Kiril Vasilev

ПРЕЛИМИНАРНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 2021

Почитувани ученици и ментори,

Регионалниот натпревар годинава, според усогласениот календар со другите научни здруженија, ќе се одржи на 06.03. со почеток во 12:00 часот. Истиот ќе се одржи на повеќе локации, заради запазување на мерките наметнати од пандемијата.

Распоредот кој ученик на која локација се натпреварува ќе биде даден во објавена листа на учесници. Сите информации околу учеството ќе бидат доставени и до менторите, на нивните е-адреси, преку кои го имаат извршено пријавувањето на учениците.

 

ВАЖНИ информации

  • Натпреварите во рамките на овогодишниот циклус натпревари по информатика (регионален, државен) се спроведуваат преку системот МЕНДО, кој може да се пристапи на mendo.mkЗа да може да учествувате, неопходно е да си креирате кориснички пристап на МЕНДО.
  • Според правилникот за натпревари: „Учеството на регионалниот натпревар го пријавува училиштето за секој ученик. Секое училиште има утврдена квота за учество – број на учесници n (= a + b). Бројот a се утврдува од комисијата за натпревари во зависност од техничките можности за актуелната година и може да изнесува помеѓу 1 и 5. Бројот b се утврдува индивидуално за секое училиште – тоа е бројот на освоени места на државниот натпревар во претходниот циклус на натпревари. Секое училиште е должно да спроведе транспарентна процедура за избор на соодветниот број натпреварувачи.“
  • Годинава, секое средно училиште може да учествува со 3 натпреварувачи (а=3), а секое основно училиште со 2 (а=2). Бројот b за училиштата, пресметан според минатогодишните резултати, е даден во листата подолу.
  • Училиштата-домаќини имаат право на најмногу еден дополнителен натпреварувач. Заради вонредните пандемиски услови, секое училиште кое има пријавено повеќе од еден натпреварувач треба да е подготвено да биде домаќин на одреден број учесници (барем 10). За нив ќе треба да обезбеди просторија (простории) со компјутер со интернет пристап само до mendo.mk и видео надзор (може и од камера од лаптоп) за време на траење на натпреварот.
  • Пријавувањето на учесници годинава се врши со пополнување на следната форма за секој учесник од училиштето (се пополнуваат: име, презиме, одделение/клас, корисничко име кое го користи на МЕНДО) и име, е-адреса и контакт телефон до одговорниот професор. Тоа мора да е направено најдоцна до четврток (25.02.2021) до 18:00.
  • Програмски јазик кој може да го користат учесниците е С++.
  • Во среда (24.02.2021) со почеток од 17:00 часот ќе биде одржан т.н. училишен натпревар. Тој има цел да им овозможи на натпреварувачите да вежбаат и за разлика од претходните години годинава е задолжителен, за него нема да се објави ранг листа со резултати, но ученик кој не бил на училишниот натпревар нема да може да учествува на регионалниот натпревар. Резултатите ќе бидат видливи само за учесниците, и за менторите (по училиште) на нивно барање. Ги советуваме менторите во чии училишта има повеќе заинтересирани ученици за учество на регионалниот натпревар од доделената квота, да го искористат овој натпревар за да изберат кои точно ученици ќе ги пријават на регионалниот натпревар. Напоменуваме дека тоа не е обврска, резултатите од натпреварот не се обврзувачки, и одговорноста за пријавување е оставена на менторот/менторите од секое училиште. Тие, при својот избор треба да внимаваат и да им дадат шанса на ученици од различни одделенија/години. Менторите преземаат обврска да гарантираат дека нивните ученици учествувале на натпреварот чесно, така што натпреварот ќе го организираат во училиштето или ќе ја надгледуваат активноста на учениците електронски.
  • Доколку некој ученик не влезе во листата на ученици-претставници од дадено училиште, а смета дека тоа е неоправдано, може  да се пријави преку училиштето/менторот за учество на натпреварот со покривање на трошоците (1500 денари) или тоа може да го направи лично на natprevarATcs.org.mk. Овие ученици ќе ги имаат истите права при натамошната квалификација за државен натпревар. Учесниците кои се пријавени (или ќе се пријават на natprevarATcs.org.mk) за приватно учество најдоцна до 27.02. треба да извршат уплата преку пополнета уплатница со податоци како стандардната уплатница за членство во ЗИМ со следните измени: – цел на дознака: Учество на регионален натпревар 2021; – износ: 1500 денари.

