Последни настани

Историски успех: Два сребрени медала и две олимписки пофалници за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика во Сукре, Боливија

Во срцето на Јужна Америка, во Сукре – уставниот главен град на Боливија, сместен на надморска височина поголема од најголемата во Македонија – 2790 метри, од 27-ми јули до 3-ти август се одржува 37-мата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025). На оваа олимпијада, учениците-информатичари – претставници на Македонија, ја продолжија традицијата на одлични резултати на меѓународните олимпијади по информатика, овој пат постигнувајќи историски најголем успех. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на алгоритмите и програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Леонид Цуклев од Гевгелија, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои два сребрени медала. Овој успех е само уште еден доказ за континуираниот напредок и посветеност на младите македонски информатичари, кои со своето знаење, труд, но и остварени резултати, ја поставуваат Македонија на мапата на најуспешните држави во областа на информатиката.

            Учениците кои се дел од македонскиот тим за ИОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и Винчини.

Македонија на ИОИ за прв пат како независна држава учествуваше во 1996 година, и од тогаш па до денес како мала земја има завидни резултати споредено и со земји кои се значително поголеми: освоени 6 сребрени, 24 бронзени медали и 4 олимписки пофалници. Имајќи го предвид фактот дека според начинот на поделба на медалите, ИОИ како врвна научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со научните олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија), постигнатите резултати заслужуваат почит.

            Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) е водечки светски натпревар во областа на алгоритамско програмирање, наменет за средношколци, кој секоја година се организира во различна земја-членка на ИОИ заедницата. Станува збор за најпрестижниот настан од ваков вид, на кој учествуваат внимателно селектирани млади таленти од целиот свет. На ИОИ се натпреваруваат ученици кои претходно минале низ повеќестепен селекциски процес на национално ниво, при што го покажале највисокото ниво на знаење и способности во областа на информатиката. Учесниците се соочуваат со високо предизвикувачки задачи, преку кои ги демонстрираат и унапредуваат своите вештини за анализа на проблеми, дизајн на алгоритми, имплементација на ефикасни решенија, користење на напредни податочни структури, како и тестирање и оптимизација на код. Секоја година, во околу 95 земји низ светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400 000 ученици. Само најдобрите од нив добиваат можност да ја претставуваат својата држава на ИОИ и да се натпреваруваат со врвните млади умови од сите краишта на светот – што се смета за особена чест и признание за секој млад програмер. ИОИ не само што претставува платформа за натпреварување, туку е и место за размена на идеи, градење на пријателства помеѓу идните лидери во технологијата и поттикнување на интернационална соработка и разбирање преку заедничка љубов кон информатиката.

            На ИОИ 2025 учествуваат вкупно 330 ученици од 86 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрените медали за Македонија ги освоија Дамјан Давков и Леонид Цуклев. И останатите двајца наши натпреварувачи, Благој Рујаноски Стојановски и Виктор Максимоски, имаа солидно претставување, при што и двајцата освоија олимписка пофалба, што означува дека во еден од натпреварувачките денови освоиле поени во ранг на медал. Ова одличје го освојуваат околу 10% од учесниците на олимпијадата.

            „За прв пат оваа година Здружението на информатичарите на Македонија, како долгогодишен организатор на натпреварите по информатика, аплицираше за покривање на патните трошоци за патувањето до Министерството за образование и наука. После првичната одлука за делумно покривање на трошоците, во директна комуникација за Министерката бевме уверени дека МОН комплетно ќе ги покрие трошоците за нашето учество на олимпијадата. Особено ми е драго што за прв пат во МОН гледаме партнер кој го разбира значењето на ваквите олимписки претставувања на Македонија, и иако годинава трошоците за патувањето беа значително повисоки од вообичаените, Министерството изнајде начин да не поддржи. А ние, на надморска височина од 2800 метри го постигнавме досега највисокиот резултат за Македонија, и се надевам дека ја правиме државата горда, особено на денот на републиката, 2-ри Август.“ – изјави претседателот на здружението, проф. д-р Миле Јованов.

