Регионалниот натпревар годинава, според усогласениот календар со другите научни здруженија, ќе се одржи на 07.03. со почеток во 12:00 часот. Истиот ќе се одржи во неколку региони.
Распоредот кој ученик во кој регион се натпреварува ќе биде даден во објавена листа на учесници. Сите информации околу учеството ќе бидат доставени и до менторите, на нивните е-адреси, преку кои го имаат извршено пријавувањето на учениците.
ВАЖНИ информации
Натпреварите во рамките на овогодишниот циклус натпревари по информатика (регионален, државен) се спроведуваат преку системот МЕНДО, кој може да се пристапи на mendo.mk. За да може да учествувате, неопходно е да си креирате кориснички пристап на МЕНДО.
Според правилникот за натпревари: „Учеството на регионалниот натпревар го пријавува училиштето за секој ученик. Секое училиште има утврдена квота за учество – број на учесници n (= a + b). Бројот a се утврдува од комисијата за натпревари во зависност од техничките можности за актуелната година и може да изнесува помеѓу 1 и 5. Бројот b се утврдува индивидуално за секое училиште – тоа е бројот на освоени места на државниот натпревар во претходниот циклус на натпревари. Секое училиште е должно да спроведе транспарентна процедура за избор на соодветниот број натпреварувачи.“
Годинава, секое средно училиште може да учествува со 3 натпреварувачи (а=3), а секое основно училиште со 2 (а=2). Бројот b за училиштата, пресметан според минатогодишните резултати, е даден во листата подолу.
Училиштата-домаќини имаат право на најмногу 3 дополнителни натпреварувачи. Изразување интерес на одредено училиште да биде домаќин се врши од страна на одговорен професор на natprevarATcs.org.mk, најдоцна до 24.02.2020.
Пријавувањето на учесници годинава се врши со пополнување на следната форма за секој учесник од училиштето (се пополнуваат: име, презиме, одделение/клас, корисничко име кое го користи на МЕНДО) и име, е-адреса и контакт телефон до одговорниот професор. Тоа мора да е направено најдоцна до среда (26.02.2020) до 18:00.
Програмски јазик кој може да го користат учесниците е С++.
Во понеделник (24.02.2020) со почеток од 17:30 часот ќе биде одржан т.н. училишен натпревар. Тој има цел да им овозможи на натпреварувачите да вежбаат и не е задолжителен, не е елиминационен и за него нема да се објави ранг листа со резултати. Резултатите ќе бидат видливи само за учесниците, и за менторите (по училиште) на нивно барање. Ги советуваме менторите во чии училишта има повеќе заинтересирани ученици за учество на регионалниот натпревар од доделената квота, да го искористат овој натпревар за да изберат кои точно ученици ќе ги пријават на регионалниот натпревар. Напоменуваме дека тоа не е обврска, резултатите од натпреварот не се обврзувачки, и одговорноста за пријавување е оставена на менторот/менторите од секое училиште. Тие, при својот избор треба да внимаваат и да им дадат шанса на ученици од различни одделенија/години.
Доколку некој ученик не влезе во листата на ученици-претставници од дадено училиште, а смета дека тоа е неоправдано, може да се пријави преку училиштето/менторот за учество на натпреварот со покривање на трошоците (1500 денари) или тоа може да го направи лично на natprevarATcs.org.mk. Овие ученици ќе ги имаат истите права при натамошната квалификација за државен натпревар. Учесниците кои се пријавени (или ќе се пријават на natprevarATcs.org.mk) за приватно учество најдоцна до 28.02. треба да извршат уплата преку пополнета уплатница со податоци како стандардната уплатница за членство во ЗИМ со следните измени: – цел на дознака: Учество на регионален натпревар 2020; – износ: 1500 денари.
Листа на училишта со дополнителни места според минатогодишните резултати