FINKI Admin

Регионален натпревар 2019

XXVII Регионален натпревар по информатика за средно образование и Општинскиот/регионален натпревар по информатика за основно образование 2019 се одржаа на 10 март 2019 година, во четири региона: Скопје, Струга, Струмица и Кавадарци.

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

Регионален натпревар 2019 Read More »

Натпревари по информатика 2019

Здружението на информатичарите на Македонија, и оваа година организира циклус на натпревари по информатика. Сите информации поврзани со натпреварите, правилата, датумите и слично, можат да се најдат на веб-сајтот на ЗИМ. Во однос на програмирањето, повеќето натпревари во оваа година (училишен, регионален и државен) ќе се спроведуваат преку системот МЕНДО.

Повеќе информации, како и календарот за натпревари и специфичните правила за бодување се објавени на веб–сајтот на ЗИМ, во делот за натпревари.

Натпревари по информатика 2019 Read More »

Дабар 2018

Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) и годинава се придружува кон напорите за промовирање на информатиката и алгоритамското размислување на учениците од основното и средното образование, и по четврти пат го организираше интернационалниот натпревар ДАБАР. Истиот се одржува во преку 50 држави во светот.

По минатогодишниот успех, кога над 200 училишта и околу 25 000 ученици и наставници од нашата држава земаа учество на натпреварот, со што Македонија беше помеѓу државите со (процентуално) најголем број на учесници, Ве повикуваме и годинава да се вклучите во активноста.

Дабар е интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 3то одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот е исклучително популарен, се спроведува во многу држави и има добиено повеќе признанија и награди на разни научни конференции. Задачите кои им се даваат на учениците се создадени со цел да ги мотивираат истите да размислуваат за принципите, идеите и концептите поврзани со информатиката и технологијата. Натпреварот се спроведува на училишните компјутери, како едноставна наставна активност во рамките на еден наставен час (според можностите, секој клас може да учествува во различен термин).

Во Македонија, Дабар се одржа во периодот 12-16 ноември 2018. Регистрацијата за натпреварот е едноставна и трае само 1-3 минути, а за спроведување на натпреварот не е потребна никаква подготовка на компјутерите или инсталација на дополнителни програми и алатки. За да се учествува во натпреварот, за секое училиште доволно е ЕДНО лице да изврши регистрација за натпреварот преку пристапување на сајтот talent.mk. Регистрацијата беше отворена до 10.11.2018. По регистрацијата, лицето добива упатство за спроведување на настанот (краток документ).

Сите учесници (ментори, ученици и поддржувачи) добија сертификати, по е-маил, по завршување на натпреварот. На сајтот на Дабар 2018 е објавена и листа на училиштата кои земаа учество, како благодарност за нивната поддршка за промовирањето на натпреварот и науката.

ЗИМ и годинава овозможи учеството на натпреварувачите да е бесплатно. Со цел да ја промовираме оваа активност и во Република Македонија, се надеваме на поддршка од сите основни и средни училишта во Македонија. На тој начин, заедно можеме да ги промовираме компјутерските науки кај учениците, со што ќе придонесеме за нивниот развој, како и за развојот на нашата држава.

Сите информации кои не можат да се најдат на сајтот talent.mk може да ги побарате на dabar.makedonija@gmail.com

Дабар 2018 Read More »

COCI 2018/19

Веќе 13-та година по ред се одржуваат онлајн натпреварите COCI (Croatian Open Competition in Informatics)! Во текот на следните 6 месеци ќе се одржат вкупно 7 натпревари, како загревање за циклусот натпревари во програмирање за 2019 година! Натпреварите се отворени и достапни за секој заинтересиран!

Следниот натпревар ќе се одржи во Сабота (20.10.2018), со почеток во 16 часот.
Повеќе информации овде.

COCI 2018/19 Read More »

ИОИ 2018 во Цукуба, Јапонија

Од 01.09.2018 до 08.09.2018 во Цукуба, Јапонија, се одржа 30-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2018).