            Следната, 38-ма по ред, Интернационална олимпијада по информатика, ќе се одржи идната година во Узбекистан. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), која ќе се одржи во Шумен, Бугарија, во периодот од 29-ти август до 4-ти септември.

Веб страна за настанот: https://ioi2025.bo/ .

Историски успех: Два сребрени медала и две олимписки пофалници за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика во Сукре, Боливија Read More »

Девојките трета година по ред се тие коишто најавуваат одлична олимписка година за информатичарите: Бронзен медал за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки која се одржува во Бон, Германија

Македонските ученички – информатичарки трета година по ред се оние коишто го најавуваат успешното учество за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика. На петтата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која од 14-ти до 20-ти јули се одржува во Бон, Германија, нашите ученички остварија уште еден одличен резултат, освојувајќи еден бронзен медал. Бронзениот медал за Македонија на ова значајно меѓународно натпреварување го освои Сара Стефановска од Крива Паланка, а достоен резултат постигна и Антонела Владева од Свети Николе, освојувајќи олимписка пофалница. И останатите две членки на македонскиот тим, Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица, имаа солидно претставување. Вклучувајќи го и овој бронзен медал, македонските ученички на досегашните пет изданија на ЕОИД имаат освоено вкупно 1 сребрен и 7 бронзени медали.

Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој со своите ресурси редовно ги поддржува активностите на Здружението на информатичарите на Македонија и организацијата на натпреварите по информатика. Оваа година се одржа 36-тиот циклус натпревари преку кој беа избрани и учесничките за оваа олимпијада. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

            Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање, наменет само за ученички – средношколки од државите во Европа, кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на ЕОИД е да го поттикне учеството и присуството на девојките во областа на информатиката, овозможувајќи простор каде што талентираните ученички можат да ги демонстрираат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународна сцена. Оваа олимпијада има значајна улога во мотивирањето на повеќе девојки да се одлучат за кариера во компјутерските науки и слични области, каде што жените сè уште се малку застапени. Преку создавање на средина што нуди поддршка и предизвик, ЕОИД настојува да ги инспирира и охрабри младите жени да напредуваат и да се истакнат во полето на информатиката.

Форматот на натпреварувањето на ЕОИД е налик на веќе востановените меѓународни олимпијади, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Како и на ИОИ, натпреварувачките треба во ограничен временски рок да решат серија алгоритамски и проблемски задачи. Централниот дел од натпреварот се одвива во текот на два натпреварувачки дена, за време на кои ученичките се соочуваат со комплексни задачи што бараат осмислување и примена на ефикасни алгоритми. Овој натпревар не само што ги развива техничките способности, туку и го поттикнува тимскиот дух, аналитичкото размислување и креативниот пристап.

Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата има право да учествува со свој тим составен од најмногу четири натпреварувачки под 20-годишна возраст, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. На ЕОИД 2025 учествуваат вкупно 138 учеснички од 38 европски држави, додека во неофицијална конкуренција учествуваат и 85 ученички од 22 држави надвор од Европа (меѓу кои Австралија, Канада, Египет, Индија, САД, Саудиска Арабија и др.). Со оглед на силната конкуренција, освоениот бронзен медал претставува значајно постигнување и потврда за успехот на македонскиот тим, достоен за почит.

            Следната, шеста по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2026) ќе се одржи идната година, во Италија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е централниот натпревар, односно Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сукре, Боливија, која ќе се одржи од 27-ми јули до 3-ти август.

Веб страна за настанот: https://www.egoi2025.de/.

Девојките трета година по ред се тие коишто најавуваат одлична олимписка година за информатичарите: Бронзен медал за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки која се одржува во Бон, Германија Read More »

СО СВЕЧЕНА ЦЕРЕМОНИЈА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА МЕДАЛИ И ПРИЗНАНИЈА, КУЛМИНИРАШЕ 31. ИЗДАНИЕ НА БАЛКАНСКАТА ОЛИМПИЈАДА ПО ИНФОРМАТИКА ВО ОХРИД

Дамјан Давков, од Македонија освои сребрен медал во рамки на овогодинешната Балканска Олимпијада по Информатика

Охрид, 25.09.2024 година – 31. издание на Балканската олимпијада по информатика (БОИ), во организација на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), официјално беше заокружено денес во Охрид, Македонија, со свечена церемонија за доделување на медали. Олимпијадата, во периодот од 20. до 25 септември 2024 година, на едно место ги обедини најпаметните млади умови од Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија, во сферата на технологијата и иновациите. За време на двата натпреварувачки денови, учесниците решаваа комплексни алгоритамски задачи дизајнирани за да ги предизвикаат нивните вештини во програмирање и решавање на проблеми. По ригорозна евалуација, најдобрите учесници беа наградени со медали, како признание за нивните достигнувања.

