swMenuFree

Три медали за Македонија на БОИ 2017

Еден сребрен и две бронзени медали за Македонија на 25-тата Балканска Олимпијада по Информатика во Молдавија

 
Македонските средношколци повторно докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив. На 25-тата по ред Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2017), која од 2-ри до 8-ми јули се одржа во Кишињев, Молдавија, нашите ученици постигнаа нов голем успех остварувајќи одличен резултат. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Владимир Максимовски, Мартин Динев, Филип Михов и Марко Ќаласан, предводени од лидерите, д-р Марија Михова и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се закити со еден сребрен и две бронзени медали. Овој резултат претставува повторување на најголемиот успех за Македонија на сите досега одржани Балкански олимпијади, но и потврда дека нашите ученици со стекнатото знаење од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со своите врсници од регионот, па и пошироко. Балканските ученици редовно се високо пласирани и освојуваат медали на сите интернационални натпревари во програмирање ширум светот.
 
Главен организатор на БОИ 2017 е Министерството за образование на Република Молдавија, а учествуваа вкупно 41 од најдобрите средношколци во областа на информатиката, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земја-гостин на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваше и тим од Италија. Во оваа силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Владимир Максимовски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ – Бутел, Скопје, додека бронзените медали ги освоија Мартин Динев, ученик во СОУ „Никола Карев“ – Струмица, како и Филип Михов, ученик во СУГС „Орце Николов “ – Скопје.
 
Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов изјави: “Среќен сум што со повеќегодишна упорна работа успеавме да го издигнеме квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво да се рамо до рамо со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја предвид големината на нашата земја. Македонија, од земја која пред десетина години беше аутсајдер на ваквите натпреварувања, сега е почитуван член на заедницата со завидни резултати. Почитта кон постигнатото најмногу влијаеше и јас повторно да бидам избран за Претседател на Балканската олимпијада по информатика за нов тригодишен мандат. Благодарен сум за поддршката од Агенцијата за млади и спорт на Македонија, Фондацијата Телеком за Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кои помогнаа да се оствари ова учество, како и на неколкуте општествено одговорни компании кои редовно не поддржуваат: Семос Едукација, Сорсикс и Докстеам.“
 
Следната, 26-та по ред, Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2018), ќе се одржи идната година во Романија, а најголемиот предизвик за нашите натпреварувачи е претстојната Интернационална олимпијада по информатика, која започнува на 28. Јули во Техеран, Иран.

Веб страна за БОИ 2017: http://www.boi2017.md

© 2009-2017 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.