Последни настани
Три бронзи на ИОИ 2020
Три бронзени медали за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика одржана како онлајн натпревар во Сингапур
По јуниорите, кои на неодамна одржаната 4-та Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020) освоија бронзен медал, повеќегодишниот континуитет на успешни претставувања на македонските ученици – информатичари на интернационалните натпревари по информатика оваа година го продолжуваат и сениорите – средношколци. На 32-рата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2020), која од 13-ти до 23-ти септември се одржува во облик на онлајн натпревар, тимот на Македонија, составен од учениците Благојче Павлески, Андреј Величковски, Андреј Шеќеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, м-р Емил Станков и д-р Бојана Котеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои три бронзени медали. Со резултатот што го постигнаа младите наши ученици, уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив.
ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ. Според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија).
Официјален домаќин на ИОИ 2020 е Сингапур, а главен организатор е Националниот Универзитет на Сингапур, со поддршка од Министерството за Едукација на Сингапур. Заради пандемијата со COVID-19, оваа година за прв пат Интернационалната олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Сингапур.
Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 343 ученици од 87 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, трите бронзени медали за Македонија ги освоија Благојче Павлески од Прилеп, Андреј Шеќеров од Скопје и Андреј Величковски од Куманово.
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои предничи и во однос на земјите со слична големина како и во однос на доста поголеми земји – учеснички на ИОИ: досега се освоени 2 сребрени и 21 бронзен медал.
Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов, кој повеќе години по ред е еден од четирите избрани членови на врвното управувачко тело на олимпијадата, Интернационалниот комитет, изјави: „Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех покажува дека со несебичното повеќегодишно волонтерско ангажирање на неколкумина професори од Здружението, можно е да се постигнуваат врвни резултати на интернационално ниво, и наместо да сме рангирани некаде кон крајот на одредени листи, можеме да сме далеку повисоко. Добрите резултати кои што редовно ги покажува македонскиот тим ја промовираат Македонија како место од кое големите интернационални ИТ компании може да најдат квалитетни вработени.
Во услови кога работата на Здружението не е помогната од државните институции, крајно сме благодарни на поддршката од општествено одговорните компании Нетцетера, Грабит, Докстим, Сорсикс и Семос едукација, кои ја помагаат организацијата на натпреварите и подготовката на учениците. Благодарен сум што во последните неколку години полека почнува да се препознаваат врвните постигнувања на нашите ученици од страна на државата со воведување на механизми за нивно наградување, преку одредени конкурси на Агенцијата за млади и спорт, МОН и ФИТР, иако е потребно значително подобрување на регулативата во МОН за ова, во соработка со Здруженијата”.
Доколку условите го дозволат тоа, следната, 33-та по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2021), ќе се одржи идната година, на лице место – во Сингапур.
Веб страна за Интернационалната олимпијада по информатика 2020: https://ioi2020.sg
Три бронзи на ИОИ 2020 Read More »
Бронзен медал на ЕЈОИ 2020
Македонските јуниори-информатичари и годинава успешни: Бронзен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика одржана како онлајн натпревар во Грузија
Македонските ученици – информатичари и годинава продолжуваат со успешните настапи на јуниорските меѓународни натпревари по информатика (за ученици на возраст до 15,5 години). На 4-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020), која од 2-ри до 6-ти септември се одржа во облик на онлајн натпревар, македонскиот тим, составен од натпреварувачите Сара Стефановска од Крива Паланка, Атина Рувинова од Охрид, Јан Стојановски од Скопје, Иван Јованоски од Прилеп и како неофицијален натпреварувач Ева Димитриевска од Куманово, раководени од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои бронзен медал.
Според изјавата на претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „Учениците од тимот беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржа по 31-ви пат во видоизменети услови заради актуелната пандемија. За среќа, натпреварите по информатика се одржуваат преку системот mendo.mk кој е онлајн достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.“
Официјален домаќин на ЕЈОИ 2020 е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование, наука, култура и спорт на Грузија. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот, а оваа година заради специфичните околности (онлајн натпреварување), беше овозможено да бидат пријавени и неофицијални натпреварувачи чии резултати не се земаат во предвид при официјалното рангирање. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
Заради пандемијата, оваа година за прв пат Европската јуниорска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи). Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Грузија.
На ЕЈОИ 2020 учествуваа вкупно 92 ученици од 27 европски земји. Во исклучително силната конкуренција, освојувач на бронзениот медал за Македонија е ученичката Сара Стефановска од Крива Паланка. Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко.
Доколку условите го дозволат тоа, следната, 5-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2021) ќе се одржи идната година, на лице место – во Тбилиси, Грузија.
Веб страна за настанот: https://ejoi2020.ge
Бронзен медал на ЕЈОИ 2020 Read More »
IV Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2020)
Од 02.09.2020 до 06.09.2020, во облик на онлајн натпревар, се одржа четвртата по ред Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2020).
Македонија на ЕЈОИ 2020 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Сара Стефановска, Атина Рувинова, Јан Стојановски, Иван Јованоски и Ева Димитриевска (неофицијален натпреварувач), како и лидерите Миле Јованов и Емил Станков.
Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.
IV Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2020) Read More »
Информација во врска со Државниот натпревар 2020
Заради актуелната ситуација предизвикана од мерките за справување со Covid-19 натпреварот беше одложен. И покрај барањето од ЗИМ до МОН, Владата и Комисијата за заразни болести доставено во мај за одобрување на протокол за спроведување на државниот натпревар, до почетокот на август не добивме одговор на барањето.
Затоа, ЗИМ донесе одлука да ги земе предвид резултатите од регионалниот натпревар (кој беше единствениот регуларно спроведен натпревар) како основа за утврдување на постигнувањата на учениците пласирани на државниот натпревар. Сите ученици, со одлуката имаат освоено соодветни награди како и на регионалниот натпревар усогласени со правилникот за организација на државни натпревари на МОН.
Информација во врска со Државниот натпревар 2020 Read More »
Одложување на Државниот натпревар 2020
Заради актуелната ситуација предизвикана од мерките за справување со Covid-19, Државниот натпревар е одложен. Новиот датум ќе биде утврден по ублажувањето на мерките.
Учениците кои имаат амбиција да учествуваат на Македонската олимпијада по информатика со цел да влезат во тимовите за интернационалните натпревари, ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да учествуваат на следната серија од натпревари во периодот 20ти-23ти март
Одложување на Државниот натпревар 2020 Read More »
Регионален натпревар 2020
XXVIII Регионален натпревар по информатика се одржа на 7 март 2020 година, во четири региона: Скопје, Струга, Струмица и Кавадарци.
Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.
Регионален натпревар 2020 Read More »
Натпревари по информатика 2020
Здружението на информатичарите на Македонија, и оваа година организира циклус на натпревари по информатика. Сите информации поврзани со натпреварите, правилата, датумите и слично, можат да се најдат на веб-сајтот на ЗИМ. Во однос на програмирањето, повеќето натпревари во оваа година (училишен, регионален и државен) ќе се спроведуваат преку системот МЕНДО.
Повеќе информации, како и календарот за натпревари и специфичните правила за бодување се објавени на веб–сајтот на ЗИМ, во делот за натпревари.
Натпревари по информатика 2020 Read More »
Годишно собрание на ЗИМ 2019
На 28.12.2019, во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се одржа Годишното собрание на Здружението на Информатичари на Македонија (ЗИМ).
Годишно собрание на ЗИМ 2019 Read More »