На овогодинешната Балканска Олимпијада по Информатика, македонскиот учесник Дамјан Давков од Штип, ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје, е добитник на висок сребрен медал, додека Благој Рујаноски Стојановски, Владимир Грчев и Виктор Максимовски освоија олимписка пофалба.

Добитник на највисокиот златен медал и освоено прво место е Даниел Којнов од Бугарија, додека златни медали освоија и Милош Милутиновиќ од Србија, и Борис Михов и Андреј Стефанов од Бугарија.

Овие млади програмери демонстрираа исклучително високо ниво на техничко знаење и креативност, поставувајќи високи стандарди за идните учесници на Балканската олимпијада.

„Со гордост можам да кажам дека успешно го завршуваме 31. издание на Балканската олимпијада по информатика. Трет пат во Македонија, по 2000 и 2008 година, на едно место ги обединивме средношколците – информатичари од Балканот и пошироко, овозможувајќи им средина во која може да го покажат својот талент и да изградат конекции кои долго ќе траат. Искрени честитки до сите учесници кои покажаа неверојатни способности за решавање на комплексни проблеми и истрајност во текот на целиот натпревар. Да се биде домаќин на ваков настан во Македонија е доказ за посветеноста во негувањето на младите таленти во областа на информатиката. Сето ова го реализиравме благодарение на исклучителната поддршка и придонес на нашиот институционален поддржувач Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ кои за потребите за организација на овој еднонеделен настан овозможија поддршка во форма на финансии, опрема, односно комплетно нови компјутери на кои се решаваа задачите, како и учество на професорите во подготовката и евалуацијата на задачите. Воедно, сакам да се заблагодарам и на поддршката на нашиот златен спонзор “Sorsix“, како и останатите  “Jane Street”, “Valtech”, “Netcetera”, “Codecham”, “GrabIT”, “Furious Avocado”, “Loka”, “Винчини”, “Комплекс Мижо”, “Долна Порта”, “Халк банка”, “Фротекс”, “Masinokop Resources”,“Кока-кола” и нашиот партнер од невладиниот сектор, “Бистри Умови Македонија”, кои одиграа важна улога во успехот на 31. издание на Балканската Олимпијада.“, истакна проф. д-р Миле Јованов, Претседател на Здружението на Информатичарите на Македонија.

Балканската Олимпијада по Информатика е можност учесниците да ги тестираат своите вештини и знаење и да стекнат искуство кое ќе биде незаменливо за нивниот академски и професионален развој. Покрај натпреварувачките денови, учесниците во олимпијадата имаат можност да се дружат со останатите учесници и да се запознаат со локалната култура и историја на земјата – домаќин на настанот. Во рамките на програмата тие го посетија и стариот дел од градот Охрид со неговите знаменитости, а со брод отидоа до наколната населба Залив на коските, манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски.

Зголемувањето на бројот на учесници во БОИ и нивната разновидност е рефлексија на значајноста и влијанието на оваа Олимпијада. Трендот на вклучување на земји пошироко од границите на Балканот низ годините е јасен индикатор за квалитетот, вредноста и важноста на овој настан. Со традиција и вредности кои се пренесуваат веќе 31 година по ред, БОИ продолжува ги инспирира новите генерации информатичари чиј талент ќе ја обликува иднината на технологијата.