 

Македонија на ИОИ 2018 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Мартин Динев, Андреј Величковски и Филип Михов, како и лидерите м-р Весна Киранџиска и м-р Емил Станков.

Веб страна за ИОИ 2018: https://ioi2018.jp/

ИОИ 2018 во Цукуба, Јапонија Read More »

Нов голем успех за Македонија на ИОИ 2018

Еден сребрен и еден бронзен медал за македонскиот тим на ИОИ 2018!

 

На 30-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2018), која од 1-ви до 8-ми септември се одржа во Цукуба, Јапонија, македонските средношколци постигнаа уште еден огромен успех. Македонскиот тим на овој престижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци во светски рамки, составен од учениците Владимир Максимовски, Мартин Динев, Андреј Величковски и Филип Михов, предводени од лидерите, м-р Весна Димитриевска и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, освои еден сребрен и еден бронзен медал. Со постигнатиот резултат, младите наши ученици уште еднаш, по кој знае кој пат, покажаа дека Македонија треба да се гордее со нив. Во текот на изминативе десетина години нашите претставници на ИОИ континуирано постигнуваат одлични резултати, освојувајќи медали речиси секоја година, но успехот оваа година е уште позначаен заради освоениот сребрен медал, кој е втор ваков медал во историјата на македонски учества на оваа олимпијада.

На ИОИ 2018 учествуваа вкупно 335 ученици од 87 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, вториот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Владимир Максимовски, додека бронзениот медал го освои Андреј Величковски. И останатите двајца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Мартин Динев беше на дофат на освојување на бронзен медал, а од ова извонредно достигнување го делеа само десетина поени од можните 600.

Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите учеснички, а особено земјите кои по големина се колку нашата: освоени 2 сребрени и 16 бронзени медали.  

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите кои се членки на ИОИ заедницата. Во речиси 90 држави од светот секоја година се организираат национални натпревари во програмирање. На овие натпревари учествуваат вкупно околу 250 000 ученици, сите со единствена желба, да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

Според Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов: „Здружението неуморно работи на промоција на натпреварите и информатиката како наука, селекција на најдобрите натпреварувачи и нивна подготовка за екстремно напредните содржини кои се дел од олимпијадата. Во оваа прилика би се заблагодарил на медиумите кои преку споделување на информациите за постигнатите успеси ни помагаат да стигнеме секоја година до повеќе идни натпреварувачи кои ќе ги заинтересираме за информатиката, а особено сум благодарен на институциите и општествено одговорните компании како Агенцијата за млади и спорт, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ГрабИТ, Докстим, Семос едукација, Сорсикс и Нетцетера за нивната финансиска поддршка во спроведувањето на натпреварите.“              

Следната, 31-ва по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2019), ќе се одржи идната година во Баку, Азербејџан.

Веб страна за ИОИ 2018: http://www.ioi2018.jp.

Нов голем успех за Македонија на ИОИ 2018 Read More »

II Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2018)

Од 26.07.2018 до 01.08.2018, во Инополис, Русија, се одржа втората по ред Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2018).

Македонија на ЕЈОИ 2018 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Благојче Павлески, Тео Китановски, Кристина Тасева и Марко Таневски, како и лидерите Миле Јованов и Емил Станков.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

II Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика (ЕЈОИ 2018) Read More »

XXVI Балканска и XII Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ/ЈБОИ 2018)

Од 07.07.2018 до 13.07.2018, во Темишвар, Романија, се одржаа XXVI Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2018) и XII Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика (ЈБОИ 2018).

Македонија на БОИ 2018 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Мартин Динев, Андреј Величковски и Јосиф Тепеѓозов, како и лидерите Емил Станков и Марко Палоски.

Македонскиот тим на ЈБОИ 2018 го сочинуваа натпреварувачите Благојче Павлески, Тео Китановски, Кристина Тасева и Марко Таневски, предводени од лидерите Владислав Бидиков и Дарко Мартиновиќ.

Повеќе информации за двата натпревари може да прочитате овде.

XXVI Балканска и XII Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ/ЈБОИ 2018) Read More »