Здружение на Информатичарите на Македонија - Три медали за Македонија на БОИ 2018 и два медали на ЈБОИ 2018

swMenuFree

Три медали за Македонија на БОИ 2018 и два медали на ЈБОИ 2018

Еден сребрен и два бронзени медали на Балканската олимпијада по информатика, и два бронзени медали на Јуниорската балканска олимпијада по информатика

 
Македонските ученици и годинава продолжуваат да редат успеси на меѓународните натпреварувања по информатика. Од 7-ми до 13-ти јули во Темишвар, Романија, како паралелни настани, се одржаа 26-тата по ред Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2018) и 12-тата по ред Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика (ЈБОИ 2018), на кои нашите ученици постигнаа нов голем успех, освојувајќи вкупно 1 сребрен и 4 бронзени медали. Сребрениот медал за Македонија на БОИ 2018 го освои Мартин Динев од с. Пирава, додека два бронзени медали освоија Владимир Максимовски од Штип и Андреј Величковски од Куманово. Четврти член на македонскиот тим беше Јосиф Тепеѓозов од Скопје. Бронзени медали на ЈБОИ 2018 освоија Благојче Павлески од Прилеп и Тео Китановски од Скопје, а членови на тимот беа уште и Кристина Тасева и Марко Таневски. Македонскиот тим на БОИ 2018 беше раководен од лидерите, м-р Емил Станков и Марко Палоски, додека тимот на ЈБОИ 2018 го раководеа Владислав Бидиков и м-р Дарко Мартиновиќ, од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
 
Учениците од двата тима беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 29-ти пат. Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, кој воедно е претседател на Балканската олимпијада по информатика, во неговата изјава не го крие своето задоволство од постигнатите резултати и вели: „За  држава како Македонија да учествува на овие престижни натпревари и од 8 натпреварувачи да се врати со 5 медали, во конкуренција во која скоро сите останати учеснички се значајно поголеми држави, е неоспорно голем успех. Благодарение на интересот и желбата на учениците и посветеноста и огромниот труд на волонтерите од Здружението континуирано постигнуваме вака добри резултати. Годинава ја имавме и неопходната поддршка од Агенцијата за млади и спорт, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и општествено одговорните компании ГрабИТ, Докстим, Семос едукација, Сорсикс и Нетцетера, која е неопходна за организација на сите државни натпревари, камповите за подготовка за интернационалните натпревари и покривање  на трошоците за интернационалните патувања. Тоа што сите медалисти доаѓаат од различен град од Македонија е потврда дека талентот го има насекаде низ нашата земја и дека ние треба и понатаму да се трудиме да го идентификуваме и развиваме“.
 
Главен организатор на двата натпревари е Министерството за образование на Република Романија. На БОИ 2018 учествуваа вкупно 39 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија. Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија и Туркменистан.
 
На ЈБОИ 2018 учествуваа тимови составени од најмногу четири натпреварувачи од следните осум балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија и Србија. ЈБОИ претставува натпревар кој дава можност на помладите натпреварувачи до 15,5 години да ги покажат своите знаења кои ги стекнале во информатиката, конкретно во програмирањето.
 
Следната, 27-ма по ред, Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2019), ќе се одржи идната година во Грција, а нашите натпреварувачи годинава ќе учествуваат и на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Казањ, Русија на крајот на месецов и на Интернационалната олимпијада по информатика во Цукуба, Јапонија на почетокот на септември.
 
Веб страна за БОИ/ЈБОИ 2018: http://boi2018.ro
 
Соопштение до медиуми за БОИ 2018 и ЈБОИ 2018
© 2009-2018 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.