###

За Балканската Олимпијада по Информатика

Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Домаќин на олимпијадата секоја година е различна земја, членка на БОИ иницијативата. На олимпијадата секоја држава има право да учествува со најмногу 4 (четири) ученици/ натпреварувачи кои претходно се бираат според постигнати највисоки државни резултати, а државата домаќин може да има 2 тима од по 4 (четири) натпреварувачи, односно најмногу 8 (осум). Земји учеснички во Балканската олимпијада се Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора и Италија. Дополнително, учество заземаат и учесници од други земји кои се поканети како гости на Олимпијадата, како Хрватска, Швајцарија, Полска, Украина, Саудиска Арабија. Овогодинешното, 31. издание на Балканската олимпијада по информатика, во организација на Здружението на Информатичари на Македонија, се одржа во Охрид, Македонија, во период од 20 септември до 25 септември 2024 година.
https://boi2024.cs.org.mk/

За Здружение на Информатичарите на Македонија

Здружението на Информатичарите на Македонија е организација која се залага за развој и унапредување на информатиката и нејзина примена во сите аспекти на општественото делување. Клучните цели на Здружението вклучуваат заштита на правата и интересите на своите членови, унапредување на стручното знаење на членовите преку стручни собири, предавања и дискусии на одредена тема и подобрување на информатичкото образование. Здружението организира различни едукативни активности како семинари, курсеви, ИТ натпревари и тематски конференции, залагајќи се за подобри наставни програми по информатика во училиштата. Преку своите три доминантни сфери на делување – образование, индустрија и млади – Здружението соработува со Институциите, бизнис секторот и другите организации за да го поттикне развојот на информатиката во образованието и индустријата, истовремено подготвувајќи ги идните генерации за дигиталниот свет.
https://cs.org.mk/

СО СВЕЧЕНА ЦЕРЕМОНИЈА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА МЕДАЛИ И ПРИЗНАНИЈА, КУЛМИНИРАШЕ 31. ИЗДАНИЕ НА БАЛКАНСКАТА ОЛИМПИЈАДА ПО ИНФОРМАТИКА ВО ОХРИД Read More »

Пирамиди позади грб, сребрен медал на градите: успех за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика во Александрија, Египет

Во земјата на фараоните – Египет, во градот основан од страна на големиот освојувач Александар Македонски, од 1-ви до 8-ти септември се одржува 36-тата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2024). Македонските информатичари, учесници на оваа олимпијада, ја продолжуваат одличната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, постигнувајќи нов голем успех. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои сребрен медал.

Нашиот тим за годинешната ИОИ беше избран преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата. На овој натпревар учествуваат одбрани талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година, во повеќе од 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 370 ученици од 96 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков. Дамјан беше многу блиску и до освојување на златен медал, а од ова извонредно достигнување го делеа само 9 поени, од можните 600 поени на натпреварот. Исто така, нашиот Благој Рујаноски Стојановски освои олимписка пофалница.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов изјави: „Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех се должи на интензивна работа на повеќе волонтери вклучени во работата на Здружението, а можноста за учество на натпреварите ни ја дава поддршката од нашите поддржувачи, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и неколку општествено одговорни компании како Sorsix, Netcetara, Codecham и Loka.

Со ваков млад тим, ученици кои имаат право и следните години да учествуваат на ИОИ, можеме да очекуваме дека следната година ќе имаме уште поголеми резултати, и уште еднаш ќе испишеме историја за Македонија.“

Следната, 37-ма по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025), ќе се одржи идната година во Боливија. Следен настан пак, кој им претстои на нашите информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ), чиј домаќин ќе биде Македонија, во периодот од 20-ти до 26-ти септември во Охрид. Здружението на информатичари на Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 100 учесници од 15 различни земји и за таа цел подготовките се во тек, а повикот за спонзорства од македонските компании е се уште активен.

           

Веб страна за настанот: https://www.ioi2024.eg/ .

Пирамиди позади грб, сребрен медал на градите: успех за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика во Александрија, Египет Read More »

Голем успех на македонските јуниори-информатичари: Три бронзени медали за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика што се одржува во Кишињев, Молдавија

 На 8-мата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024), која од 16-ти до 22-ри август се одржува во Кишињев, Молдавија, младите македонски ученици – информатичари го продолжија континуитетот на одлични претставувања на интернационалните олимпијади, освојувајќи три бронзени медали. Бронзените медали за Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години ги освоија Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Четврти член на македонскиот тим беше Бисера Илиева од Скопје, која како и Марко Кренков за прв пат учествуваше на интернационален натпревар по информатика. Тимот беше раководен од лидерите, Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Ако се вклучат и овие три медали, македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 златен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата.

