Пирамиди позади грб, сребрен медал на градите: успех за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика во Александрија, Египет

Во земјата на фараоните – Египет, во градот основан од страна на големиот освојувач Александар Македонски, од 1-ви до 8-ти септември се одржува 36-тата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2024). Македонските информатичари, учесници на оваа олимпијада, ја продолжуваат одличната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, постигнувајќи нов голем успех. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои сребрен медал.

Нашиот тим за годинешната ИОИ беше избран преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата. На овој натпревар учествуваат одбрани талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година, во повеќе од 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 370 ученици од 96 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков. Дамјан беше многу блиску и до освојување на златен медал, а од ова извонредно достигнување го делеа само 9 поени, од можните 600 поени на натпреварот. Исто така, нашиот Благој Рујаноски Стојановски освои олимписка пофалница.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов изјави: „Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех се должи на интензивна работа на повеќе волонтери вклучени во работата на Здружението, а можноста за учество на натпреварите ни ја дава поддршката од нашите поддржувачи, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и неколку општествено одговорни компании како Sorsix, Netcetara, Codecham и Loka.

Со ваков млад тим, ученици кои имаат право и следните години да учествуваат на ИОИ, можеме да очекуваме дека следната година ќе имаме уште поголеми резултати, и уште еднаш ќе испишеме историја за Македонија.“

Следната, 37-ма по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025), ќе се одржи идната година во Боливија. Следен настан пак, кој им претстои на нашите информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ), чиј домаќин ќе биде Македонија, во периодот од 20-ти до 26-ти септември во Охрид. Здружението на информатичари на Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 100 учесници од 15 различни земји и за таа цел подготовките се во тек, а повикот за спонзорства од македонските компании е се уште активен.

           

Веб страна за настанот: https://www.ioi2024.eg/ .