За нас

Со Здружението управува членството организирано во органите на Здружението. Органи на Здружението се:

1. Собрание

  • Собранието е највисок орган на Здружението.
  • Собранието на Здружението го сочинуваат сите редовни членови.
  • Собранието се свикува најмалку еднаш годишно и по потреба.

2. Извршен одбор

Извршниот одбор е извршен орган на Собранието и се состои од седум члена со мандат од две години. Претседателот на Собранието е истовремено и претседател на Извршниот одбор.

3. Надзорен одбор

Надзорниот одбор е орган на Собранието и се состои од три члена со мандат од две години. Надзорниот одбор врши контрола за наменското користење и располагање со средствата и приходите на Здружението.
Постојани комисии за Здружението се:

  • комисија за натпревари,
  • комисија за наука и настава,
  • комисија за информатички школи и кампови,
  • комисија за стандарди, критериуми и препораки.

Постојаните комисии ги формира Извршниот одбор.

Секоја комисија се состои од претседател на комисијата и два члена. Комисијата ја свикува и со неа раководи претседателот на комисијата. За својата работа комисијата поднесува извештај до Извршниот одбор.

ПРЕТСТЕДАТЕЛ НА ЗДРУЖЕНИЕТО Е Д-Р МИЛЕ ЈОВАНОВ

Кратка биографија

Миле Јованов е роден 1980 година во Кавадарци, каде завршил основно и средно образование како најдобар ученик во генерацијата. Дипломирал на Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје во 2002 година, како најдобар студент на факултетот. Магистрира на ПМФ во 2009, а докторира на ФИНКИ во 2013. По дипломирањето бил назначен за демонстратор на Институтот. Од 2005 година е вработен како помлад асистент/асистент на ПМФ, при формирањето се префрла на ФИНКИ, каде е избран во звањето доцент во 2014 и вонреден професор во 2018 година. На ФИНКИ бил Раководител на Институтот за Интелигентни системи. Изведувал настава на дваесетина предмети на додипломските, магистерските и докторските студии. Ментор е на два докторанти и на повеќе дипломски работи, а автор е на петнаесетина учебници/прирачници.

Бил организатор и/или претседавач на дваесетина конференции, семинари и работилници од меѓународен карактер, а автор е на повеќе од 70 научни публикации од областа на информатичка едукација, натпреварувачко програмирање, семантички веб и интелигентни системи, објавени во меѓународни списанија/конференции. Тој е едитор на интернационално списание и член на програмски одбор во неколку реномирани меѓународни конференции. Учествувал/ко-раководел со повеќе меѓународни проекти.

Од 2003 е во комисиите за натпревари по информатика, од 2008 година е  организатор на натпреварите, а од 2009 е и Претседател на Здружението на информатичарите на Македонија. Водел македонски тимови ученици на повеќе од 30 изданија од врвните меѓународни натпревари по информатика (Интернационална олимпијада (ИОИ), Балканска олимпијада (БОИ), Европска и Балканска јуниорска олимпијада) со освоени повеќе од 80 медали. Од 2014 година е Претседател на БОИ, а од 2015 е избран член на интернационалниот комитет на ИОИ. Претседавал/организирал десетина изданија на балканските олимпијади. Учествувал во изработката на десетина наставни програми по информатичките предмети во основното и средното државно образование, и во повеќе владини комисии за стратегии и иновации во образованието, а е еден од иницијаторите на новата Математичко-информатичка гимназија за талентирани ученици во Скопје.

АКТИВНОСТИ

Граѓаните се здружуваат во Здружение на информатичарите на Македонија заради вршење дејности и активности со цел за негување, популаризација и унапредување на информатиката и нејзината примена, подобрување на својот статус и статусот на информатиката во општеството, како и задоволување на потребите од стручни лица и стручна помош во институциите и организациите во државата.

ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Граѓаните се здружени во Здружението на информатичарите на Македонија заради остварување на поширок заеднички интерес, а како посебни цели и задачи се:
  • да ја поттикнува примената на информатиката во сите области во општеството.
  • да ги брани правата и интересите на своите членови и да се залага за решавање на нивните проблеми.
  • да го унапредува стручното знаење на членовите преку стручни собири, предавања и дискусии на одредена тема.
  • да врши едукативни дејности преку организирање семинари, курсеви, симпозиуми, обуки и издавање стручни публикации.
  • да организира, спроведува и учествува на натпревари по информатика за ученици и студенти.
  • да организира информатички школи и кампови.
  • да организира тематски конференции за унапредување на наставата по информатика во училиштата, како наставни планови и програми, учебници и друго.
  • да ја поттикнува примената на информатиката во наставата по другите предмети во училиштата и факултетите.
  • да ја збогатува стручната литература по информатика со издавање на стручно-научни и стручно-методски публикации.
  • да изготвува стандарди и критериуми и дава препораки за вреднување на информатичкиот труд и знаење.
  • да покренува иницијативи и дава сугестии за решавање на конкретни проблеми поврзани со информатиката и нејзината примена.
  • да соработува со владини институции, стопански организации и други здруженија во спроведување на целите и задачите на здружението.

Здружението ги извршува своите задачи преку своите органи и тела, во согласност со овој Статут, правилниците, одлуките и други акти.

Работата на Здружението е организирана во 3 Сектори: И-образование, И-индустрија и И-подмладок.

ЧЛЕНОВИТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ИМААТ ОДРЕДЕНИ ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ

Листа на права и должности:

  • да избира и да биде биран во органите на Здружението;
  • да предлага решенија за одредени проблеми;
  • да работи на спроведување на стручните активности, програмските цели и задачи и усвоените одлуки и заклучоци од органите на Здружението;
  • да ги спроведува одредбите од овој Статут;
  • да ги застапува интересите и ставовите за Здружението;
  • да бара стручна и друга помош од областа на информатиката;
  • да покренува прашања од поширок интерес за Здружението;
  • редовно да присуствува на состаноците на Здружението;
  • редовно да плаќа членарина;
  • да го чува угледот на Здружението.

За својата работа членовите на Здружението одговараат пред Комисијата за членување, Извршниот одбор, Собранието и пред органите и телата во кои се избрани.

Првична веб страна на здружението: http://star.cs.org.mk/

Имате некое прашање?

За сите прашања поврзани со Здружението на информатичари на Македонија и натпреварите во алгоритамски вештини и програмирање можете да не контактирате преку формата за контакт.