Според изјавата на претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „И покрај редовните системски пречки кои ни се случуваат од страна на државните институции, намерни, ненамерни или како спореден ефект од други активности, со волонтерско залагање на членовите на ЗИМ, истакнати професионалци информатичари успеваме да постигнеме крајно високо ново на знаења на учениците. 3 медали за Македонија е многу висок резултат, ако се земе предвид и големината на нашата земја. Дополнително, годинава и на Јуниорската балканска олимпијада нашите натпреварувачи освоија 3 медали, а Македонија беше меѓу првите 4 најдобри земји. Се уште чекаме одговор на барањето до МОН за покривање на трошоците за ова патување до Молдавија, како законска обврска на МОН која произлегува од законот за основно образование. Во меѓувреме се подготвуваме за учество на Интернационалната олимпијада во Египет, а најголем дел од нашите напори се за организирање на Балканската олимпијада по информатика на која ние ќе бидеме домаќини од 20-ти до 26-ти септември во Охрид. Бидејќи покривањето на сите трошоци за Балканијадата за над 100 учесници од 15 земји се трудиме да го обезбедиме само со спонзорства, упатувам јавен апел до македонските компании да ни помогнат во организацијата на овој настан“.

Официјален домаќин на ЕЈОИ 2024 е Република Молдавија, а главен организатор е Министерството за образование и истражување, заедно со Националната агенција за наставна програма и евалуација на Република Молдавија. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.          

На ЕЈОИ годинава учествуваат вкупно 98 ученици од 26 европски земји.

Следната, 9-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025) ќе се одржи идната година во Азербејџан. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2024), која ќе се одржи од 1-ви до 8-ми септември во Александрија, Египет.

Веб страна за настанот: https://ejoi2024.gov.md/.

Голем успех на македонските јуниори-информатичари: Три бронзени медали за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика што се одржува во Кишињев, Молдавија Read More »

Девојките повторно најавуваат одлична олимписка година за информатичарите: Два бронзени медали за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки која се одржува во Велдховен, Холандија

И оваа година, македонските ученички – информатичарки се повторно тие коишто најавуваат успешно учество на меѓународните олимпијади по информатика за Македонија. На четвртата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која од 21-ви до 27-ми јули се одржува во Велдховен, Холандија, нашите ученички постигнаа нов голем успех, освојувајќи два бронзени медали. Бронзените медали за Македонија на ова престижно интернационално натпреварување ги освоија Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид, а достоен резултат постигнаа и останатите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Ученичките кои се дел од македонскиот тим на ЕОИД 2024 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Ако се вклучат и овие два медали, македонските ученички на досегашните четири изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата.

 Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. ЕОИД има за цел да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво. Оваа олимпијада игра клучна улога во охрабрувањето на повеќе девојки да изберат кариери во компјутерските науки и сродните области, каде жените често се недоволно застапени. Преку обезбедување на пријатна и натпреварувачка средина, ЕОИД има за цел да ги инспирира и да им овозможи на девојките да се истакнат во полето на информатиката.

Форматот на натпреварување на ЕОИД е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Слично како и на ИОИ, учесниците вообичаено треба да решат низа алгоритамски и проблемски задачи во зададен временски период. Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот не само што ги поттикнува техничките вештини, туку и го охрабрува тимскиот дух, критичкото размислување и креативноста.  

Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. На ЕОИД 2024 учествуваат вкупно 130 учеснички од 37 европски земји, а како претставници на земји-гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 65 ученички од 19 земји надвор од Европа (како Австралија, САД, Египет, Сингапур, Саудиска Арабија и др.).

