И оваа година, македонските ученички – информатичарки се повторно тие коишто најавуваат успешно учество на меѓународните олимпијади по информатика за Македонија. На четвртата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која од 21-ви до 27-ми јули се одржува во Велдховен, Холандија, нашите ученички постигнаа нов голем успех, освојувајќи два бронзени медали. Бронзените медали за Македонија на ова престижно интернационално натпреварување ги освоија Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид, а достоен резултат постигнаа и останатите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Ученичките кои се дел од македонскиот тим на ЕОИД 2024 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Ако се вклучат и овие два медали, македонските ученички на досегашните четири изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. ЕОИД има за цел да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво. Оваа олимпијада игра клучна улога во охрабрувањето на повеќе девојки да изберат кариери во компјутерските науки и сродните области, каде жените често се недоволно застапени. Преку обезбедување на пријатна и натпреварувачка средина, ЕОИД има за цел да ги инспирира и да им овозможи на девојките да се истакнат во полето на информатиката.
Форматот на натпреварување на ЕОИД е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Слично како и на ИОИ, учесниците вообичаено треба да решат низа алгоритамски и проблемски задачи во зададен временски период. Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот не само што ги поттикнува техничките вештини, туку и го охрабрува тимскиот дух, критичкото размислување и креативноста.
Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. На ЕОИД 2024 учествуваат вкупно 130 учеснички од 37 европски земји, а како претставници на земји-гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 65 ученички од 19 земји надвор од Европа (како Австралија, САД, Египет, Сингапур, Саудиска Арабија и др.).
Во својата изјавата, претседателот на ЗИМ и лидер на тимот, проф. д-р Миле Јованов вели: „Успехот кој го постигнаа девојките во силната конкуренција е доказ за талентот во Македонија и нашата посветеност како професори и како Здружение да го развиваме тој талент. Оваа година, Македонија имаше и петти натпреварувач. Ученичката Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за нашата држава, годинава како ученичка во Хрватска, учествуваше во хрватскиот тим за кој освои медал. Софија е пример за целата класа ученици кои ни заминуваат од Македонија како резултат на миграцијата. За жал, годинава наместо да имаме подобрување во однос на поддршката на натпреварувачите од страна на државата, дури и онаа мала поддршка која тие ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт е укината. Да не се нашите пријатели како Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и неколку општествено одговорни компании како Сорсикс, Нетцетерa, Фјуриос авокадо, кои може да се избројат на една рака, ние нема да можеме да ги спроведуваме нашите активности. Апелирам за сериозност на државните институции и поддршка на активностите кои ги прави нашето здружение и останатите научни здруженија кои со години волонтерски работат. Да не дозволиме и понатаму нашите најдобри умови да си одат од државата заради чувство на незадоволство од институциите.“
Според планот, следната, петта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025) ќе се одржи идната година, во Германија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кишињев, Молдавија, кон крајот на август, годинава.
Веб страна за настанот: https://wiki.egoi2024.nl/.