Дамјан Давков, од Македонија освои сребрен медал во рамки на овогодинешната Балканска Олимпијада по Информатика
Охрид, 25.09.2024 година – 31. издание на Балканската олимпијада по информатика (БОИ), во организација на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), официјално беше заокружено денес во Охрид, Македонија, со свечена церемонија за доделување на медали. Олимпијадата, во периодот од 20. до 25 септември 2024 година, на едно место ги обедини најпаметните млади умови од Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија, во сферата на технологијата и иновациите. За време на двата натпреварувачки денови, учесниците решаваа комплексни алгоритамски задачи дизајнирани за да ги предизвикаат нивните вештини во програмирање и решавање на проблеми. По ригорозна евалуација, најдобрите учесници беа наградени со медали, како признание за нивните достигнувања.
На овогодинешната Балканска Олимпијада по Информатика, македонскиот учесник Дамјан Давков од Штип, ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје, е добитник на висок сребрен медал, додека Благој Рујаноски Стојановски, Владимир Грчев и Виктор Максимовски освоија олимписка пофалба.
Добитник на највисокиот златен медал и освоено прво место е Даниел Којнов од Бугарија, додека златни медали освоија и Милош Милутиновиќ од Србија, и Борис Михов и Андреј Стефанов од Бугарија.
Овие млади програмери демонстрираа исклучително високо ниво на техничко знаење и креативност, поставувајќи високи стандарди за идните учесници на Балканската олимпијада.
„Со гордост можам да кажам дека успешно го завршуваме 31. издание на Балканската олимпијада по информатика. Трет пат во Македонија, по 2000 и 2008 година, на едно место ги обединивме средношколците – информатичари од Балканот и пошироко, овозможувајќи им средина во која може да го покажат својот талент и да изградат конекции кои долго ќе траат. Искрени честитки до сите учесници кои покажаа неверојатни способности за решавање на комплексни проблеми и истрајност во текот на целиот натпревар. Да се биде домаќин на ваков настан во Македонија е доказ за посветеноста во негувањето на младите таленти во областа на информатиката. Сето ова го реализиравме благодарение на исклучителната поддршка и придонес на нашиот институционален поддржувач Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ кои за потребите за организација на овој еднонеделен настан овозможија поддршка во форма на финансии, опрема, односно комплетно нови компјутери на кои се решаваа задачите, како и учество на професорите во подготовката и евалуацијата на задачите. Воедно, сакам да се заблагодарам и на поддршката на нашиот златен спонзор “Sorsix“, како и останатите “Jane Street”, “Valtech”, “Netcetera”, “Codecham”, “GrabIT”, “Furious Avocado”, “Loka”, “Винчини”, “Комплекс Мижо”, “Долна Порта”, “Халк банка”, “Фротекс”, “Masinokop Resources”,“Кока-кола” и нашиот партнер од невладиниот сектор, “Бистри Умови Македонија”, кои одиграа важна улога во успехот на 31. издание на Балканската Олимпијада.“, истакна проф. д-р Миле Јованов, Претседател на Здружението на Информатичарите на Македонија.
Балканската Олимпијада по Информатика е можност учесниците да ги тестираат своите вештини и знаење и да стекнат искуство кое ќе биде незаменливо за нивниот академски и професионален развој. Покрај натпреварувачките денови, учесниците во олимпијадата имаат можност да се дружат со останатите учесници и да се запознаат со локалната култура и историја на земјата – домаќин на настанот. Во рамките на програмата тие го посетија и стариот дел од градот Охрид со неговите знаменитости, а со брод отидоа до наколната населба Залив на коските, манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски.
Зголемувањето на бројот на учесници во БОИ и нивната разновидност е рефлексија на значајноста и влијанието на оваа Олимпијада. Трендот на вклучување на земји пошироко од границите на Балканот низ годините е јасен индикатор за квалитетот, вредноста и важноста на овој настан. Со традиција и вредности кои се пренесуваат веќе 31 година по ред, БОИ продолжува ги инспирира новите генерации информатичари чиј талент ќе ја обликува иднината на технологијата.
###
За Балканската Олимпијада по Информатика
Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Домаќин на олимпијадата секоја година е различна земја, членка на БОИ иницијативата. На олимпијадата секоја држава има право да учествува со најмногу 4 (четири) ученици/ натпреварувачи кои претходно се бираат според постигнати највисоки државни резултати, а државата домаќин може да има 2 тима од по 4 (четири) натпреварувачи, односно најмногу 8 (осум). Земји учеснички во Балканската олимпијада се Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора и Италија. Дополнително, учество заземаат и учесници од други земји кои се поканети како гости на Олимпијадата, како Хрватска, Швајцарија, Полска, Украина, Саудиска Арабија. Овогодинешното, 31. издание на Балканската олимпијада по информатика, во организација на Здружението на Информатичари на Македонија, се одржа во Охрид, Македонија, во период од 20 септември до 25 септември 2024 година.
https://boi2024.cs.org.mk/
За Здружение на Информатичарите на Македонија
Здружението на Информатичарите на Македонија е организација која се залага за развој и унапредување на информатиката и нејзина примена во сите аспекти на општественото делување. Клучните цели на Здружението вклучуваат заштита на правата и интересите на своите членови, унапредување на стручното знаење на членовите преку стручни собири, предавања и дискусии на одредена тема и подобрување на информатичкото образование. Здружението организира различни едукативни активности како семинари, курсеви, ИТ натпревари и тематски конференции, залагајќи се за подобри наставни програми по информатика во училиштата. Преку своите три доминантни сфери на делување – образование, индустрија и млади – Здружението соработува со Институциите, бизнис секторот и другите организации за да го поттикне развојот на информатиката во образованието и индустријата, истовремено подготвувајќи ги идните генерации за дигиталниот свет.
https://cs.org.mk/