Во својата изјавата, претседателот на ЗИМ и лидер на тимот, проф. д-р Миле Јованов вели: „Успехот кој го постигнаа девојките во силната конкуренција е доказ за талентот во Македонија и нашата посветеност како професори и како Здружение да го развиваме тој талент. Оваа година, Македонија имаше и петти натпреварувач. Ученичката Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за нашата држава, годинава како ученичка во Хрватска, учествуваше во хрватскиот тим за кој освои медал. Софија е пример за целата класа ученици кои ни заминуваат од Македонија како резултат на миграцијата. За жал, годинава наместо да имаме подобрување во однос на поддршката на натпреварувачите од страна на државата, дури и онаа мала поддршка која тие ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт е укината. Да не се нашите пријатели како Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и неколку општествено одговорни компании како Сорсикс, Нетцетерa, Фјуриос авокадо, кои може да се избројат на една рака, ние нема да можеме да ги спроведуваме нашите активности. Апелирам за сериозност на државните институции и поддршка на активностите кои ги прави нашето здружение и останатите научни здруженија кои со години волонтерски работат. Да не дозволиме и понатаму нашите најдобри умови да си одат од државата заради чувство на незадоволство од институциите.“

            Според планот, следната, петта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025) ќе се одржи идната година, во Германија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кишињев, Молдавија, кон крајот на август, годинава.

Веб страна за настанот: https://wiki.egoi2024.nl/.

Девојките повторно најавуваат одлична олимписка година за информатичарите: Два бронзени медали за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки која се одржува во Велдховен, Холандија Read More »

Дамјан Давков освои историско злато на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Грузија

На 7-мата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2023), која од 8-ми до 14-ти септември се одржува во Кутаиси, Грузија, младите македонски информатичари го постигнаа досега најголемиот успех: освоен е првиот златен медал за Македонија во историјата на ова натпреварување. Златниот медал на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Дамјан Давков од Штип, ученик од Математичко-информатичката гимназија во Скопје.

Забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалба, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје, кои беа многу блиску до освојување на олимписка пофалница – од ова значајно остварување ги делеа само 5 поени (од можните 600 поени на натпреварот). Тимот беше раководен од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Годинава, официјален домаќин на ЕЈОИ е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование и наука на Грузија, во соработка со Интернационалниот универзитет во Кутаиси. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Во својата изјавата, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов вели: „На овогодинешната олимпијада учествуваат вкупно 95 ученика од 24 европски земји. Пресреќен сум што во нашата богата колекција од медали од интернационалните натпреварувања од сега ќе го имаме и златниот медал. Огромниот успех се должи на континуираната работа и поддршка на учениците од наша страна, од страна на нивните ментори, нивните родители и се разбира, на нивниот талент и посветеност преку редовна работа да дојдат до посакуваниот успех. Ова е уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат и талент и знаење со кое што може да се рамнат, а некои од нив, како Дамјан, дури и да застанат пред своите врсници од цела Европа. Благодарам на ФИНКИ, и на општествено одговорните компании како Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и останатите кои редовно ги поддржуваат нашите активности.“

Следната, 8-ма по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024) ќе се одржи идната година во Молдавија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2023), која ќе се одржи од 29-ти октомври до 4-ти ноември во Марибор, Словенија.

Дамјан Давков освои историско злато на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Грузија Read More »

Дамјан Давков освои бронзен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Унгарија

Во Унгарија, земјата на изумителот на компјутерската архитектура Џон Фон Нојман, во градот Сегедин, од 28 август до 4 септември се одржува 35. по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2023). И на оваа олимпијада македонските ученици ја продолжуваат традицијата на одлично претставување од последниве десетина години, постигнувајќи нов голем успех.

 
Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков, Иван Занов, Марко Петров и Благој Рујаноски Стојановски, предводени од лидерите – д-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден бронзен медал. Нашите млади ученици остварија резултат со кој уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив.
Нашиот тим за ИОИ беше избран преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат. Оваа година циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), општествено одговорните компании Нетцетера, Сорсикс, Семос Едукација и неколку локални поддржувачи. 
 
Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата. На овој натпревар учествуваат исклучително талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400.000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

 
Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 351 ученик од 90 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков. Останатите тројца наши натпреварувачи имаа забележителен настап, при што Марко Петров освои олимписка пофалница, а беше многу блиску и до освојување бронзен медал – од ова извонредно достигнување го делеа само 14 поени (од можните 600 поени на натпреварот).
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите – учеснички на ИОИ: освоени 3 сребрени и 24 бронзени медали. Земајќи в предвид дека според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија), остварените резултати се достојни за почит.
 

