И младите информатичарки редат успеси: Сребрен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки во Турција

На втората по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕДОИ 2022), која од 16-ти до 23-ти октомври се одржува во Анталија, Турција, македонските ученички – информатичарки ја заокружија успешната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, освојувајќи сребрен медал. Во август македонските средношколци освоија сребрен и два бронзени на Интернационалната олимпијада по информатика во Индонезија, а во септември на Јуниорската балканска олимпијада успехот од 1 сребрен и 2 бронзени медали беше повторен.

Со последниот успех, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа  година имаат освоено вкупно 5 сребрени медали, 5 бронзени медали и 3 олимписки  пофалби. 

Сребрениот медал за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување го освои Софија Велковска од Скопје која беше дел од и средношколскиот тим на интернационалната олимпијада, а солидно претставување имаа и останатите 3  членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид.

Тимот беше раководен од д-р Миле  Јованов и д-р Емил Станков од ФИНКИ. Пласманот ученичките го заслужија преку целогодишен циклус на  натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на  Македонија (ЗИМ), а годинава се одржуваше по 33-ти пат.

Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од  најмногу 4 натпреварувачки, избрани преку националните натпревари во  програмирање. По минатогодишното прво издание на оваа олимпијада кое се одржа  онлајн заради пандемијата, ЕОИД 2022 се одржува со физичко присуство и со учество  на вкупно 95 учеснички од 27 европски земји. Дополнително, како претставници на  земји-гости на ЕОИД, во неофицијална конкуренција учествуваат и 60-ина ученички од  15-ина земји надвор од Европа (како САД, Канада, Саудиска Арабија, Бразил,  Сингапур и др.). Главни организатори на ЕОИД 2022 се Министерството за индустрија  и технологија, како и Научно-технолошкиот истражувачки совет на Република Турција. 

Следната, трета по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023) ќе се одржи идната година, во Лунд, Шведска.