swMenuFree

ЈСК Интернационална Олимпијада по Информатика 2017

Владимир Максимовски – апсолутен победник на ЈСК Интернационалната олимпијада по информатика 2017 во Измир

Своето прво учество на регионалниот натпревар по информатика, ЈСК Интернационалната олимпијада по информатика, македонскиот тим го искористи за да ги покаже своите високи квалитети, преку постигнување на извонреден резултат. Имено, во организација на Здружението на информатичарите на Македонија, дел од најдобрите македонски средношколци земаа учество на натпреварот, кој е првиот нивни интернационален настап за оваа година. Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој редовно ги поддржува активностите на најдобрите информатичари.

На натпреварот, ученикот Владимир Максимовски од Штип, инаку ученик во училиштето Јахја Кемал во Скопје, го освои апсолутното прво место преку решавање на сите 10 задачи во рекордно време од 4 часа, а со тоа и златен медал. Веќе следниот натпреварувач не успеа да ги совлада сите проблеми во предвиденото време од 5 часа.

Значаен успех постигнаа и останатите натпреварувачи во кои тренерите од Здружението на информатичари на Македонија го гледаат македонскиот потенцијал за идни успеси на натпреварите кои претстојат годинава: Балканската олимпијада по информатика во Кишињев, Молдавија, на почетокот на јули, како и Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран, Иран, на почетокот на август. Учениците Андреј Величковски и Јосиф Тепеѓозов се враќаат со сребрен медали, а Марко Чаласан, Илија Тавчиоски, Мартин Динев и Филип Даштевски со бронзени медали.

Натпреварувањето во Измир, Турција, кое се одржува од 17.06 до 21.06, е наменето за земји од балканскиот регион и за земјите кои гравитираат околу Турција. Годинава покрај Македонија, учесници се националните тимови од Азербејџан, Туркменистан и Турција.

 

Веб страна за ЈСК Интернационалната Олимпијада по Информатика 2017: http://www.yskioi2017.org.tr.

Соопштение до медиуми за ЈСК ИОИ 2017
© 2009-2017 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.