Последни настани

Бронзен медал на ЕЈОИ 2020

Македонските јуниори-информатичари и годинава успешни: Бронзен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика одржана како онлајн натпревар во Грузија

 

Македонските ученици – информатичари и годинава продолжуваат со успешните настапи на јуниорските меѓународни натпревари по информатика (за ученици на возраст до 15,5 години). На 4-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020), која од 2-ри до 6-ти септември се одржа во облик на онлајн натпревар, македонскиот тим, составен од натпреварувачите Сара Стефановска од Крива Паланка, Атина Рувинова од Охрид, Јан Стојановски од Скопје, Иван Јованоски од Прилеп и како неофицијален натпреварувач Ева Димитриевска од Куманово, раководени од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои бронзен медал.

Според изјавата на претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „Учениците од тимот беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржа по 31-ви пат во видоизменети услови заради актуелната пандемија. За среќа, натпреварите по информатика се одржуваат преку системот mendo.mk кој е онлајн достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.“

Официјален домаќин на ЕЈОИ 2020 е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование, наука, култура и спорт на Грузија. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот, а оваа година заради специфичните околности (онлајн натпреварување), беше овозможено да бидат пријавени и неофицијални натпреварувачи чии резултати не се земаат во предвид при официјалното рангирање. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Заради пандемијата, оваа година за прв пат Европската јуниорска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи). Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Грузија.

На ЕЈОИ 2020 учествуваа вкупно 92 ученици од 27 европски земји. Во исклучително силната конкуренција, освојувач на бронзениот медал за Македонија е ученичката Сара Стефановска од Крива Паланка. Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко.

Доколку условите го дозволат тоа, следната, 5-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2021) ќе се одржи идната година, на лице место – во Тбилиси, Грузија.

Веб страна за настанот: https://ejoi2020.ge

Бронзен медал на ЕЈОИ 2020 Read More »

IV Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2020)

Од 02.09.2020 до 06.09.2020, во облик на онлајн натпревар, се одржа четвртата по ред Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2020).

Македонија на ЕЈОИ 2020 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Сара Стефановска, Атина Рувинова, Јан Стојановски, Иван Јованоски и Ева Димитриевска (неофицијален натпреварувач), како и лидерите Миле Јованов и Емил Станков.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

IV Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2020) Read More »

МОИ / МЈОИ 2020

XXIV Македонска Олимпијада по Информатика и I Македонска Јуниорска Олимпијада по Информатика се одржаа на 18.08.2020 (вторник) и 19.08.2020 (среда), во просториите на Sorsix.

Повеќе информации за двата натпревари можете да најдете овде.

МОИ / МЈОИ 2020 Read More »

Информација во врска со Државниот натпревар 2020

Заради актуелната ситуација предизвикана од мерките за справување со Covid-19 натпреварот беше одложен. И покрај барањето од ЗИМ до МОН, Владата и Комисијата за заразни болести доставено во мај за одобрување на протокол за спроведување на државниот натпревар, до почетокот на август не добивме одговор на барањето.


Затоа, ЗИМ донесе одлука да ги земе предвид резултатите од регионалниот натпревар (кој беше единствениот регуларно спроведен натпревар) како основа за утврдување на постигнувањата на учениците пласирани на државниот натпревар. Сите ученици, со одлуката имаат освоено соодветни награди како и на регионалниот натпревар усогласени со правилникот за организација на државни натпревари на МОН.

Информација во врска со Државниот натпревар 2020 Read More »

Одложување на Државниот натпревар 2020

Заради актуелната ситуација предизвикана од мерките за справување со Covid-19, Државниот натпревар е одложен. Новиот датум ќе биде утврден по ублажувањето на мерките.

Учениците кои имаат амбиција да учествуваат на Македонската олимпијада по информатика со цел да влезат во тимовите за интернационалните натпревари, ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да учествуваат на следната серија од натпревари во периодот 20ти-23ти март

Одложување на Државниот натпревар 2020 Read More »

Натпревари по информатика 2020

Здружението на информатичарите на Македонија, и оваа година организира циклус на натпревари по информатика. Сите информации поврзани со натпреварите, правилата, датумите и слично, можат да се најдат на веб-сајтот на ЗИМ. Во однос на програмирањето, повеќето натпревари во оваа година (училишен, регионален и државен) ќе се спроведуваат преку системот МЕНДО.

Повеќе информации, како и календарот за натпревари и специфичните правила за бодување се објавени на веб–сајтот на ЗИМ, во делот за натпревари.

Натпревари по информатика 2020 Read More »

Дабар 2019

Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) и годинава се придружува кон напорите за промовирање на информатиката и алгоритамското размислување на учениците од основното и средното образование, и по петти пат го организираше интернационалниот натпревар ДАБАР. Истиот се одржува во преку 50 држави во светот.

По минатогодишниот успех, кога над 200 училишта и околу 25 000 ученици и наставници од нашата држава земаа учество на натпреварот, со што Македонија беше помеѓу државите со (процентуално) најголем број на учесници, Ви благодариме што и годинава се вклучивте во активноста.

Дабар е интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 3то одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот е исклучително популарен, се спроведува во многу држави и има добиено повеќе признанија и награди на разни научни конференции. Задачите кои им се даваат на учениците се создадени со цел да ги мотивираат истите да размислуваат за принципите, идеите и концептите поврзани со информатиката и технологијата. Натпреварот се спроведува на училишните компјутери, како едноставна наставна активност во рамките на еден наставен час (според можностите, секој клас може да учествува во различен термин).

Во Македонија, Дабар се одржа во периодот 11-15 ноември 2019. Регистрацијата за натпреварот беше едноставна и траеше само 1-3 минути, а за спроведување на натпреварот не беше потребна никаква подготовка на компјутерите или инсталација на дополнителни програми и алатки. За да се учествува во натпреварот, за секое училиште доволно беше ЕДНО лице да изврши регистрација за натпреварот преку пристапување на сајтот talent.mk. Регистрацијата беше отворена до 10.11.2019. По регистрацијата, лицето добиваше упатство за спроведување на настанот (краток документ).

Сите учесници (ментори, ученици и поддржувачи) ќе добијат сертификати, по е-маил, по завршување на натпреварот. На сајтот на Дабар 2019 ќе биде објавена и листа на училиштата кои земале учество, како благодарност за нивната поддршка за промовирањето на натпреварот и науката.

ЗИМ и годинава овозможи учеството на натпреварувачите да е бесплатно. Со цел да ја промовираме оваа активност и во Република Македонија, се надеваме на поддршка од сите основни и средни училишта во Македонија. На тој начин, заедно можеме да ги промовираме компјутерските науки кај учениците, со што ќе придонесеме за нивниот развој, како и за развојот на нашата држава.

Сите информации кои не можат да се најдат на сајтот talent.mk може да ги побарате на dabar.makedonija@gmail.com

Дабар 2019 Read More »

XXVII Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2019)

Од 09.09.2019 до 14.09.2019, во Атина, Грција, се одржа XXVII Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2019).

Македонија на БОИ 2019 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Мартин Динев, Андреј Величковски, Благојче Павлески и Владимир Шарковски, како и лидерите Емил Станков и Владислав Бидиков.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

XXVII Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2019) Read More »