FINKI Admin

Бронзен медал и две олимписки пофалби на ЈБОИ 2021

Нов успех на македонските јуниори – информатичари: Бронзен медал и две олимписки пофалби на Јуниорската балканска олимпијада по информатика

 

На 14-тата по ред Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2021), која од 24-ти до 28-ми август се одржа во облик на онлајн натпревар, младите македонски ученици – информатичари постигнаа нов успех, освојувајќи еден бронзен медал и две олимписки пофалбиБронзениот медал за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување го освои Јован Михов од Скопје, а олимписки пофалби им беа доделени на Давид Каранфилов од Радовиш и Сара Стефановска од Крива Паланка. Четврти член на македонскиот тим беше Јована Трифуноска од Тетово, а тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 32-ри пат. Во учебната 2021/2022 година, тие ќе бидат ученици во Математичко-информатичката гимназија во Скопје.

Официјален домаќин на ЈБОИ 2021 беше Романија, а главен организатор беше Здружението за извонредност и перформанси во информатиката на Романија (Society of Excellence and Performance in Informatics). Заради пандемијата, оваа година за прв пат Јуниорската балканска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи). Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Романија.

На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваа тимови составени од најмногу четири натпреварувачи – ученици до 15,5 години, од следните десет Балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Доколку условите го дозволат тоа, следната, 15-та по ред, Jуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2022) ќе се одржи идната година, на лице место – во Никозија, Кипар.

Бронзен медал и две олимписки пофалби на ЈБОИ 2021 Read More »

I Европска Олимпијада по Информатика за Девојки (ЕОИД 2021)

Од 13.06.2021 до 19.06.2021, во облик на онлајн натпревар, се одржа првата Европска Олимпијада по Информатика за Девојки (ЕОИД 2021).

Македонија на ЕОИД 2021 ја претставуваше тимот составен од натпреварувачките Сара Стефановска, Атина Рувинова, Кристина Тасева и Софија Велковска, како и лидерите Емил Станков и Владислав Бидиков.

Повеќе информации за натпреварот може да прочитате овде.

I Европска Олимпијада по Информатика за Девојки (ЕОИД 2021) Read More »

Две бронзи на Европската Олимпијада по Информатика за девојки (ЕОИД 2021) во Швајцарија

Од годинава и Европска Олимпијада по Информатика за девојки: Две бронзи за девојките од македонскиот тим на олимпијадата во Цирих, Швајцарија!

 

Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ) и годинава испраќа тимови на престижните интернационални натпревари по информатика. Првиот голем настан е Европската Олимпијада по Информатика за девојки (ЕОИД), која годинава за прв пат се одржа во Цирих, Швајцарија, од 13-ти до 19-ти јуни.

Заради актуелната пандемија, учеството на тимовите е онлајн, а учесниците од нашиот тим се сместени во хотел во државава, во деновите од натпреварот. Тимот составен од натпреварувачите Кристина Тасева од Скопје, Сара Стефановска од Крива Паланка, Атина Рувинова од Охрид и Софија Велковска од Скопје, раководени од лидерите м-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои два бронзени медала, првиот за Кристина Тасева – ученичка во трета година, и Сара Стефановска – ученичка во деветто одделение.

Примарна цел на оваа олимпијада за девојки е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се во забележливо помал процент присутни на редовните интернационални олимпијади по информатика. Олимпијадата се стреми да овозможи на најдобрите европски талентирани ученички да ги покажат знаењата и вештините кои што ги стекнале во областа на информатиката, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕОИД учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачки, лидер и заменик лидер на тимот, а ученичките се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

На ЕОИД 2021 учествуваат вкупно 157 ученици од 31 европска земја и 12 земји – гости надвор од европскиот континент (како САД, Канада, Индија, Јапонија, Египет, Казахстан и други). Голем е успехот на македонските натпреварувачки во оваа исклучително силна конкуренција да освојат два бронзени медала, а и останатите две натпреварувачки да се во рангот на поени кои овозможуваат посебна олимписка пофалба.

Како што изјави претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „Среќен сум што и во овие вонредни услови, во период кога имавме силен ковид бран во Македонија, успеавме да ги избереме и подготвиме најдобрите натпреварувачки, за да можеме да се натпреваруваме на исто ниво со учесници од 43 земји. Очигледно дека воведувањето на предметите Основи на програмирање и работа со компјутер од трето од петто одделение, и потоа предметите Информатика, Програмирање и Програмски јазици даваат резултати. Жално е што во моментов со новата концепција за основно образование сето тоа се брише и Македонија наместо да остане меѓу земјите кои беа предводнички во воведувањето на информатиката во наставата се враќа многу чекори назад, а содржините поврзани со информатиката и програмирањето се маргинализираат и занемаруваат. Се надевам дека наскоро овој погрешен пристап ќе биде исправен. Изразувам благодарност до општествено одговорната компанија Нетцетера, која ги поддржа подготовките на македонскиот тим.”        

Следната, втора по ред, Европска Олимпијада по Информатика за девојки (ЕОИД 2022), ќе се одржи идната година во Турција.

Следен настан, кој започнува денес (19.06.2021) е 33-тата Интернационалната Олимпијада по Информатика (ИОИ 2021), во Сингапур, каде Македонија редовно учествува со успех.

Веб страна за ЕОИД 2021: https://egoi.ch/en/.

Две бронзи на Европската Олимпијада по Информатика за девојки (ЕОИД 2021) во Швајцарија Read More »

Државен натпревар за основно образование 2021 – Информатичко размислување

На 20 мај 2021 година, во просториите на Digital School во Скопје, се одржа Државниот натпревар за учениците од основно образование 2021 – Информатичко размислување.

Државен натпревар за основно образование 2021 – Информатичко размислување Read More »

М(Ј)ОИ 2021

Заради новонастанатата ситуација со пандемијата со COVID-19, а во контекст на усогласување со новите препораки, XXV Македонска Олимпијада по Информатика (МОИ 2021) и II Македонска Јуниорска Олимпијада по Информатика (МЈОИ 2021) се одржаа во еден ден: 23.04.2021 (петок), во периодот од 11:30 до 16:00 часот, во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

М(Ј)ОИ 2021 Read More »

Државен натпревар 2021

На 20 март 2021 година, во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) и во просториите на Семос Едукација во Скопје, се одржа XXXII Државен натпревар по информатика.

Повеќе информации за натпреварот можете да најдете овде.

Државен натпревар 2021 Read More »