Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) и годинава се придружува кон напорите за промовирање на информатиката и алгоритамското размислување на учениците од основното и средното образование, и по трет пат го организираше интернационалниот натпревар ДАБАР. Истиот се одржува во преку 50 држави во светот.
По минатогодишниот успех, кога над 200 училишта и околу 20 000 ученици и наставници од нашата држава земаа учество на натпреварот, со што Македонија беше помеѓу државите со (процентуално) најголем број на учесници, Ве повикуваме и годинава да се вклучите во активноста.
Дабар е интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 3то одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот е исклучително популарен, се спроведува во многу држави и има добиено повеќе признанија и награди на разни научни конференции. Задачите кои им се даваат на учениците се создадени со цел да ги мотивираат истите да размислуваат за принципите, идеите и концептите поврзани со информатиката и технологијата. Натпреварот се спроведува на училишните компјутери, како едноставна наставна активност во рамките на еден наставен час (според можностите, секој клас може да учествува во различен термин).
Во Македонија, Дабар се одржа во периодот 13-17 ноември 2017. Регистрацијата за натпреварот е едноставна и трае само 1-3 минути, а за спроведување на натпреварот не е потребна никаква подготовка на компјутерите или инсталација на дополнителни програми и алатки. За да се учествува во натпреварот, за секое училиште доволно е ЕДНО лице да изврши регистрација за натпреварот преку пристапување на сајтот talent.mk. Регистрацијата беше отворена до 11.11.2017. По регистрацијата, лицето ќе добие упатство за спроведување на настанот (краток документ).
Сите учесници (ментори, ученици и поддржувачи) добија сертификати, по е-маил, по завршување на натпреварот. На сајтот на Дабар 2017 е објавена и листа на училиштата кои земаа учество, како благодарност за нивната поддршка за промовирањето на натпреварот и науката.
ЗИМ и годинава овозможи учеството на натпреварувачите да е бесплатно. Со цел да ја промовираме оваа активност и во Република Македонија, се надеваме на поддршка од сите основни и средни училишта во Македонија. На тој начин, заедно можеме да ги промовираме компјутерските науки кај учениците, со што ќе придонесеме за нивниот развој, како и за развојот на нашата држава.
Сите информации кои не можат да се најдат на сајтот talent.mk може да ги побарате на dabar.makedonija@gmail.com