 

Листа на училишта со дополнителни места според минатогодишните резултати

 

УчилиштеГрадДополнителни места (b=)
ОСУ „Ацо Русковски“Берово2
СОТУ „Ѓорѓи Наумов“Битола2
СОУ „Ванчо Прке“Виница1
СОУ Гимназија „Добри Даскалов“Кавадарци2
ОУ „Малина Попиванова“Кочани1
ООУ „Јоаким Крчовски“Крива Паланка1
ООУ „Браќа Миладиновци“Куманово1
ООУ „Кочо Рацин“Куманово1
ООУ „Крсте Мисирков“Куманово3
ООУ „Христијан Карпош“Куманово1
ОСТУ „Наце Буѓони“Куманово1
СОУ Гимназија „Гоце Делчев“Куманово1
СОУ „Св. Кирил и Методиј“Неготино1
ООУ „Гоце Делчев“Прилеп1
ООУ „Климент Охридски“Прилеп2
ООУ „Кочо Рацин“Прилеп1
ООУ „Рампо Левката“Прилеп1
СОУ Гимназија „Мирче Ацев“Прилеп1
Центар за едукација „Круг“Прилеп1
ООУ „Браќа Миладиновци“Пробиштип1
СОУ „Наум Наумовски-Борче“Пробиштип1
PSU Yahya Kemal CollegeСкопје10
Yahya Kemal College Karposh – ElementaryСкопје1
Меѓународни Училишта НОВАСкопје1
ООУ „Александар Македонски“Скопје1
ООУ „Браќа Миладиновци“Скопје1
ООУ „Кирил Пејчиновиќ“Скопје1
ООУ „Наум Наумовски Борче“Скопје1
ОУ „Лазо Трповски“Скопје1
ООУ „Његош“Скопје1
ОУ „Мирче Ацев“Скопје1
СЕМОС ЕдукацијаСкопје3
СУГС Гимназија „Орце Николов“Скопје4
СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“Скопје3
СУГС Гимназија „Никола Карев“Скопје2
ДСУ Математичко-информатичка гимназијаСкопје9
ПСУ „Јахја Кемал“Струга2
СОУ „Ибрахим Темо“Струга2
ООУ „Никола Вапцаров“Струмица1
СОУ „Jане Сандански“Струмица5
СОУ „Никола Карев“Струмица1
СОУ „Славчо Стојменски“Штип1

ПРЕЛИМИНАРНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР 2021 Read More »

Прв златен медал за Македонија на БОИ 2021

Прв златен медал во историјата за македонски учесник на Балканската олимпијада по информатика

На 28-мата Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2021), која од 24-ти до 29-ти ноември се одржува во Шумен, Бугарија, македонските средношколци го постигнаа највисокиот резултат во скоро 30 годишната традиција на ова натпреварување. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Андреј Шекеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден златен и еден сребрен медал, како и една олимписка пофалба.

БОИ 2021 се одржува онлајн, согласно со условите кои ги диктира ковид пандемијата, а на настанот учествуваат вкупно 37 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија. Во ваква силна конкуренција, историскиот златен медал за Македонија го освои Благојче Павлески, ученик од Прилеп, во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал” во Скопје. Ученикот Марко Таневски, исто така од Прилеп, освои сребрен медал, што го става во неколкутемина на комплетната листа на освојувачи на сребрени медали за нашата земја. Овој огромен успех беше надополнет и со резултатот на Андреј Шекеров од Скопје, кој освои олимписка пофалба.

Дополнително, на Шуменскиот турнир, интернационален натпревар кој се одржува онлајн во паралела со балканската олимпијада, Сара Стефановска од македонскиот јуниорски тим освои бронзен медал. Сара е ученичка од Крива Паланка запишана во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Таа за ова одличје се избори во конкуренција на 168 натпреварувачи од петнаесетина земји.

Нашиот тим традиционално се избира преку целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Нетцетера и Семос Едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен претседател на Балканската олимпијада, за овој голем успех изјави: „Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици. Според мене, успехот се должи на напорите на Здружението редовно да работи со талентираните ученици, како и воведувањето на информатиката и темите од програмирање во основното и средното образование во првата половина на претходната деценија. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се игнорира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја.”.

Следната, 29-та по ред, Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2022), треба да се одржи идната година во Љубљана, Словенија.

Прв златен медал за Македонија на БОИ 2021 Read More »

Натпревари по информатика 2021

Здружението на информатичарите на Македонија, и оваа година организира циклус на натпревари по информатика. Сите информации поврзани со натпреварите, правилата, датумите и слично, можат да се најдат на веб-сајтот на ЗИМ. Во однос на програмирањето, повеќето натпревари во оваа година (училишен, регионален и државен) ќе се спроведуваат преку системот МЕНДО.

Повеќе информации, како и календарот за натпревари и специфичните правила за бодување се објавени на веб–сајтот на ЗИМ, во делот за натпревари.

Натпревари по информатика 2021 Read More »