Нов голем успех на ИОИ 2019

Две бронзи за македонскиот тим на ИОИ 2019!

 

Во земјата на огновите – Азербејџан, во главниот град Баку, од 4-ти до 11-ти август се одржува 31-вата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2019). И на оваа олимпијада, македонските ученици ја продолжуваат традицијата на одлично претставување од последниве десетина години, постигнувајќи нов голем успех. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Мартин Динев, Андреј Величковски, Благојче Павлески и Андреј Шеќеров, предводени од лидерите, м-р Бојан Костадинов од Клауд Солушнс, и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои два бронзени медали. Со резултатот што го постигнаа младите наши ученици, уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив. Нашите претставници на ИОИ освојуваат медали во речиси секоја од изминативе десетина години – нешто што потврдува дека со знаењето од областа на компјутерските науки кое го поседуваат нашите ученици, а кое редовно го покажуваат и докажуваат на интернационалните информатички олимпијади, несомнено припаѓаат меѓу најдобрите во светот.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 250 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ. Според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика, е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија).

Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 327 ученици од 88 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, двата бронзени медали за Македонија ги освоија Андреј Величковски и Андреј Шеќеров. Треба да се напомене дека и останатите двајца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Мартин Динев беше многу блиску до освојување на бронзен медал – од ова извонредно достигнување го делеа само два поени (од можните 600 поени на натпреварот). Според вкупно освоените поени од нашите натпреварувачи, нашата земја е позиционирана пред повеќе од 50 од останатите 88 учеснички.

Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите – учеснички на ИОИ: освоени 2 сребрени и 18 бронзени медали.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов, по трети пат по ред беше избран да биде еден од петте членови на Интернационалниот комитет, кое е врвно управувачко тело на олимпијадата, во следните три години. Тој изјави: „Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех се должи на интензивна работа на повеќе волонтери вклучени во работата на Здружението, а можноста за учество на натпреварите ни ја дава поддршката од нашите поддржувачи, Агенцијата за млади и спорт, како и општествено одговорните компании Нетцетера, Грабит, Докстим, Сорсикс и Семос едукација. Се надевам дека во иднина свесноста за значењето на овие резултати ќе продолжи да се зголемува и во државните институции, приватните компании како и медиумите, со што би се зголемила поддршката за задржување и подобрување на нашите успеси, а преку нивна промоција ќе се поттикнат што поголем број на ученици да се заинтересираат за информатиката како идна професија.”.

Следната, 32-ра по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2020), ќе се одржи идната година во Сингапур.

Веб страна за настанот: http://ioi2019.az