минатата година, Здружението на информатичарите на Македонија организира циклус на натпревари по информатика. Сите информации поврзани со натпреварите, правилата, датумите и слично, можат да се најдат на веб-сајтот на ЗИМ. Во однос на програмирањето, повеќето натпревари во оваа година (училишен, регионален и државен) ќе се спроведуваат преку системот МЕНДО.

Повеќе информации, како и календарот за натпревари и специфичните правила за бодување се објавени на веб–сајтот на ЗИМ, во делот за натпревари.

Натпревари по информатика 2022 Read More »

ИОИ 2021 (онлајн)

Од 19.06.2021 до 25.06.2021, во облик на онлајн натпревар, се одржа 33-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2021).

 

Македонија на ИОИ 2021 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Благојче Павлески, Андреј Шекеров, Тео Китановски и Марко Таневски, како и лидерите м-р Емил Станков и Мартин Динев.

Веб страна за ИОИ 2021: https://ioi2021.sg/

ИОИ 2021 (онлајн) Read More »

RMI 2021

Од 15.12.2021 до 17.12.2021, во облик на онлајн натпревар, се одржа деветтиот по ред интернационален натпревар во програмирање „Romanian Master of Informatics“ (RMI 2021).

Во организација на ЗИМ, Македонија на RMI 2021 ја претставуваше тим составен од натпреварувачите Тео Китановски, Благојче Павлески, Сара Стефановска и Марко Таневски, како и лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

RMI 2021 Read More »

Прв златен медал за Македонија на БОИ 2021

Прв златен медал во историјата за македонски учесник на Балканската олимпијада по информатика

На 28-мата Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2021), која од 24-ти до 29-ти ноември се одржува во Шумен, Бугарија, македонските средношколци го постигнаа највисокиот резултат во скоро 30 годишната традиција на ова натпреварување. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Андреј Шекеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден златен и еден сребрен медал, како и една олимписка пофалба.

БОИ 2021 се одржува онлајн, согласно со условите кои ги диктира ковид пандемијата, а на настанот учествуваат вкупно 37 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија. Во ваква силна конкуренција, историскиот златен медал за Македонија го освои Благојче Павлески, ученик од Прилеп, во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал” во Скопје. Ученикот Марко Таневски, исто така од Прилеп, освои сребрен медал, што го става во неколкутемина на комплетната листа на освојувачи на сребрени медали за нашата земја. Овој огромен успех беше надополнет и со резултатот на Андреј Шекеров од Скопје, кој освои олимписка пофалба.

Дополнително, на Шуменскиот турнир, интернационален натпревар кој се одржува онлајн во паралела со балканската олимпијада, Сара Стефановска од македонскиот јуниорски тим освои бронзен медал. Сара е ученичка од Крива Паланка запишана во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Таа за ова одличје се избори во конкуренција на 168 натпреварувачи од петнаесетина земји.

Нашиот тим традиционално се избира преку целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Нетцетера и Семос Едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен претседател на Балканската олимпијада, за овој голем успех изјави: „Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици. Според мене, успехот се должи на напорите на Здружението редовно да работи со талентираните ученици, како и воведувањето на информатиката и темите од програмирање во основното и средното образование во првата половина на претходната деценија. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се игнорира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја.”.

Следната, 29-та по ред, Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2022), треба да се одржи идната година во Љубљана, Словенија.

Прв златен медал за Македонија на БОИ 2021 Read More »

XXVIII Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2021)

Од 24.11.2021 до 29.11.2021, во облик на онлајн натпревар, се одржа XXVIII Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2021). БОИ 2021 се одржа во рамките на XIII Интернационален есенски турнир во програмирање – IATI 2021, кој традиционално се одржува во Шумен, Бугарија.

Македонија на БОИ 2021 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Андреј Шекеров, Благојче Павлески, Марко Таневски и Тео Китановски, како и лидерите Емил Станков и Мартин Динев.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

XXVIII Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2021) Read More »

V Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2021)

Од 24.08.2021 до 28.08.2021, во облик на онлајн натпревар, се одржа петтата по ред Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2021), како и 14-тата по ред Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика (ЈБОИ 2021).

Македонија на ЕЈОИ 2021 и ЈБОИ 2021 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Давид Каранфилов, Јован Михов, Јована Трифуноска и Сара Стефановска, како и лидерите Миле Јованов и Емил Станков.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

V Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2021) Read More »