Ученички институт по математика и информатика

Во рамки на соработката помеѓу Македонската академија на науки и уметности и Бугарската академија на науки и уметности, заедно со Здружението на информатичари на Македонија,Сојузот на Математичари на Македонија и Сојузот на математичари и информатичари на Бугарија се организира заеднички

 

УЧЕНИЧКИ ИНСТИТУТ ПО МАТЕМАТИКА И ИНФОРМАТИКА

 

Целта на Институтот е да организира воведување на младите талентирани ученици за математика и информатика (на возраст до четврта година од средните училишта)  во научно-истражувачка работа. 

Учениците подготвуваат труд на одредена тема од математика/информатика предложена од Институтот, од ментор или самостојно избрана тема. Подготовката е темата е индивидуална или во коавторство со најмногу уште еден автор, самостојно или под раководство на ментор од училиштето.

 

Трудовите ќе бидат рецензирани, и најдобрите автори ќе бидат поканети да ги презентираат трудовите на третата Ученичка конференција по математика и информатика. 

Дополнително,

– 10 автори на трудови ќе добијат стипендии од фирмата SORSIX за школата School of Тhe Future.

– Академијата на науки и уметности и фирмата SORSIX ќе покријат еднонеделно учеството на Летната Школа по Математика и Информатика во Благоевград, Бугарија за 2-5 ученици.

 Трудовите треба да се најават кај Марија Михова,  marija.mihova@finki.ukim.mk до 01.03.2017, со наслов и краток апстракт, па да се подготват и пратат до 10.04.2017.

 

Терминот за одржување на конференцијата ќе биде определен по добивањето на проектите. Прелиминарен термин е 21.04.2017. Побарувањата за изработка на проектот се дадени подолу.

 

Побарувања за изработка на проектот 

Текстот на проектот треба да е напишан на компјутерски едитор на текст (MS Word, LaTeX) на македонски јазик, со обем не помалку од 10 страници и не повеќе од 50 страници, оформен на следниов начин: заглавна страница, резиме на македонски јазик до 100 збора; резиме на англиски јазик до 100 збора. Во резимето треба да биде напишано од која област е проектот и какви се оригиналните придонеси на авторите. Трудот се разделува на глави/секции и започнува со вовед, во кој се формулираат целите и задачите на проектот и се прави кратка анотација на содржината на останатите глави. Проектот завршува со заклучок, во кој се опишува како се постигнати целите, при што се одбележува и придонесот на авторите. На крај се дава список на искористена литература. 

Во проектите по информатика и информациски технологии со апликативен карактер трудот треба да содржи: опис на областа; опис на апликативниот систем (кој не зависи од реализацијата); избор на технички и програмски средства и опис на реализацијата. Во прилог можат да бидат вклучени, програмски код и пример излези. 

Проектите по информатика и информациски технологии треба да бидат придружени со кодот кој е искористен, неопходен за подробното запознавање на рецензентите со разработката.

 

Оценување 

Основни показатели при оценувањето се јасност и последователност на изложеното, оригиналност, коректност на резултатите, отсуство на технички и правописни грешки, прегледност на цртежи и графикони, целосното оформување. 

Презентација 

Времето за презентација е 20-30 мин., кои вклучуваат и 5 минути за прашања, одговори и дискусија. Презентацијата треба да биде кратка и јасна, да дава точна претстава за суштината на проектот и најмногу за придонесот на авторот/те во темата.