Следната, 36. по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2024), ќе се одржи идната година во Египет. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кутаиси, Грузија, која започнува на 8 септември.

Дамјан Давков освои бронзен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Унгарија Read More »

Македонски средношколки освоија два бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки

Македонските информатичарки успешно го започнаа годинешното учество на меѓународни олимпијади по информатика за Македонија. На третата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023), која од 15 до 21 јули се одржува во Лунд, Шведска, нашите ученички имаа уште едно успешно претставување освојувајќи два бронзени медали
 
Бронзените медали за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување ги освоија Софија Велковска од Скопје и Јована Трифуноска од Тетово, а солиден резултат постигнаа и другите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Атина Рувинова од Охрид. Тимот е раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Ученичките беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат. Вклучувајќи ги овие два медалa, македонските ученички на трите досегашни изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 4 бронзени медали, што претставува успех со кој можат да се пофалат релативно мал број земји учеснички на олимпијадата.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно млад натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Примарна цел на оваа олимпијада е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се забележливо помалку присутни на редовните меѓународни олимпијади по информатика. Форматот на натпреварување е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање соодветни ефикасни алгоритми.
 
Секоја земја членка на ЕОИД-заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик-лидер на тимот. На ЕОИД 2023 учествуваат вкупно 127 учеснички од 36 европски земји, а како претставници на земји гости, во неофицијална конкуренција, учествуваат и 62 ученички од 16 земји надвор од европскиот континент (како Бразил, САД, Египет, Индија, Саудиска Арабија и др.). Успехот на нашиот тим, со освоените два бронзени медалa во ваква силна конкуренција, е навистина голем и заслужува почит.

Следната, четврта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024) ќе се одржи идната година во Ајндховен, Холандија. Следен настан што им претстои на македонските ученици – информатичари е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сегедин, Унгарија, кон крајот на август.

Македонски средношколки освоија два бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки Read More »

И младите информатичарки редат успеси: Сребрен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки во Турција

На втората по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕДОИ 2022), која од 16-ти до 23-ти октомври се одржува во Анталија, Турција, македонските ученички – информатичарки ја заокружија успешната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, освојувајќи сребрен медал. Во август македонските средношколци освоија сребрен и два бронзени на Интернационалната олимпијада по информатика во Индонезија, а во септември на Јуниорската балканска олимпијада успехот од 1 сребрен и 2 бронзени медали беше повторен.

Со последниот успех, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа  година имаат освоено вкупно 5 сребрени медали, 5 бронзени медали и 3 олимписки  пофалби. 

Сребрениот медал за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување го освои Софија Велковска од Скопје која беше дел од и средношколскиот тим на интернационалната олимпијада, а солидно претставување имаа и останатите 3  членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид.

Тимот беше раководен од д-р Миле  Јованов и д-р Емил Станков од ФИНКИ. Пласманот ученичките го заслужија преку целогодишен циклус на  натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на  Македонија (ЗИМ), а годинава се одржуваше по 33-ти пат.

Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од  најмногу 4 натпреварувачки, избрани преку националните натпревари во  програмирање. По минатогодишното прво издание на оваа олимпијада кое се одржа  онлајн заради пандемијата, ЕОИД 2022 се одржува со физичко присуство и со учество  на вкупно 95 учеснички од 27 европски земји. Дополнително, како претставници на  земји-гости на ЕОИД, во неофицијална конкуренција учествуваат и 60-ина ученички од  15-ина земји надвор од Европа (како САД, Канада, Саудиска Арабија, Бразил,  Сингапур и др.). Главни организатори на ЕОИД 2022 се Министерството за индустрија  и технологија, како и Научно-технолошкиот истражувачки совет на Република Турција. 

Следната, трета по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023) ќе се одржи идната година, во Лунд, Шведска.

 

И младите информатичарки редат успеси: Сребрен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки во Турција Read More »