swMenuFree

Дабар 2016

Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) и годинава се придружува кон напорите за промовирање на информатиката и алгоритамското размислување на учениците од основното и средното образование, и по втор пат го организира интернационалниот натпревар ДАБАР. Истиот се одржува во преку 50 држави во светот.

По минатогодишниот успех, кога над 200 училишта и преку 20 000 ученици и наставници од нашата држава земаа учество на натпреварот, со што Македонија беше помеѓу државите со (процентуално) најголем број на учесници, Ве повикуваме и годинава да се вклучите во активноста.

Дабар е интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 3то одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот е исклучително популарен, се спроведува во многу држави и има добиено повеќе признанија и награди на разни научни конференции. Задачите кои им се даваат на учениците се создадени со цел да ги мотивираат истите да размислуваат за принципите, идеите и концептите поврзани со информатиката и технологијата. Натпреварот се спроведува на училишните компјутери, како едноставна наставна активност во рамките на еден наставен час (според можностите, секој клас може да учествува во различен термин).

Во Македонија, Дабар ќе се одржи во периодот 07-11 ноември 2016. Регистрацијата за натпреварот е едноставна и трае само 1-3 минути, а за спроведување на натпреварот не е потребна никаква подготовка на компјутерите или инсталација на дополнителни програми и алатки. За да се учествува во натпреварот, за секое училиште доволно е ЕДНО лице да изврши регистрација за натпреварот преку пристапување на сајтот talent.mk. Регистрацијата е отворена до 05.11.2016. По регистрацијата, лицето ќе добие упатство за спроведување на настанот (краток документ).

Сите учесници (ментори, ученици и поддржувачи) ќе добијат сертификати, по е-маил, по завршување на натпреварот. На сајтот на Дабар 2016 ќе биде објавена и листа на училиштата кои ќе земат учество, како благодарност за нивната поддршка за промовирањето на натпреварот и науката.

ЗИМ и годинава овозможува учеството на натпреварувачите да е бесплатно. Со цел да ја промовираме оваа активност и во Република Македонија, се надеваме на поддршка од сите основни и средни училишта во Македонија. На тој начин, заедно можеме да ги промовираме компјутерските науки кај учениците, со што ќе придонесеме за нивниот развој, како и за развојот на нашата држава.

Сите информации кои не можат да се најдат на сајтот talent.mk може да ги побарате на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Ви посакуваме успех на претстојниот настан!

© 2009-2017 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.