Историски успех: Два сребрени медала и две олимписки пофалници за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика во Сукре, Боливија

Во срцето на Јужна Америка, во Сукре – уставниот главен град на Боливија, сместен на надморска височина поголема од најголемата во Македонија – 2790 метри, од 27-ми јули до 3-ти август се одржува 37-мата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025). На оваа олимпијада, учениците-информатичари – претставници на Македонија, ја продолжија традицијата на одлични резултати на меѓународните олимпијади по информатика, овој пат постигнувајќи историски најголем успех. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на алгоритмите и програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Леонид Цуклев од Гевгелија, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои два сребрени медала. Овој успех е само уште еден доказ за континуираниот напредок и посветеност на младите македонски информатичари, кои со своето знаење, труд, но и остварени резултати, ја поставуваат Македонија на мапата на најуспешните држави во областа на информатиката.

            Учениците кои се дел од македонскиот тим за ИОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и Винчини.

Македонија на ИОИ за прв пат како независна држава учествуваше во 1996 година, и од тогаш па до денес како мала земја има завидни резултати споредено и со земји кои се значително поголеми: освоени 6 сребрени, 24 бронзени медали и 4 олимписки пофалници. Имајќи го предвид фактот дека според начинот на поделба на медалите, ИОИ како врвна научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со научните олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија), постигнатите резултати заслужуваат почит.

            Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) е водечки светски натпревар во областа на алгоритамско програмирање, наменет за средношколци, кој секоја година се организира во различна земја-членка на ИОИ заедницата. Станува збор за најпрестижниот настан од ваков вид, на кој учествуваат внимателно селектирани млади таленти од целиот свет. На ИОИ се натпреваруваат ученици кои претходно минале низ повеќестепен селекциски процес на национално ниво, при што го покажале највисокото ниво на знаење и способности во областа на информатиката. Учесниците се соочуваат со високо предизвикувачки задачи, преку кои ги демонстрираат и унапредуваат своите вештини за анализа на проблеми, дизајн на алгоритми, имплементација на ефикасни решенија, користење на напредни податочни структури, како и тестирање и оптимизација на код. Секоја година, во околу 95 земји низ светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400 000 ученици. Само најдобрите од нив добиваат можност да ја претставуваат својата држава на ИОИ и да се натпреваруваат со врвните млади умови од сите краишта на светот – што се смета за особена чест и признание за секој млад програмер. ИОИ не само што претставува платформа за натпреварување, туку е и место за размена на идеи, градење на пријателства помеѓу идните лидери во технологијата и поттикнување на интернационална соработка и разбирање преку заедничка љубов кон информатиката.

            На ИОИ 2025 учествуваат вкупно 330 ученици од 86 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрените медали за Македонија ги освоија Дамјан Давков и Леонид Цуклев. И останатите двајца наши натпреварувачи, Благој Рујаноски Стојановски и Виктор Максимоски, имаа солидно претставување, при што и двајцата освоија олимписка пофалба, што означува дека во еден од натпреварувачките денови освоиле поени во ранг на медал. Ова одличје го освојуваат околу 10% од учесниците на олимпијадата.

            „За прв пат оваа година Здружението на информатичарите на Македонија, како долгогодишен организатор на натпреварите по информатика, аплицираше за покривање на патните трошоци за патувањето до Министерството за образование и наука. После првичната одлука за делумно покривање на трошоците, во директна комуникација за Министерката бевме уверени дека МОН комплетно ќе ги покрие трошоците за нашето учество на олимпијадата. Особено ми е драго што за прв пат во МОН гледаме партнер кој го разбира значењето на ваквите олимписки претставувања на Македонија, и иако годинава трошоците за патувањето беа значително повисоки од вообичаените, Министерството изнајде начин да не поддржи. А ние, на надморска височина од 2800 метри го постигнавме досега највисокиот резултат за Македонија, и се надевам дека ја правиме државата горда, особено на денот на републиката, 2-ри Август.“ – изјави претседателот на здружението, проф. д-р Миле Јованов.

            Следната, 38-ма по ред, Интернационална олимпијада по информатика, ќе се одржи идната година во Узбекистан. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), која ќе се одржи во Шумен, Бугарија, во периодот од 29-ти август до 4-ти септември.

Веб страна за настанот: https://ioi2025.bo/ .